Пак тој! | Северна Македонија | DW | 06.05.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Пак тој!

На Македонија ѝ недостасува мудрост на годините, смиреност на искаленост, благоприродна трпеливост и кротител на хормоналните ексцеси. Дали Црвенковски е веќе во таа фаза на политичката еволуција? Пишува Арсим Зеколи

Basque Burnt Cheesecake е мојот омилен десерт, кој обично го подготвувам барем двапати месечно. Рецептот е едноставен: Потребни ви се крем-сирење, шеќер, трунка сол и морско оревче, брашно, јајца, лимон, крем за варење. Колачот е гарантирано сочно вкусен, зависно од само еден предуслов - состојките да бидат свежи. Значи свежи јајца, не јајца во прашок. Крем сирење, не тепано или солено. Бел шеќер, никако прашок. Лимон, не лимонтуз. И на крај, крем за варење, а не павлака. Тоа е хемијата на успешниот колач.

Не треба да сме големи мајстори на малите политички кујни за да заклучиме дека свежината на состојките се подеднакво битни и во квалитетот на политичките колачи. Доволно е само да сме искрени во признавањето на фалшливоста на продуктите од кои сенешто се обидуваме да направиме вкусен десерт, за на крај да добиеме полусолен, полукисел, комплет блуткави смеси кои, како што велат Босанците, „ни куче со масло не би ги каснало”. Но празни граѓански стомаци и големи клиентечистички желудници се спремни присилно или од интерес да проголтаат секаква смеса, притоа глумејќи фасцинираност од прекрасниот вкус. Се подразбира, тегобите се неминовни, понекогаш со масовни труења, некогаш со нагон на повраќање. За на крај повторно да ни се сервира нов, ветено подобар од претходниот колач, подготвен со исти, фалшливи, хемиски заемно нетрпеливи состојки.

Вината за таа перпетуална рециклажа на исти рецепти со фалшливи состојки е споделена. Делумно поради нашата атрофирана способност за самогенерација на животно-искусени ликови, делумно на меѓународната заедница и нејзината индустријализирана хипер продукција на безлични, залижани, медиумско ботоксирани празнотии за една употреба. Ставени во такви ножици, бесполезно беше и сѐ уште е да очекуваме спонтано изникнување на самостојни, животно-искусни, домородни ликови, издигнати од пепел до пиедестал. Колонијалноста, едноставно, не трпи креативност и спонтаност.

Mazedonien Arsim Zekolli

Арсим Зеколи

Бранкојавление

Веста за Бранко-јавлението повторно ја реактуелизира таа приказна за компромитацијата на чувството за (без)вкус на меѓународните фактори и домашни тајкуни во пакетирање и поттурање на фалшливости во домашната политика. По толку промашувања, чинам дека и публиката е веќе заситена од верување на „убави очи” пред сите компромитации на кои има сведочено децении по ред – од Груевски, Јанева, па сѐ до Заев и Пендаровски. Реактуализацијата на презимето Црвенковски не би било ниту приближно од таков интерес доколку би се појавило во вакуум, лишена од споредба со наведените експерименти на бесполезноста. Па така, парадоксално, најголемите рекламери на нео-Црвенковизмот не се обичните граѓани, туку токму наведените разочарувања кои ја обесмислија поентата на промените и „надеж во младите”.

Не случајно, затоа, токму споменатите се – помалку директно, повеќе спунтовски –најгласните во критично коментирање на бранкојавлението. Проследено со обилните потсетувања за приватизацијата како maxima culpa на ерата на бранковизмот. За што, рака на срце и прст на чело, никој не може да остане рамнодушен и неспремен за каква било амнестија на неговата улога во тоа црно петно на Македонија. Но, воедно, токму по прашањето на приватизацијата како ембрион на метастазата на корупцијата се соочуваме со еден чуден и индикативен апсурд. Додека граѓаните го обвинуваат за соучесништво во грабежот на приватизацијата, еден друг фактор безмалку се потсмева на неговата – како да кажам – ситнобуржоаска наивност. Како што е примерот со фамозната депеша на Американската Амбасада, во која детално се опишува „враќањето на Црвенковски, неговата сопруга и двете деца, тинејџери, во стан од 60 квадратни метри” како шокантен пресврт преболен со помош на „неговата љубов кон квалитетното виски и кошарката”. За нас комично секако, за Црвенковски благо поразително и дури засрамувачки е што од една страна е обвинуван за големиот грабеж на столетието, додека од друга страна американските селектори бездушно го мајтапат за безмалку наивно верување дека ќе остаре во резиденцијата на Водно, одглуми „Тито без паричник” и заврши како единствениот источноевропски транзициски политичар без султански салтанати.

