Чеховска меланхолија за Македонија | Северна Македонија | DW | 10.08.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Чеховска меланхолија за Македонија

Има многу политички и стопански актери во денешна Македонија  кои само „глумат“ дека сакааат европски вредности, а всушност многу лагодно се чувствуваат во распадот на сите вредности. Пишува Кица Колбе

Кога мислам на Македонија, често се чувствувам  како да сум во некоја драма на Чехов. Само во неговите драми е  до болка јасно опишано чувството на немоќ на  луѓето кои предолго чекаат  да се случи нешто, што од темел ќе го измени нивниот живот. Самите да го сторат тоа, тие немаат повеќе ниту смелост, ниту сила. Затоа што предолго чекаат, веќе не веруваат дека промената на подобро е воопшто можна.

Со ваква чеховска меланхолија за Македонија  ја започнав пред три години мојата  втора колумна за Дојче  веле. И денешнава  е  во истиот дух. Затоа што состојбата на немоќ и неверба во темелни реформи и по три години не е променета. Немоќта станува уште посилна заради епидемијата со Ковид – 19, поради стравот од глобална стопанска криза, поради замореноста од политичките игри на македонските партии. И денес  би  напишала дека само по неколку дена престој кај моите роднини, ме ужаснува безнадежноста во Македонија. „А замисли си како ни е нам? Ние ова лудило го живееме триесет години", ми велат и денес роднините. И тогаш и денес постојано во мене настапува филозофот. И почнувам да им нудам идеи  како, со малку труд и ум, работите можат да тргнат во добар правец. Моите идеи се од германското општество. И денес моите роднини често ми велат. „Ах, остај ти, тоа е Германија. Тоа во Македонија не може да се оствари!"

Дали  навистина  нештата кои се остварливи во Западна Европа, како демократија, образование и прогрес, не се можни  во Македонија? Не верувам дека има некоја  суштинска причина  Македонија да не може да стане модерна европска земја. Повеќе  верувам  дека има многу политички и стопански актери во денешна Македонија  кои само „глумат“ дека сакааат европски вредности, а всушност многу лагодно се чувствуваат во распадот на сите вредности. Тие самите се олицетворение на најгрдиот стереотип на Западна за Балканот. Само кога на важните функции би дошле способни, совесни и одговорни луѓе, Македонија би можела во скора иднина да стане вистински европска земја. Да се потсетиме дека  Милтон Манаки ја купил првата камера на Балканот кусо откако таа на Западот била произведена. Значи, тогаш, кога  Македонија била дел од Османското царство, филмовите кои тој ги снима со неа во Македонија,  не се разликуваат многу од тие што ги снимаат првите сопственици на филмски камери  во Западна Европа. Македонија пред педесет години  во некои нешта беше повеќе европска земја одошто е денес. Имено, имаше време кога многу европските вредности по кои денес копнеат македонските граѓани беа  обично секојдневие. 

На пример, кога со мажот ми и со други членови на моето германско семејство  разговарам за  воспитанието и образованието во училиштата, во кои на крајот на педесеттите оделе тие во  Германија и јас во Југославија, утврдуваме дека  многу нешта во програмите биле речиси идентични. И кај нив долги години по војната  првиот час во понеделник бил посветен на хигиената, здравјето и чистотата. И кај нив еднаш во годината  сите ученици оделе на систематски преглед. А еден предмет, кој ние, генерациите родени по војната, го имавме  од петтото одделение, во германските училишта се учел од иста возраст и со идентично име – домаќинство ( Haushaltslehre). Наставата беше во многу нешта слична. Учевме за основните принципи на одржувањето чистота во домот. Тоа значи, како и колку често треба да се чисти и мие подот, да се полира паркетот, да се пере облеката и покривките, да се чисти домот со правосмукалка. Разликата беше само во тоа што во школото на моите германски роднини имаше секогаш просторија со кујна, во која тие учеа да готват, да прават колачи и торта, да мијат садови. Секако, како и ние на часот по домаќинство, и тие учеа да плетат, да шијат, да везат. Но и многу други полезни нешта, кои  помагаат кај децата да се поттикне развитикот на творечките дарби.

Ако Македонија навистина никогаш не ќе може да се мери со Германија, како тогаш можело воспитанието и образованието во педесеттите и шеесеттите  во социјалистичка Југославија да има толку сличности со тоа во Германија? Затоа што во двете земји тоа се темелело  врз заедничките европски вредности. Нашите наставници во Југославија често се беа  стекнале со педагошко образование  на европските универзитети. А кога тие беа помлади, тие имаа професори со европско образование. Тие педагози се раководеа според принципите на европското образование. Затоа и јас можев на Филозофскиот факултет да слушам предавања за германската филозофија од професор што беше студирал и докторирал во  Германија – Павао - Вук Павловиќ. Тој не беше само интелектуален авторитет. Тој беше и жива икона на европската култура и европскиот стил на живот. Во тој дух не воспитуваа нашите наставници и професори, затоа што беа уверени дека  ја градат државата Македонија која  еден ден ќе  може да се мери со земји како Германија.  Се‘ до седумдесеттите, генерации  во Македонија во културата и образованието имаа само еден „репер“ – Западот. Не за да заминат таму на печалба. Туку за да го донесат Западот во Македонија.

