Црна Гора: Крај на ерата на Ѓукановиќ? | Свет | DW | 15.10.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Црна Гора: Крај на ерата на Ѓукановиќ?

Парламентарните избори во Црна Гора би можеле да значат промена на власта во земјата. Можно е опозициските партии да добијат доволен број гласови за формирање нова влада врз база на широка коалиција.

Montenegro Parlament Premierminister Milo Djukanovic (picture-alliance/dpa/B. Pejovic)

Ќе замине ли Ѓукановиќ од власт?

Во година кога Демократската партија на социјалистите, ДПС, слави 25 години на власт, во Црна Гора се одржуваат десеттите парламентарни избори (16.10.2016) од воведувањето на повеќепартискиот систем, а четврти од нејзината независност. За разлика од претходните, ДПС сега настапува самостојно. „Покрај тоа што ДПС првпат од средината на 90-те години настапува самостојно на избори, главна одлика е фактот што премиерот е турнат во прв план. Во кампањата не се гледа речиси никој од останатите челници, што може да покажува недостиг на кадри, а можеби и желба на Мило Ѓукановиќ да покаже дека сам ги добил изборите“, вели за Дојче веле Самир Кајошевиќ, политички новинар од дневникот „Вијести“.

Опозиција собрана во коалиции

Од друга страна, најголем дел од опозицијата настапува собран во сојузи. Доминира од порано познатиот Демократски фронт, ДФ, со скапа и занимлива изборна кампања во текот на која е забранет еден нивен спот во кој Ѓукановиќ беше опишан како „глава на корупцијата во Црна Гора“. „Новата“ понуда ја сочинува Големата коалиција Клуч, составена од Демос на Миодраг Лекиќ, кој порано се одвои од ДФ, Социјалистичката народна партија, СНП на Срѓан Милиќ и Обединети реформски акции, УРА на Жарко Ракичевиќ. „За разлика од претходните избори, опозиционите партии овојпат одлично реагираа и се собраа во коалиции, намалувајќи ја можноста за осипување на опозициските гласови“, смета Кајошевиќ.

Исклучок прават Демократите на младиот Алекса Бечиќ, кои се одвоија од СНП пред две години и решија на избори да одат сами, со цел да се истакнат во однос на останатата опозиција. Во меѓупросторот орбитира Социјаледмократската партија, веќе две децении партнер во власта на ДПС, која во јануари ја напушти владата и премина на за неа непознат терен, во опозиција. Иако нејзиниот челник Ранко Кривокапиќ, а и дел од јавноста, очекуваше дека тој ќе го зеземе местото на опозициски лидер, СДП се најде изолирана и принудена првпат самостојно да оди на избори. 

На изборите учествува и досегашната опозициска партија Позитивна Црна Гора, благодарејќи на која на почетокот на годината беше изгласана недоверба на владата, откако ја напушти СДП. Иако идеална да ја замени улогата која ја имаше партијата на Ранко Кривокапиќ во одржувањето на ДПС на власт, Позитивна Црна Гора веќе ни ги изневери своите гласачи. Сличен предизвик стои пред социјалдемократите, СД, партија која ја сочинуваат бивши членови на СДП. Ако сепак го преминат цензусот, нема сомнеж дека Позитивна Црна Гора и СД ќе му помогнат на Ѓукановиќ за да формира влада. Меѓутоа, проблем е што овие три партии привлекуваат исто бирачко тело.

„Забележувам дека се ова први избори на кои постои реална можност власта, односно ДПС, да не освои доволен број мандати“, наведува за Дојче веле аналитичарот Борис Раониќ од невладината организација Граѓанска алијанса. Тој смета дека тоа може да биде дополнителен мотив за бирачите да гласаат похомогено во намера да ја соборат или сочуваат власта на Мило Ѓукановиќ.

Можеби пресудна улога ќе играат малцинските партии, кои досега беа со премиерот. „Можно е во тој, но и во случај да остварат послаб резултат, челниците на ДПС да испратат повик до некој од опозиционерите за да формираат влада на широка коалциија. Таква влада би делувала како добар потег во очите на меѓународната заедница, иако е прашање колку би била функционална, со оглед на искуствата од владата на изборна доверба“, објаснува Кајошевиќ.

Кому му е грижа за програми

На гласачкото ливче ќе се најдат вкупно 17 изборни листи со вкупно 34 партии. Раониќ наведува дека тоа е досега најмасовна, но не и квалитативно различна понуда. Новинарот од политичката редакција на весникот Дан, Марко Вешовиќ додава дека програмите или идеологиите на партиите и онака не играат побитна улога: „Главната линија на поделба на политичката сцена е на оние кои го поддржуваат Ѓукановиќ и неговиот модел на власт и оние кои сакаат да стават крај на неговото владеење во Црна Гора. Во суштина, тоа е избор со кој граѓаните се соочуваат веќе со децении“. Вешовиќ го дефинира „моделот на владеење“ како неолиберална распродажба на државен имот и тесна спрега со организираниот криминал.

„Можно е опозициските партии да добијат доволен број гласови за формирање нова влада во Црна Гора врз база на широка коалиција. Тоа сега изгледа како најреален исход“, истакнува Вешовиќ. Неговиот колега од „Вијести“ исто така наведува таква можност, сепак свесен дека ДПС нема толку лесно да ја предаде власта. „Во случај опозицијата да биде во ситуација да формира мнозинство без ДПС, би требало да се очекува политичка криза, со која ДПС би спречила смена на власта. На тоа укажуваат настаните во Никшиќ во 2012, но и во Подгорица во 2014. година, кога беа уривани договорите за формирање влада преку ’пребег’ од опозицијата“, потсетува Кајошевиќ. 

Тешко е да се тврди нешто со сигурност, уште повеќе што не е извршено ниедно испитување на јавното мислење, што додатно ја подгрева тезата дека резултатите не се поволни за власта.

 

DW.COM

Реклама