Четири сценарија за излез од ќорсокакот | Северна Македонија | DW | 16.01.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Четири сценарија за излез од ќорсокакот

Додека партиите зад затворени врати ги договараат следните потези, во политички и аналитички кругови флуктуираат неколку сценарија за излез од сегашната блокада.

Неизвесно е преку какви активности ќе се бара излезот од ќорсокакот во кој одамна е влезен Договорот од Пржино, а од вчера и неформално запечатен со неизвесноста дали и кога ќе се одржат избори. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, вчера најави дека по пошироки оштествени консултации ќе ги соопшти следните чекори што ќе ги преземе партијата. И во СДСМ ситуацијата е идентична. Додека двете партии зад затворени врати ги договараат следните потези, во политички и аналитички кругови флуктуираат неколку сценарија, за кои се смета дека би можеле да водат кон излез од кризата.

Три сценарија

Според политологот Ненад Маковиќ, грешката е направена уште кога опозицијата го прифатила Договорот од Пржино, со толку кратки рокови и преамбицозно поставени цели, кои не може да се постигнат во толку кусо време. Особено, што целите поставени во него се однесуваат на системски политички карктеристики, кои се менуваат со години и децении, но никако во рок од неколку месеци.

„Сега Заев и опозицијата станаа заложници на сопствената лоша проценка. Првата лоша проценка е дека само со 'бомбите' ќе успеат да го достигнат рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ. Втората лоша проценка е прифаќањето на формат на политичка игра од типот на Договорот од Пржино.

Mazedonien Peter Van Houte

Mедијаторот Питер Ванхауте најави дека преговорите во работната група ќе продолжат

Епилогот е - сега Заев да биде единствениот кој не сака избори, свесен дека рејтинзите не се доволно блиску за политичката борба да биде воопшто интересна или неизвесна. Потпирањето на Специјалното обвинителство исто така може да се покаже како лоша тактика, а посебно по одбивањето на изборите во април“, оценува Марковиќ и посочува три сценарија:

1. Да се одржат избори без СДСМ и комплетно да се поништи целиот Договор. Тоа значи Груевски да се врати, да се врати стариот формат на Владата и да се укине Специјалното јавно обвинителство. Ова сценарио е најрадикалното.

2. Да се направат напори да се затворат, колку-толку, преостанатите отворени прашања и да се мотивира СДСМ да прифати избори. Ова ќе бара голем притисок од меѓународната заедница и големи и брзи отстапки на многу полиња.

3. Да се остават 'придобивките' на Пржино, а да се одржат избори без СДСМ. Оваа варијанта е најсигурна за Груевски. Од една страна ќе покаже добра волја да го почитува Договорот, а од друга страна ќе учествува на избори независно од противењето на Заев и СДСМ.

„Сепак, како најреално ми се чини второто сценарио. Одложување на изборите, по сѐ изгледа, не е опција во овој момент“, вели Марковиќ.

Четврто сценарио - нова влада

Лидерот на Либералната партија, Ивон Величковски, смета дека еврокомесарот Хан вчера разговорите ги водел пристрасно, но и дека грешката е направена во старт, кога на инсистирање на еврокомесарот бил фиксиран датум за избори.

„Се виде дека тоа е погрешно и затоа веќе нема основа да се третира тој пристап за решавање на кризата. Сега, лидерот на СДСМ треба да го прогласи Договорот за ништовен, да ги повлече министрите и заменици-министри од Владата и да бара формирање нова Влада“, смета Величковски.

И Јове Кекеновски, професор и член на раководството на здружението ФРОДЕМ, смета дека е „дојдено време да се размислува за некоја принудна техничка влада, која ќе создаде услови за фер и демократски избори“.

„Но, во таа Влада да не учествува никој од досегашните високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ“, потенцира Кекеновски, со став дека лидерите на овие две партии за интересираат само за лични и партиски интереси.

Аналитичарот Исмет Рамадани е уверен дека Заев е сосема во право што не прифатил избори на 24-ти април.

„Времето поминува, до тој рок не се можни никакви суштински промени. Заев треба да опстои на овој став, а САД и ЕУ да продолжат да посредуваат за излез од кризата“, потенцира Рамадани.

Комесарот Хан утринава на неговиот Твитер профил напиша: „Ги уверувам граѓаните, каква и да е конечната одлука донесена од политичките партии, ние ќе обезбедиме целосна поддршка за да се гарантираат демократски и фер избори“.

Реклама