Парадоксите на БЦ

Но тоа не е единствениот парадокс кој го краси БЦ. Неговата непопуларност кај етничките Македонци е правопропорционална со впечатокот споделен кај сите соседи кои (колку и да се (не)согласни со неговите политики) токму Црвенковски го сметаат како најсериозниот и најавтентичниот репрезент на македонската политика, ever! Но таа позитивистичка оценка која ја имам чуено ширум регионот, е речиси редовно следена од квалификативот „во споредба со оние што го наследија”. Верувам дека на Црвенковски секако ќе му ласка тој епитет на „последниот државник”. Што не може да се каже и за неговиот апсолутен невкус во наметнување припросто мангупство и идејно шарлатанство во сопственото опкружување, генериран од потребата за хранење на грандиоманијата на егото. Црвенковски успеа во премрежијата на иди-ми-Грујо-дојди-ми-Заев да ја сочува државничката аура. Но хендикепот на неговото его, кое еднаш му пресуди, останува да виси како Дамоклов меч врз идните тимски ангажмани и селекции.

Во овие години на автократизација на политиката, на Македонија ѝ е секако насушно потребен авторитет, самогенериран, искален повеќе низ порази отколку низ победи. Секако не ѝ е потребен уште еден токсичен мачист со дигната рака во вис, опкружен со машки климаксо-хистерични groupies и препотени вулгарни женски hell angels. На Македонија ѝ недостасува мудрост на годините, смиреност на искаленост, благоприродна трпеливост и кротител на хормоналните ексцеси. Дали Црвенковски е веќе во таа фаза на политичката еволуција? Логично е да се очекува потврден одговор, иако самите години не носат зрелост и премин во зен-фаза на почитуван старешина. Но неговиот избор на соработници секако ќе биде назнака за неговата созреаност.

Други колумни од авторот:

Македонски иредентизам и сепаратизам

Тавук и Авго

Да беше само Јанша...

Мотивацијата на Црвенковски

Што се однесува до самата вест, ценев дека нејзината кредибилност може да се мери според ажурноста на демантот (очекувано до постпразничнот вторник) или отсуство на истиот. Евидентно, двосмислената штурост на ставот на неговата канцеларија, повеќе оди во прилог на потврда на ангажманот. Но да почекаме на деновите и чекорите кои ќе следат. Во меѓувреме, одговорот за мотивациите на Црвенковски можеме да ги најдеме на некои сосема други, не толку далечни адреси. Поточно, во интервјуто на неговиот политички близнак Мило Ѓукановиќ дадено за ЦГТВ пред еден месец.

Настрана што Ѓукановиќ се наоѓа во речиси идентична состојба како Црвенковски по неговата демисија. Настрана што кризата во Црна Гора има неверојатно блиски паралелни точки на сличност и болност по внатрешноидентитетските и државно-суверенистичките предизвици. Настрана што и Ѓукановиќ и Црвенковски во часот наликуваат на Мајкл Корлено во сцената „штотуку излегов, повторно ме влечат назад”. Концептуално, суштинскиот и политички најбитниот момент во беседите на Ѓукановиќ е неговата оценка, критика и предупредување за погубноста на концептот „промени по секоја цена” наметнато од меѓународната заедница. Концепт од кој се изродија груевизмот и подгрупата заевизам во Македонија, како и Кривокапиќ-Амфилохије во Црна Гора, сосе ограноците на повампирениот регионален токенизам на „поштени Албанци”.

Црвенковски секако има право сопственото искуство да го покаже како пример за последиците на таа кусогледа, погубна, рулетна авантура со „дајте нови деца”. За што многумина ќе му дадат за право. Но она што не може да го очекува како бланко поддршка е прифаќањето (или прогледувањето низ прсти) на неговите генерациски или идеолошки заблуди кои се во остар судир со современите реалности. Со својот несомнен македонизам тој може да ја пополни растечката јама на непретставителност на Македонците, растргнати меѓу авантуризмите, популизмите и безидејностите на Заев, Мицкоски, Пендаровски. Оценката за него, дадена од нему близок албански собеседник, според која „за да постигнеш договор со Бранко треба потта од грбот ти се слее низ нос, но кога ќе се договориш стои на збор до крај”, е карактерна препорака која (иако не со фанфари) ќе биде ценета и во регионот. А секако и пошироко, доколку под пошироко ги подразбираме трансатлантските центри и нивните регионални испостави.

Од човекот кој ги предупредуваше децата да не си играат со државата, не може, а да не се очекува секоја негова изјава од истите да биде пречекана како фајронт предупредување „доста си игравте”. Неговите опоненти во него сакаат да видат пензионер. Неговите поддржувачи во него љубат да препознаат македонски come back kid. Kаква и да е неговата одлука, предизвикот е во негови раце, дали се нуди како решение од минатото или пак нуди решенија за политиките му од минатото. Црвенковски сам по себе не може да биде сметан за криптонит на постоечките водства. Но, зошто тогаш неговите опоненти самото негово спомнување го сметаат како предвесник на фаталното соочување со неминовното?