Членството во ЕУ позитивно за 58 насто македонски граѓани | Северна Македонија | DW | 25.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Членството во ЕУ позитивно за 58 насто македонски граѓани

Граѓаните во земјите кандидати за пристапување кон ЕУ и натаму сметаат дека членството би било корисно. Граѓаните на Унијата пак не се расположени за нови проширувања.

Поголемиот дел од граѓаните во Европска унија се противат на проширување на Унијата со нови членки во наредните години, додека истовремено во земјите кандидати и натаму преовладува поддршка за членство во ЕУ и уверување дека тоа би било корисно, покажува најновото истражување на Евробарометарот кое го спроведува Европската комисија.

Истражувањето, во кое беа вклучени 5 земји кандидати за членство во ЕУ, покажа дека поголемиот број граѓани во Македонија, 58 отсто, членството во ЕУ го сметаат за позитивно. 13 проценти пак велат дека тоa би било лоша работа, додека 28 насто се резервирани. Во Србија 42 насто сметаат оти членството во Унијата би било добра работа. Во Албанија дури 93 насто од учесниците во анкетата оценија дека членството би било добро, а само 1 отсто има негативен став.

Во останатите земји со статус за кандидат, членството во ЕУ позитивно го сметаат 45 насто Црногорци и 35 проценти Турци.

NO FLASH Mazedonien EU Flagge (AP)

Во самата ЕУ, меѓутоа проширувањето со нови членки во наредните години го поддржуваат 43 насто од граѓаните, а против се 45 проценти.

Гледано одделно по членки, проширувањето најголема поддршка ужива во Шпанија - 71 отсто, во Полска и во Литванија по 66 насто, во Романија - 65 проценти, во Унгарија - 62 отсто и во Хрватска - 61 насто. Најголеми противници се Финска - 64 проценти, Франција - 62 насто, Германија - 62 отсто и Австрија - 58 проценти.

Прашањето дали се за проширување на ЕУ поставено е и на граѓаните во земјите кандидати, и најмногу позитивни одговори имаше во Албанија (83 насто), по неа следат Македонија (77), Црна Гора (62), Србија (56) и Турција (36 отсто).

Прашани кој е најголемиот предизвик со кој се соочува нивната земја, најмногу граѓани во Србија, 39 насто, сметаат дека тоа е економската ситуација, по неа, со по 24 отсто, следат криминалот и растот на цените за животни трошоци. Покрај Србија, економската ситуација, со над 30 проценти, е најголема причина за згриженост на жителите на Македонија, Грција, Кипар, Албанија и Турција.

Истражувањето кое го спроведува Европската комисија е објавено на 21 декември.

Стандарниот Евробарометар за есента 2018 година е спроведен меѓу 8 и 22 ноември, а анкетирани беа 32.600 луѓе ширум ЕУ, во земјите кандидати Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија и Турција, и во непризнатата Турска република северен Кипар.

 

Реклама