Чист воздух без забрана за возење? | Економија | DW | 29.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Чист воздух без забрана за возење?

Околу 30 градоначалници дојдоа бесни во Берлин. За нивната борба против загадувањето со јаглероден диоксид во градовите до сега не видоа пари. Тоа треба да се промени.

Една милијарда евра за 2018-та и во наредните 3 до 4 последователни години слична сума. Покрај тоа лични партнери за преговори во Сојузот кои треба да помагаат во поднесувањето на барањата. Тоа е резултатот на дизел-самитот во кабинетот на канцеларката. „Од утре ќе ви стојат средства на располагање", вети Ангела Меркел по три ипол часовниот разговор со повеќе од 30 градоначалници и премиери на покраините, на кој учествуваа и повеќемина сојузни министри.

Мора да било весело на кружокот кај канцеларката. „Многу се каравме", рече градоначалникот на Штутгарт, Фриц Кун. Канцеларката дискусијата ја опише како проактивна. „Но, би рекол и дека беше многу искрено договарање кое нѐ придвижи напред и сега има многу работа што треба да се заврши."

Премногу бирократија и премалку пари

Работа со која општините сакаа да почнат уште пред недели. Пред три месеца на средба во Берлин на која учествуваше и автомобилската индустрија, им беше ветена помош од една милијарда евра. Но, парите ги немаше, а патот до нив изгледа беше поплочен со премногу администрација. „Денеска еден градоначалник ми понуди едно такво барање да пополниме заедно за да видам колку е тоа само комплицирано", вели Ангела Меркел.

За општините сега треба да има лични контакт лица во сојузот, по еден на три градови. Тие се многу повеќе од персонал ставен на располагање, ја фали иницијативата градоначалникот на Ахен, Марсел Филип. Тоа било „реализирање на духот на денешните разговори". Општините имаат потреба од помош за да може на најдобар можен начин да ги искористат субвенциите. За да се искористат разните можности и да се извади најдоброто. „Ако тоа успее онака како што денеска беше договорено, сигурен сум дека тоа ќе биде голем исчекор за големите градови во однос на промените во сообраќајните навики".

Deutschland Radfahren in Köln (picture-alliance/dpa/M. Becker)

Градовите во потрага по решенија за почист воздух

Помош и по 2018-та

За тоа секако не се доволни само една милијарда евра. „Програмата за итна помош мора да прерасне во трајна", ветува Меркел која планира субвенции и во период од три години. „Тоа политички ќе го ставиме и во преговорите за формирање нова влада". Колку пари дополнително ќе се обезбедат сѐ уште не е утврдено. Градоначалникот на Ахен, Филип, претпоставува дека „ и во следните години ќе биде слична сума ставена на располагање. На тоа денеска никој не се спротистави."

Градоначалничката на Лудвигсхафен, Ева Лозе, сепак има причина да критикува: „Тешко е на општините да им се бараат во најголемиот дел програми и сопствено финансиско учество. Тоа многу ги одолговлекува почетоците на проектите." Во колкава висина ќе биде сопственото учество на општините не е јасно. „Се разбира општините по ова прашање се на ставот дека сакаат делумно и повисоки субвенции", вели канцеларката. Но, тоа прво мора да биде расчистено на европско ниво. Посебни правила за финансиски слаби општини веќе биле предвидени.

Судиите одлучуваат во февруари

„Времето многу притиска", вели Меркел и мисли притоа на процесот пред Сојузниот управен суд во Лајпциг за можната забрана за дизел возила. Барем за тие места каде квалитетот на воздухот е лош. Проблемот го прават фината прашина и јаглеродни честички, скратено NOx, кои пред сѐ ги испуштаат постари дизел возила. Погодени од тоа се особено региони каде сообраќајот е многу густ. Проблемот многу се заострува во суви зими и топли лета.

Од 2008-ма постои Директива на ЕУ за квалитетот на воздухот и за почист воздух, која во Германија важи од 2010-та година. Според Сојузната служба во 2016-та 59% од апаратите за мерење на квалитетот на воздухот во близина на градовите покажале пречекорувања на средната годишна вредност за јаглеродните честички. Горната граница е 40 микрограми на кубик воздух. Штутгарт и Минхен минатата година двојно го пречекориле, додека во Хамбург и Келн се измерени 60 микрограми.

Acht der zehn klimaschädlichsten Kraftwerke in Deutschland werden nach Angaben der Umweltstiftung WWF mit Braunkohle befeuert (picture-alliance/dpa)

Многу загадувачи на воздухот

Ситна прашина во воздухот

Горната граница за фина прашина е исто така 40 микрограми.  Емисиите не се само од согорувањето на дизелот, туку и од триењето на гумите или испуштените гасови од индустриски погони и топлани. Од 2005-та вредноста од 50 микрограми може да биде пречекорена на максимум 35 дена во годината. 2016-та тоа се случи само во Штутгарт. Но, во Хале, Гелзенкирхен и Еслинген границата беше пречекорена на 26 дена, во Лајпциг и Тибинген на 21 ден и во Берлин-Нојкелн на 18 дена.

Дека тука нешто мора да се смени се согласни политичарите од покраинските, општинските и од сојузната власт веќе со месеци наназад. И автомобилската индустрија треба да плати. 250 милиони евра треба да биде нивниот удел во програмата за итна помош од една милијарда евра. Тоа до сега не се случи. Меѓу другото и зашто странски производители се противат да придонесат за фондот.

Може ли дизел возилата да станат еколошки?

Градоначаниците притискаат индустријата да не се става само под финансиски притисок. Општинските предлози за подобрување на воздухот кои се вртат, од техничко менување на дизел возилата кои се користат во јавниот превоз, до купување електрични автобуси или изградба на покраински станици за полнење на електрични возила во паркиралиштата, како и проширување на патеките за велосипеди, не се доволни за да се реши брзо и трајно проблемот со загадувањето на воздухот.

„Возилата за кои сите зборуваме и во плановите за субвенции, ги нема на германскиот пазар", нагласува градоначалникот на Штутгарт, Кун. „Немате во моментов целосно електричен автобус кој би бил користен во редовниот јавен превоз и не можете да најдете ни електрични возила за градскиот возен парк".Затоа автомобилската индустрија е итно повикана да ги направи дизел возилата еколошки.

И на Европската комисија ѝ е дојдено преку глава

Дали за тоа се доволни воведените апдејти на софтверот во постари дизел возила, се сомневаат од многу страни. Вредностите на мерките станици ќе покажат каква е ситуацијата, а на нив сигурно ќе се ориентира и Управниот суд во Лајпциг при носењето на одлуката за забрани во сообраќајот. Но, и тоа не е сѐ. И Европската комисија сака сега да го отвори правниот пат и да ја тужи Германија поради лошиот воздух во градовите.

 

DW.COM

Реклама