Крај на институционализираните измами во Чешка | Европа | DW | 11.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Европа

Крај на институционализираните измами во Чешка

На парламентарните избори во Чешка мнозинството гласаше за нов демократски почеток. Тоа ќе биде тежок потфат. Но, ова е важен сигнал за Европа, коментира Кено Верзек.

Судбински избори, избор помеѓу Запад и Исток, избор помеѓу враќање на Чешка во демократска Европа или финално престројување во насока на една Орбанова Унгарија, приклештување во железниот обрач на Русија и Кина –  вака коментираа познати либерални чешки аналитичари во пресрет на изборите, притоа не штедејќи на драматични предупредувања и патетични песимистички прогнози.

Сите оние кои, како и аналитичарите, стравуваа од најлошото во Чешка, сега може да здивнат. Исходот е поинаков од она што го прогнозираа речиси сите анкети. Контроверзниот чешки премиер Андреј Бабиш и неговата партија АНО ги загубија изборите за клучниот Претставнички дом во чешкиот парламент. Милијардерот Бабиш со години ја држеше Чешка во неизвесност со својата демагогија, бројните афери, конфликт на интереси и лаги. Пред само неколку дена, преку Пандора документите се обзнани како мамел со офшор „човек фирми“ и најверојатно перел пари. Чешката република сега гласаше за промени - изјави лидерот на либерално-конзервативната опозиција Петр Фиала. Гласаше,како што рече Фиала, за ставање крај на измамничката политика и институционализираните манипулации, за еден нов почеток заснован на чесност, транспарентност и кредибилна демократија.

Kommentarbild Keno Verseck

Кено Верзек

Ова ќе биде тежок почеток. Бабиш најави дека ќе се повлече од политиката ако изгуби на изборите, но всушност не ни помислува на тоа. Тој има и моќен сојузник кој му помага да опстане на политичката сцена: претседателот Милош Земан, некогашен жесток противник на комунистичката диктатура и чесен социјалдемократ, сега главен пријател на Русија и Кина, кој ги држи уздите на десноекстремната чешка партија и човек кому независното новинарство му е многу омразено. Земан најверојатно прво на Бабиш ќе му го даде мандатот за формирање на новата влада. Тој пак може да се обиде да одвои дел од партиите од двете опозициски коалиции Сполу (Заедно) и Пирати/СТАН, со кои по бројот на гласови би имал мнозинство. Двете опозициски коалиции категорично одбија соработка со Бабиш, но со помош од Земан тој би можел уште долги месеци да ја води државата. Ако тоа се случи, Земан, покрај Бабиш, уште еднаш ќе се покаже како трагично зло на чешката демократија.

Без оглед на сето ова, изборниот резултат од парламентарните избори во Чешка е добра вест за демократски настроената Европа. Прерано е да се прогласи крај на една епоха во централна и југоисточна Европа, која вообичаено е етикетирана како популизам, но која всушност е корумпиран авторитаризам со националистичка демагогија како идеолошка надградба. На сѐ повеќе луѓе од регионот им е преку глава од лажни ветувања од автократи како Качински, Орбан или Вучиќ, и уморни се од политичко самоволие, нетранспарентност, корупција, неодржливо владеење и немање животна перспектива. Како што се покажа сега и во Чешка.

Берлин, Брисел и Париз треба малку да си ја „чукнат“ главата: предолго на луѓе како Бабиш и Орбан им се попушташе и прогледуваше низ прсти. Сега јасно мнозинство од луѓето во Чешка реши: Доста е!