1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црн ден за Полска

Бартош Дудек
15 јануари 2019

Градоначалникот на Гдањск, Павел Адамович, беше лидер на либералниот камп. Неговата смрт е последно предупредување. Омразата и поделбите мора да престанат, а полската десница мора да се вразуми, смета Бартош Дудек.

https://p.dw.com/p/3BYv1
Charity Foundation Polen Pawel Adamowicz  PK
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Supernak

Црн ден за полската историја. И тоа токму во Гдањск, каде започна мирната демонтажа на комунизмот во Европа. И тоа токму за време на хуманитарен настан, кој требаше да ги обедини луѓето преку партиските граници. И тоа токму еден политичар, кој повеќе од 20 години го предводеше градот и пред кусо време повторно беше избран на функцијата. И сето тоа во една земја, која со право беше горда на тоа што во нејзината историја никогаш немало убиства на кралеви, а единственото политичко убиство - она на претседателот Габриел Нарутович се случи пред повеќе од 100 години. Кошмар.
Ништо не менува тоа што атентаторот имал криминално минато и очигледно страдал од психички болести: неговото признание на самото место на убиството не остава никаква дилема дека убиството има политичка заднина. Политичката одговорност за оваа смрт е кај сите оние кои во политиката не се залагаат за компромис и дијалог, туку за поделби и конфликти.

Омразен меѓу десните популисти

Dudek Bartosz Kommentarbild App
Бартош Дудек

Павел Адамович беше водечка личност во либералното општество и им беше трн в око на десните популисти и националистите. Тој храбро се залагаше за прием на бегалци и им нудеше место во неговиот град. Беше прв градоначалник во Полска кој формираше тело за советување на странци. А откако национално-конзервативната влада во 2016 одби да го слави јубилејот на Уставниот суд, тој самиот организираше прослава во Гдањск.

Во последниве години, популарниот политичар (кој не е дел од ниту една партија од 2015 година) стана цел на кампања на медиумите блиски до владата, кои го обвинуваа Адамович за корупција. Нивната политичка цел доживеа неуспех: во ноември 2018 Адамович по шести пат едноподруго беше избран за градоначалник на Гдањск.

Тоа беше типична пркосна реакција на граѓаните во овој либерален и отворен град. Сепак, Адамович беше стилизиран како омразена фигура. Трагичната разврска на оваа кампања сепак се случи.
Смртта на полскиот политичар е предупредување и веројатно и последниот аларм за Полска и Европа. Поделбите и омразата веќе не смеат да бидат основа на политиката. Мора да почнат да се почитуваат поинаквите политички мислења и да се прават компромиси. Националната жалост за Адамович ќе треба да ги вразуми и полските популисти.