“Црвените ѓаволи” со децении испишуваат фудбалска историја | Теми | DW | 31.08.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

“Црвените ѓаволи” со децении испишуваат фудбалска историја

Кајзерслаутерн - тим на светските прваци од 1954, второлигаш со богата историја и со еден од најубавите стадиони во Германија. На Бецелберг во моментов се игра второлигашки фудбал

default

Стадионот „Фриц Валтер“ во Кајзерслаутерн

Митот за “црвените ѓаволи” е одамна роден. Фудбалската легенда Фриц Валтер објаснуваше како настана прекарот: “Тоа е во врска со дресот што го носевме во сезоната 1945 / 46-та. Тогаш игравме напаѓачки фудбал кој толку воодушевуваше, што одненадеж почна да се зборува за ’црвените ѓаволи од Беценберг”.

Кајзерслаутерн многу си ја почитува традицијата - со право. Длабок печат оставија 11-темина на Валтер, генерацијата од 50-тите години со браќата Фриц и Отмар Валтер. 1951-ва, олимписки стадион Берлин:

со победата над Пројсен од Минстер со 2 спрема 1, Кајзерслаутерн стана првак на Германија. Две години подоцна реприза, тогаш во финалето на првенството на Германија беше поразен Штутгарт со 4 спрема 1.

Круна на се’ донесе 1954-та - во репрезентацијата на Германија, што стана светски првак, пет играчи беа од Кајзерслаутерн – тогашниот градоначалник дури зборуваше дека светското првенство го освои Кајзерслаутерн со шестмина резерви. Фриц и Отмар Валтер, Вернер Либрих, Вернер Колмаер и Хорст Екел се овековечени со скулптура на која се прикажани нивните глави, поставена кај западната трибина на стадионот.

Тој од 1985-та година го носи името на почесниот капитен и почесен граѓанин на Кајзерслаутерн Фриц Валтер, кој почина во 2002-ра. “Одредени луѓе велат, момчето играло само фудбал таму горе на Беценберг. Јас реков – без вас, а тука седеше Вернер Либрих, не би го постигнал сето тоа. Вернер возврати: Кинг – така ме викаа –затни ја глупавата муцка, без тебе НИЕ не ќе успеевме. Тоа ми даде сила. Сатисфакција ми е и што сега стадионот се вика Фриц Валтер, тоа беше признание од моите пријатели со кои се изборивме за успесите” - зборуваше Фриц Валтер.

На нови успеси мораше долго да се чека: 1982-ра, со победа против Реал Мадрид од 5 спрема 0, пласман во полуфинале на Купот на УЕФА, 1990-та за прв пат освоен Купот на Германија, ’91-ва шампионска титула со Карл Хајнц Фелдкамп како тренер, плус тим на годината и Штефан Кунц играч на годината. Сликата не ја помрачи ни елиминацијата од Барселона на европска сцена, ниту заминувањето на голгетерот Бруно Лабадија во Баерн.

Само пет години подоцна Кајзерслаутерн се најде во Втора лига. Но, уследи дотогаш незабележан подвиг – се врати веќе во наредната година и веднаш ја освои шампионската титула, четврта во клупската историја. Повеќе од 150 илјади луѓе ја славеа два дена. Тренерот Ото Рехагел искажа зборови на благодарност на играчите, претседателството на клубот, и пред се’ на навивачите, кои опстојаа во непоколебливата верба во својот тим.

Така остана се’ до денес, и покрај сета критика, и иако тимот пак е во второлигашко друштво. “Сега имаме просек од 32 илјади гледачи по натпревар на свој терен, продадовме околу 15 илјади претплатни билети и добивме уште 1500 нови членови на клубот – што не е токму самопосебе разбирливо кога екипата ќе испадне од прва лига. Тоа покажува дека имаме подршка од регионот на која можеме да се сметаме” – вели претседателот на Управниот одбор Арнт Јаворски.

Во Кајзерслаутерн се раскажува дека многумина ги пријавуваат за членови своите деца уште веднаш по раѓањето, додека се’ уште се врзани со мајката со папочна врвка.

Со нов тренер клубот прво се стреми кон спортска консолидација, а дури потоа цел е враќање во Бундеслигата. Оти, иднината на Кајзерслаутерн, се разира, е ѓаволска, црвена - и првокласна.

Александер Гебел