Други колумни од авторката:

Германскиот јазик, егзилот и Аушвиц

Stolpersteine - Сопникамења, како паметење на имињата

Ладната лубеница и магијата на скопското лето

Мировната визија на Вили Брант - парадигма за македонската визија

Замислете си колку денес би била важна  настава  по домаќинство за децата кои дома секоја слободна минута ја поминуваат пред компјутерот? Колку деца без  амбиција би доживеале радост да готват заедно, да одгледуваат зеленчук во училишната градина? Што е најважно, тие деца учат од мали нозе што значи домаќинство: добра организација на активности, размена на вредности, превземање одговорност и задачи. Така се учи чувството на припадност кон заедницата. Тие  деца подоцна можеби нема да дојдат толку лесно во искушение да го украдат  огледалото од универзитетскиот тоалет. Како што тоа го чинеа подоцна,  на крајот на седумдесеттите, студентите во новата зграда на Филозофскиот факултет. Кусо време по преселбата во таа зграда,  не остана огледало во факултетските  тоалети, а во некои беа откорнати дури и лавабоата. Тоалетите во училиштата во педесеттите  беа скромни, но, чисти. Тие во модерното здание на универзитетот   многу брзо   станаа нечисти, запустени простори.

Зошто генерациите по војната се однесуваа со грижа и кон воспитанието на хигиена и чистота кај децата? Затоа што тие се идентификуваа со државата што ја градеа. Тие се чувствуваа како заедница за која беа одговорни. На тој дух на зедништво ги учеа и своите деца. Очигледно тој дух на идентификација со јавната сфера, со јавниот простор во Македонија се изгуби со текот на годините. Притоа истите луѓе, кога ќе се најдат во некоја развиена европска земја, почнуваат да се учат да го контролираат својот „балкански вандализам“ кон јавниот простор.

Има многу македонски граѓани кои во европските земји, во кои се преселиле, стекнале углед на чесни, работливи, компетентни и успешни луѓе. Секако, тие луѓе не  ја напуштиле татковината затоа што не веруваат во способноста на Македонците да се прилагодат на европските вредности. Тие биле незадоволни од  парадигмата која владее во животот на просечниот македонски граѓанин веќе три децении. Сите што ја напуштиле Македонија во потрага по работа во странство,  можеа да бидат чесни, вредни, работливи и одговорни работници доколку и во Македонија, како во западните европски општества,  владееја истите работни навики. Истиот критериум за вредност и способност. Истиот принцип за  наградување на упехот. Истата мотивација за високи дострели во својата дејност.

Тоа, пак, покажува колку е  важна рамката  во која се одвива животот во едно општество. Македонското општество веќе подолго време нема рамка која  сугерира стабилност. Рамката  во која луѓето се поставени во општеството ја определува политичкиот систем. Тој ја презентира темелната парадигма. Во мигот на осамостојувањето кај македонските граѓани имаше голема надеж и силен стремеж да изградат стабилна демократска држава. Паметам со колкава радост  моите родители  ја следеа секоја седница  на македонскиот парламент. Тие веруваа дека со заеднички сили ќе можат  да го изградат новиот повеќепартиски политички систем. Тогаш никој од вредните и одговорни македонски граѓани  не помислуваше дека политичарите можат да се корумпираат, дека тие можат да ги крадат своите граѓани. Како што  тоа денес  со леснотија го чинат некои од денешните македонски политичари, бидејќи знаат дека се неказниви.  Тогаш, 1990-та, многу  повеќе од  моќта на парите  уште се почитуваа многу  други  темелни  морални вредности. На пример, честа и достоинството. Одговорноста и  совесноста во работата. Доброто образование, науката и писменоста. Сите тие вредности  во Македонија континуирано беа деградирани и уништувани во  времето на преодот од еден политички систем во друг. Првите што ги деградираа тие вредности беа  политичарите на новото време. Тие кои се збогатија со корупцијата и криминалот, ги деградираа и критериумите во науката и образованието, културата и  културното наследство. Новите богаташи заработуваа пари  дури и со образованието, отворајќи универзитети небаре во секое село. Македонија стана земја со лошо образование, а со најголем број универзитети. Клиентелизмот царува во сите сфери на општеството. Тој первертиран систем, според кој функционира денешното македонско општество, не им дозволува на способните и одговорните македонски граѓани, во својата татковина,  да ги остварат граѓанските, политичките,  стопанските и културните вредности кои се типични за модерните западни демократски општества.

 

Реклама