1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Членството мора да се одработи

Невена Ангеловска20 јуни 2007

Разговори на македонскиот и на германскиот претседател, Бранко Црвенковски и Хорст Келер во Берлин

https://p.dw.com/p/Ayal
Црвенковски и КелерФотографија: MIA

Позитивна посета во клучен момент е оценката по средбите кои во Берлин ги имаше македонскиот претседател Црвенковски. Има оптимизам за членство на Македонија во НАТО и покана веќе во 2008-ма. За ЕУ ќе треба да се почека исходот од претстојниот самит на Унијата. Без нов европски договор, кој ќе ги регулира идните односи во ЕУ нема проширување, бил одговорот и на германскиот претседател Хорст Келер. За Македонија клучни прашање на сите средби била германската поддршката за интегрирање во алијансата и добивање датум за почеток на преговори со ЕУ:

"Од страна на претседателот Келер, и сите соговорници, ја слушнавме истата порака - Германија останува силен поддржувач и приврзаник на натамошното проширување и на ЕУ и на НАТО. Од нас се очекува да ги оствариме оние достигнувања и резултати на планот на реформите кои што се клучни за исполнување на критериумите. Или, со други зборови, поддршката од Германија ќе ја добиеме не како подарок туку како сатисфакција и награда за она што самите ќе го сработиме.“

Добар сигнал е и тоа што во делегацијата беше и министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски. Од кабинетот на претседателот велат - кохабитацијата на реалација влада претседател и политичкиот дијалог воопшто не биле на дневен ред на средбите. Клучни услови за патот на Македонија кон Брисел повторно стануваат реформите во судството и полицијата. Според претседателот Црвенковски многу е важно и извештајот на е ЕК наесен да биде позитивен, за да може Словенија како претседавач со ЕУ во 2008 да го отвори прашањето за добивање датум за преговори. Во случај на негативна оценка работите многу ќе се одолговлечат.

Колку евроинтегративните процеси ќе зависат само од Македонија во време кога ЕУ е сконцентрирана на внатрешните проблеми? Црвенковски настапил со свое барање: „И додека траат преговорите, за дефинирање на идниот устав или договор со кој што ќе се регулираат односите внатре во унијата, Македонија да не губи време, туку да ги почне преговорите, да ги затвора поглавјата преку постигнување договор и согласност меѓу Македонија и Брисел, така да спремно го дочекаме моментот, доколку тој се оддолжи, кога ќе биде постигнат договорот за унијата.“

За македонската делегација позитивен сигнал е добиеното уверување оти во Берлин нема дилеми дека местото на Западниот Балкан му е во ЕУ, за разлика од поделбите кои ги има по ова прашање за Турција. Само треба сериозно да се сфати и пораката дека ЕУ повеќе нема да донесува политички одлуки за членството на една земја. Тоа ќе мора да се изработи преку исполнување на поставените стандарди.