Четврт век економско „тапкање“ на дното | Македонија | DW | 07.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Четврт век економско „тапкање“ на дното

Од распаднат систем, преку болна транзиција, до „економско чудо“ но само на хартија! Македонија за 25 години независност економски постигна малку, но пропушти многу, коментираат упатените!

„Каде сме 25 години по независноста? На почеток! Во 90-те работев во ФАС 11 октомври, склопував автобуси и земав 300 марки плата. Сега сум во Ван Хул, исто така правам автобуси и заработувам едвај 250 евра. Мизерував тогаш, мизерувам сега. Преживување од први до први во месецот“! Оваа изјава на Борче, жител на Скопје, можеби најреално отсликува колку и до каде е стигната Македонија. Ако прашате многумина, ќе слушнете дека тој имал и среќа што успеал да најде работа и да заработува. И не се далеку од реалноста. Во Македонија невработеноста е се уште рекордни 25%, а и оние што работат земаат најниска плата во Европа!

Така не беше и на почетокот, кога транзицијата произведе вистинска армија невработени, која во одреден период се искачи и на 38%. Но тоа беше и очекувано во период кога се распадна буквално се`:

„Мирисот на барут беше во непосредна близина, а впечатоците за болното раздружување со југословенската заедница неизбришливи. Сепак, Македонија, за разлика од другите југословенски републики, имаше мирно осамостојување, но проследено со низа политички, економски, социјални и безбедносни ризици, економски штети од ембарга, блокади, опструкции, закани, политички мешетарења. Го изгуби децениски познатиот пазар за своите производи, а немаше никаква стратегија, ниту знаење како да освои нови пазари. Стопанската структура беше неповолна, невработеноста и социјалните проблеми присутни, финансиската несигурност секојдневие, а девизните резерви само неколку милиони тогашни германски марки“, коментира универзитетскиот професор Мирољуб Шукаров.

Жртвување на правната држава

Дваесет и пет години сепак се сосема доволна временска дистанца за да се согледаат состојбите и да се направат анализи за стореното и испуштеното. Впечатокот што денес доминира е дека Македонија постигна многу малку од она што се очекуваше на стартот од својот самостоен развоен политички, социјален и економски живот. Фактот дека четвртина од Македонците се‘ уште живеат во сиромаштија, толкав број се без работа, а оние што ја имаат мизеруваат од први до први и се задолжуваат за да преживуваат, се поразителни податоци. Вината велат упатените е генерално кај сите, но доминантно во политиката:

„Либерализацијата на цените, отворањето на економијата и монетарното осамостојување, заедно со формалните политички реформи и создавањето политички плурализам почна да се чувствува како можност да се искористи шансата. Не за развој, туку за доминација со економијата. Шанса да се завладее и со политиката и економијата едновремено. Државата, наместо да го препушти бизнисот на бизнисмените - му стави пранги, го зароби, го стави под своја команда, го искористи како инструмент за долготрајно владеење“, смета Шукаров.

Клучниот проблем или дефект вели тој е што правната држава беше жртвувана за да се стабилизира политичката доминација во економијата.

„Формално се донесе правна регулатива која на сите меѓународни правни експерти им изгледаше како современа и демократска, но реалноста беше сосема спротивна. Политичката доминација си ги најде инструментите (судство, бирократски процедури, клиентелизам, кронизам) со кои лесно се изигруваат токму правните норми“, предупредува Шукаров.

И бизнисмените не се без вина

Во овие 25 години независност Македонија изгради институции но нивната ефикасност е сепак далеку од потребното ниво. Прегломазната и партизирана јавна администрација наместо вистински сервис на граѓаните и стопанството се претвори во заштитник на политиката:

„Немањето демократски капацитет на институциите чинеше многу уште на стартот, а и денеска гледаме дека само во дел од нив има вистински капацитет за работење. Поголемиот дел се уште немаат ниво кое е потребно за една држава да биде самостојна. Политиката има потреба од краток и брз резултат и задоволување на интереси, а многу малку од долгорочни потези и резултати кои ќе донесат поени во иднина“, предупредува бизнисменот Горан Рафајловски.

