Црна Гора: протестите се потврда за демократскиот капацитет на земјата | Свет | DW | 14.02.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Црна Гора: протестите се потврда за демократскиот капацитет на земјата

Се` додека протестите против Законот за слобода на вероисповед се мирни, никој нема право да ги спречува, вели црногорскиот министер за култура Александар Богдановиќ, додавајќи - „Законот ќе биде спроведен.“

Дојче веле: господине Богдановиќ, во Црна Гора со недели траат протести против новиот Закон за слобода на вероисповед. Од неговото усвојување на крајот на декември, десетици илјади свештеници, верници и приврзеници на Српската православна црква излегуваат на улици и бараат негово укинување. Дали тоа Ви предизвикува нервоза? Како е во владата?

Александар Богдановиќ: Пред се‘ морам да кажам дека актуелните протести го потврдуваат демократскиот капацитет на Црна Гора. Верските заедници, неколку политички партии и дел од населението имаат право јавно да го изразат незадоволството и се‘ додека овие протести се мирни, имаат полно право никој, а најмалку владата, да не ги спречува во тоа.

Но од друга страна, ние мораме да го направиме она што пред нас го направија речиси сите европски земји, а тоа е да ја вклопиме црквата во системот и да ги регулираме прашањата на кои се однесува законот за верски слободи. Ставот на црногорската влада е јасен: Законот за слобода на вероисповед, кој како и сите други закони е изгласан и стапи во сила, ќе биде спроведен. Ние гарантираме дека правата на ниедна страна на која се однесува новиот закон нема да бидат повредени на никој начин. Законот не е усмерен ни против СПЦ ниту против други верски заедници. Главното прашање е – зошто  Српската православна црква до денес одбива да се регистрира во Црна Гора?

Ние едноставно сакаме да го замениме стариот закон, донесен во 1977 година, со помодерен закон, кој е во склад со европските стандарди. Видовме дека Венецијанската комисија (советодавно тело во Советот на Европа, н.з.) го поддржа овој закон. Мислиме дека тој ќе донесе подобрување за сите граѓани на Црна Гора. 

ДВ: Но дали верувате дека апсењето новинари во тек на протестна акција придонесе за смирување на ситуацијата?

Сакавме да покажеме дека законите на нашата земја мора да се почитуваат. Ако се вршат кривични дела, државата мора да интервенира. И сакам да нагласам дека со новиот закон двете верски заедници (Црногорската православна црква и СПЦ) и нивните верници можат и натаму да располагаат со своите цркви, исто како и досега. Тука нема никаква дилема. Ние сме секуларна држава и ги почитуваме правата на верска слобода на своите граѓани. Меѓутоа, таа слобода и правото на заштита на сопственост се две различни теми. Мораме да ги регулираме имотните односи, така што ќе ја разјасниме фактичката состојба и ќе провериме дали нешто е направено на незаконски начин.

ДВ: Црногорската влада сепак има законска обврска да ги штити новинарите и нивните извори и јавно се залага за слобода на медиумите и мислењето. Како во тоа се вклопуваат најновите апсења?

Сакавме да создадеме нов механизам преку Законот за медиуми и новите законски одредби, кои во форма на нацрт се усвоени од владата и за кои наскоро ќе се расправа во парламентот. Неодговорните содржини во дел од медиумите во посебно напната ситуација, засновани врз лажни вести и манипулации, го загрозуваат општествениот мир. Мораме против тоа да преземеме неопходни мерки. Ако некои медиуми свесно се обидуваат да шират паника и немир, на пример со пренесување лажни изјави на странски дипломат, тогаш тоа сигурно не е одговарен пристап кон темата. Државата мора да реагира на такви кривични дела според закон.

Montenegro Proteste gegen umstrittenes Kirchengesetz in Podgoria (picture-alliance/AA/M. Vujovic)

Протести во Подгорица против Законот за слобода на вероисповед

ДВ: Разликите меѓу Црногорците и Србите се исто така контроверзно прашање. Дел од тоа прашање е и заедничкиот јазик, кој се нарекува со различни имиња. Дали така се јакне културниот и политичкиот идентитет?

Црногорскиот јазик е официјален јазик во Црна Гора. Во официјална употреба се и српски, босански, хрватски и албански. Значаен дел од населението зборува црногорски и верувам дека тука нема никакви контроверзи. Како што знаете, распадот на бивша Југославија покрена бројни лингвистички промени во регионот. Јазикот кој некогаш се нарекуваше српскохрватски прво беше преименуван во Србија и сега официјално се вика српски. Потоа јазикот во Хрватска официјално беше наречен хрватски. На крајот тој ист јазик во Босна и Херцеговина официјално е наречен босански. Верувам дека Црна Гора има исто објективно право својот јазик да го нарекува црногорски, како официјален јазик покрај оние четирите кои претходно ги споменав. Една суверена држава и нејзиното население имаат право сами да го одредат јазикот, исто како и други земји во регионот.

ДВ: Господине министре, неодамна изјавивте дека луѓе постојано се доселуваат од Србија во Црна Гора. Велите дека нивниот број е трикратно зголемен во последните 20 години. Какви се последиците?

Во Црна Гора доаѓа голем број луѓе од цел регион, не само од Србија, а за тоа постојат различни причини. Најголем дел бараат работа во туризмот или градежната индустрија. Се чини дека не се незадоволни од животот во Црна Гора. Граѓаните на Србија и други држави отсекогаш биле добредојдени во Црна Гора. Тоа нема да се промени. Што се однесува на Вашето прашање, тука не станува збор само за имиграција. Се работи главно за граѓани на Црна Гора кои во текот на пописот на населението се изјаснуваат како Срби. Такви луѓе навистина има повеќе отколку во 1990-те години или порано. Но, наводното загрозување на српското население е обична пропаганда која ја шират одредени политички групи и медиуми. Никој на Србите во Црна Гора нема да им рече дека овде нема место за нив, ниту на било кои други луѓе во нашата земја, без оглед на потеклото. Црногорците, за жал, можеа да чујат такви пораки во текот на последните недели во регионот.

ДВ: Како ја оценувате позицијата на албанското малцинство и неговата застапеност во политиката?

Припадниците на албанското малцинство, исто како и сите други народи, се рамноправни и подеднакво ценети во црногорското општество. Ние имаме полна доверба во концептот на цивилно општество. Претставници на албанското малцинство се традиционално застапени во црногорската влада и ние сме многу горди на тоа. Тоа е потврда дека албанското малцинство ги признава сите вредности на денешното црногорско општество и дава значаен придонес. Црна Гора е мултикултурна, мултиетничка, мултиконфесионална земја. Тие вредности за нас имаат големо значење. Покрај тоа можам да кажам дека Албанија и Црна Гора имаат исклучително добри дипломатски односи.

 

Поврзана содржина

Реклама