Чистка во ВМРО-ДПМНЕ: исклучени Мијалков и Тодоров, разрешени Јанчев и Богданов | Северна Македонија | DW | 22.10.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Чистка во ВМРО-ДПМНЕ: исклучени Мијалков и Тодоров, разрешени Јанчев и Богданов

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одлучи да ја исчисти својата партија од „мијалковисти“ и „реформисти“. Потпретседателот Николовски ја честиташе новата „криминална коалиција“

Поранешните високи државни и партиски функционери Сашо Мијалков и Никола Тодоров повеќе не се членови на ВМРО-ДПМНЕ. Одлуката вечерва ја донел Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Чистката на партискиот лидер Христијан Мицкоски не завршила со нив двајца. Откако во петокот од партијата експресно беа исфрлени седуммината пратеници кои го поддржаа процесот на уставни измени во Собранието, разрешени се и потпретседателот на партијата Митко Јанчев и членот на Извршниот комитет Костадин Богданов. Јанчев и Богданов му припаѓаа на реформското крило на партијата кое се залагаше за гласање против на референдумот и за компромис во Собранието во однос на Преспанскиот договор со Грција. 
Партискиот потпретседател Александар Николовски вечерва соопшти дека се одржала „историска седница на Централниот Комитет“, на која „се исчистило лошото и се избистрило доброто“. 
„ВМРО-ДПМНЕ завршува со хипотеките од минатото и продолжува напред силно и реформирано“, рече Николовски. 

Mazedonien Sasho Mijalkov Geheimdienstchef (DW/P. Stojanov)

Сашо Мијалков е исклучен од ВМРО-ДПМНЕ


Криминална коалиција 
Тој ги обвини исклучените Мијалков, Тодоров и Јанчев дека биле ударните тупаници на владата во убедувањето на седумте пратеници на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени. 
„Заради дејствување спротивно на интересите на партијата и државата, заради силна соработка со Зоран Заев и организирање на група за притисоци, уцени, закани и поткуп на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ со цел да гласаат за уставните измени со најниски методи“, образложи Николовски. Подетално, според Николовски, тројцата исклучени „им се заканувале на пратениците дека вечно ќе останат во затвор, физички им се заканувале, им нуделе и пари, а со цел да ги задржат своите привилегии“. 
„Честитки за новата криминална коалиција, Зоран Заев, Вицето и Сашо Мијалков“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ. 
Тој кажа дека по „долги години молчење во партијата се отворила искрена дебата“. Николовски рече дека партијата се прочистува од сите со криминално минато. Со чистката не е опфатен и поранешниот претседател Никола Груевски, за кого, „немало сознанија дека учествувал во обезбедувањето мнозинство во Собранието“.

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE mit Parteiführer Nikola Gruevski (Petr Stojanovski)

За Груевски немало сознанија дека учествувал во обезбедување на мнозинството

Тој побара оставки од сите осум пратеници на опозициската коалиција кои гласаа за уставните измени. Понудата на претседателот Христијан Мицкоски да му се гласа доверба на вонреден конгрес, била едногласно одбиена од ЦК. 
Во пресрет на седницата на ЦК, Мијалков се јави со изјава во која побара единство во партијата, но потсети и дека ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш била партија со прозападна ориентација. 
Митко Јанчев, кој е актуелен градоначалник на Кавадарци, предизвика бура во јавноста откако во интервју за Дојче Веле минатата недела повика на прифаќање на подадената рака за помирување од премиерот Заев и се заложи за амнестија на обвинетите за крвавиот упад во Собранието на 27 април. Во петокот од партијата беа исклучени седумте пратеници кои гласаа за уставните измени: Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Елизабета Канческа Милевска, Нола Исмаиловска, Зекир Рамчиловиќ и Емилија Александрова. 
 

DW.COM

Реклама