Од тие причини според него до денес се судруваме со работи со кои што не смееме да се судираме:

„По 25 години постоење немаме доволно развиена инфраструктура, немаме заокружено автоаптско поврзување на Коридорите 10 и 8. Дури сега се работи нешто и добро е што почна. Па погледнете колку е значаен аеродромот што се направи. Замислете колку ќе добиевме ако ги направевме патиштата, железницата и обезбедевме енергетски капацитет на Макеоднија. Без тие три работи нашата економија никогаш нема да се помрдне затоа што не можете да склопите приказна на висока технологија ако не сте ги завршиле основните работи“.

Во погрешните свесни или несвесни потези на политиката тој сепак не ги амнестира од одговорност ниту бизнисмените кои одиграа сопствена улога во целиот овој период:

„Бизнисот беше алчен и на стартот ги стави политичарите во подредена ситуација, а денеска имаме обратна ситуација каде политичарите се алчни а бизнисот е тотално зависен исклучиво од политиката. Бизнис заедницата се задоволи од првата акумулација на капитал мислејќи дека вечно ќе го задржат добиеното. Тие транзициони бизнисмени кои не почнаа од нула, во добар дел и ги уништија компаниите обидувајќи се да добијат богатство за себе, не сметајќи дека тоа нема да може да трае вечно. Со губење на чекорот во технологијата и индустријата, но и образованието кое се придружи на тогашниот распад и прекина да продуцира соодветни кадри, се соочивме со ситуација да немаме кадри, мајстори, имаме одлив на мозоци“, предупредува Рафајловски.

Ако целиот мозаик се надополни со политиката на купување социјален мир за сметка на развојот, како доминантна карактеристика на секој годишен буџет на земјата, тогаш не е за чудење ниту податокот дека за седум години економијата пораснала само за 15%, а јавниот долг дури за 100%. Многумина предупредуваат дека Македонија во добар дел го плаќа цехот и на макроекономската политика која испорачува ниска инфлација, стабилна валута, но не и услови за брз развој:

„Монетарната стратегија на таргетирање на девизниот курс која е на сила од октомври 1995 година се применува главно во мали и отворени економии и е најпогодна за макроекономска стабилност. Македонија е школски пример и со примена на оваа стратегија постигна извонредни резултати во постигнувањето и одржувањето на макроекономската стабилност. Но најголемиот број релевантни научници се согласуваат дека ако оваа стратегија се применува на долг рок, после првичните резултати почнува да делува негативно, на тој начин што го гуши економскиот раст“, смета Љубе Трпески, универзитетски професор и поранешен гувернер.

Креаторите на политиката според него не се подготвени да направат промени и да ја заменат монетарната стратегија на де факто фиксен курс со некоја друга монетарна стратегија од прагматични причини:

„Таа промена на краток рок ќе им носи негативни поени кај гласачите. На тој начин Македонија е лишена од еден важен инструмет, девизниот курс, да се користи како алатка за зголемување на извозо, а со тоа и зголемување на економскиот раст, како што тоа го прават голем број земји“, смета Трпески.

Пораст на јавниот долг

Владата и нејзините институции, општините и јавните претпријатија денес должат два пати повеќе пари отколку во 2008 година. Или само за неполни десет години јавниот долг во пари се зголеми речиси за три милијарди евра и достигна 4,7 милијарди евра. Анализите покажуваат дека најголем дел од овие пари се потрошени за социјален мир, а многу малку или речиси ништо за поттикнување на економскиот развој на државата. Наспроти предупредувањата од сите реномирани меѓународни финансиски институции власта упорно гази и со уште поекспанзивна политика веќе ја позиционира земјата во опасната зона на задолженост во висина од 50% БДП. Така барем покажуваат статистичките податоци на државните институции чии бројки од ден на ден се менуваат кон полошо. Обичниот граѓанин и натаму се бори да преживее и го сонува сонот за Европа и тамошниот стандард, ако не да го живее, тогаш барем приближно да може и да го почувствува.

DW.COM

Реклама