Четири тешки години за Рохани | Свет | DW | 22.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Четири тешки години за Рохани

Жителите на Иран полагаат големи надежи во новоизбраниот старо-нов претседател Рохани. Нема да му биде лесно да ги исполни предизборните ветувања, особено оние кои се однесуваат на борбата против корупцијата

Успехот на умерениот ирански политичар Хасан Рохани би можел да биде важен чекор напред: во правец на натамошно отворање на оваа земја на политички и културен план, но и во правец на подобрување во областа на корумпираниот и изолиран стопански сектор. Рохани, во својот втор мандат, би требало да исполни неколку основни ветувања.
Тоа се ветувања кои го зовреа расположението во текот на дебатите водени пред изборите и кои нема да му го олеснат животот во следните четири години. Во предизборните ТВ- дебати, кандидати меѓусебно се обвинуваа за корупција, затајување данок и кражба на милијарди.

Рохани ја премина црвената линија

Сега Рохани има обврска да се избори со најголемиот проблем- корупцијата. Но, тие проблеми не се изродија во претходните четири години, ниту ќе можат да бидат решени во следните четири. Ќе биде неопходно да се смират, односно да се отстранат тензиите во односите на Иран со соседните земји, со Израел, но и со Западот. Успехот во таа насока би бил клучен за економски процут, нови работни места и повеќе странски инвестиции. Рохани во изминатите години многу се ангажираше во таа област. Сепак, не е исклучено дека тензиите меѓу Иран и Израел уште повеќе ќе се заострат.

Kommentarbild App Maryam Ansary

Марјам Ансари


Притоа, Рохани не го исполни ветувањето дека ќе се погрижи за поголема заштита на човековите права и поголема слобода на медиумите. Во предизборната кампања на таа тема тој говореше премногу агресивно и на тој начин ја премина црвената линија на Исламската република. Рече, на пример, дека луѓето повеќе не се подготвени да ги бираат оние, кои во последните 38 години не работеа ништо друго освен што потпишуваа смртни казни- асоцијација на противкандитатот Ебрахим Раеси.

Натамошни поделби

Населението сега има големи очекувања од Рохани. Конзервативните ирански радикали по изборниот пораз повторно ќе се обидат да му го отежнат мандатот. Раеси, како предизвикувач, освои 15 милиони гласови, што не е малку.
Сега Рохани треба да покаже со кои средства планира да ја тргне политичката, културната и социјалната блокада на Иран. Тој мора да покаже дека ќе се пресмета со институционализираната корупција која владее и во иранското стопанство и дека ќе го штити стопанскиот сектор од многу моќните конгломерати на Револуционерната гарда. Тој мора да покаже дека сака и може да им воведе данок на верските фондации кои се во тесна врска со највисоките центри на моќ во Иран.
Дали Рохани притоа, како и во изминатите четири години, ќе може да смета на поддршката на ајатолахот Али Хаменеи- никој не знае. Едно е сигурно: поразот на Раеси ќе го ослабне конзервативниот табор во Иран. Тоа би можело да доведе и до поделби во Револуционерната гарда. А тоа е, во најмала рака, исто толку важно како и победата на Рохани.

 

DW.COM

Реклама