Црвените Бригади на НАТО | Свет | DW | 23.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Црвените Бригади на НАТО

Дали самракот на Меркел ќе биде запаметен само како крај на нејзината кариера или пак и како вовед во слабеењето на демо-христијанството како доминантна политичка сила во Европа? Пишува Арсим Зеколи

Во недостаток на заканите од планетата Нимуру, календарите на Маите и останати апокалиптични тревоги, колапсот на преговорите за нова влада на Германија беше пречекан како дар од ведро небо за секогаш возбудените епископи на катаклизмите кои само што не нѐ завјасале. Ден по објавувањето на веста, весниците ширум светот излетаа со тмурни наслови за крајот на ерата на Меркел, на Германија, Европската Унија и самата Европа. Во сепак реалниот свет на политиката, контрапункт на еуфоријата на паника не се реакциите на вештачки напумпан оптимизам, туку смиреното согледување на нештата во сеопфатен контекст. Па така, иако навистина има причини да се верува дека сме сведоци на крајот на ерата на Mutti, чиј историска улога и величина ја има надминато и онаа на Конрад Аденауер, тоа по никоја основа не подразбира ниту најавува лизгање на Германија во ненадминлива и неразрешлива криза, како во самата земја така и на континентот.

Самрак и процут

Бидејќи доколку има нешто што не имаат подучено историите на големите владетели, е тоа дека есента на секој партријарх навистина е проследена со зима на незадоволство, но и пролет на процут. По таа аналогија, судбината на Меркел наликува на онаа на Маргарет Тачер, ослабната од сопствените сопартијци заситени од нејзината незаменлива железна рака на стабилност. По што следеше кусата авантура со бескрвниот Џон Мејџор, и триумфот на новата левица на чело со Тони Блер. По таа аналогија, емотивната спона и потрес од крајот на едно владеење не може да се преведе во крах во најава на одредена политика, туку како нормален циклус на промени кои колку и да се болни, се сепак насушно потребни. Токму историските успеси на Меркел во цементирање на Германија како сидро на Европа сѐ – парадоксално – причините за нејзиното неминовно соочување со својата политичка смртност. Нејзината Германија сака промени, Европа и светот очекува од Германија да биде брод-знаменосец, а не сидро, спремна за чекор надвор од статус-квото на инертна стабилност. Која доколку се продолжи може да прерасне во поголема загроза отколку периодичната бура на неминовни промени.  

Промени кои ионака се случуваат независно од судбината на преговорите во Берлин, како што може да посведочи типично-ЕУ помопзната рожба на PESCO (Permanent Structured Cooperation), долго очекуваното одбранбено воено чедо на ЕУ. Договор на 23 земји членки на Унијата (без Велика Британија, Малта, Ирска, Португалија, Данска), потпишан на 13 ноември, со кој се воскреснуваат обидите за градење на заеднички одбранбени сили на Европската Унија како нус-производ од војната во Украина, заканите од Руската Федерација, непостојаноста на САД под водство на Доналд Трамп и бегалската криза. Потпишувањето на договорот е досега најконкретниот исчекор на иницијативата предводена од Германија и Франција, со подршка од Шпанија, Италија и новите членки од Источна Европа. Потфат кој не смее да се потцени, иако искуствата од минатите иницијативи и реал-политички динамики упатуваат на резерви дали исчекорот ќе прерасне во маратон.

Закана или надополнување на НАТО?

На внатрешен план допрва треба да се утврдат правците во кои ќе се одвиваат напорите за ефектуирање на договореното. Од своја страна, Германија веќе има превземено конкретни чекори преку кооптирање под команда на Бундесверот на 81 моторизирана бригада на романската армија, 4-тата бригада за брзо дејствување на чешката армија како и на две бригади на холандската армија. Со што, според одредени коментатори, Германија го имплементира Рамковниот Концепт на Нации (Framework Nation Concept) на формирање на мрежа на европски мини-армии под команда на Бундесверот. Од друга страна, Франција и Британија најавуваат спремност за зајакната ревитализација на Ланкастер Договорот од 2010. Договор кој допрва добива на значење во новонастаната состојба, со оглед на тоа што во случај на ефектуирање на Европската Армија, Франција како нејзина најмоќна армија би требала да го понесе најголемиот товар и жртва. И воедно, Британија како најмоќна национална ЕУ воена сила во рамките на НАТО би ја задржала пост-Брегзит улогата на врска помеѓу новата воена структура на континентот и старата, транс-атлантска доминација на НАТО.

Како што бива со секој нов дечко во соседството, очекувањата од новата ЕУ-армија се најблаго речено колоритни, во распон од одушевување, до скепса и подсмев. Првичната дилема секако задира во прашањето дали новата воена структура ќе биде закана или надополнување на НАТО? Позитивните реакции на НАТО според нејзиниот Генерален секретар кон формирањето на ПЕСКО беа проследени и со потсетување дека обидите за субституција или ривалство со северно-атлантската алијанса би биле "проблематични”. Од друга страна, коментарите од другата страна на Атлантикот се какофонични, но со сѐ погласна усогласеност дека пораките на Доналд Трамп за потребата на европските земји да одвојат повеќе пари за сопствената безбедност конечно се прифаќаат од членките на ЕУ. Сепак, скептичните изјави на германските министри за надворешни работи и одбрана за можноста на исполнување на бараното дво процентно покачување на буџетски средства за одбраната навестуваат дека парите – а не тенковите – остануваат коската во грлото како на НАТО, така и на новите воени сили на Унијата. Неусогласеноста на коментарите дали ЕУ армијата би била добредојдено зајакнување на НАТО и интересите на САД во Европа или пак дар од ведро небо за намерите на Путин да истата ја искористи како клин во утробата на северната алијанса укажува на тоа дека ПЕСКО е сепак сеуште во фаза на барање свое место под сонцето. А за тоа ќе треба многу дискусија меѓу самите земји членки, безброј компромиси со неприкосновеноста на НАТО и талкање во темница во однос кон Москва.

Западниот Балкан како тест-полигон

Обидите за усогласување на таков menage-a-trois помеѓу Брисел, Вашингтон и Москва даваат повод и за потсмешливост на скептиците кои на иницијативата гледаат како на уште една вежба во залудност, по теркот на еврото, но и слабеењето на мултилатералата под глобалниот наплив на нео-национализмот и форсирање на билатералата. Иако недоволно убедливи за автоматско прифаќање на таквите аргументи, искуствата со декапитацијата на ОБСЕ, Советот на Европа и самата ЕУ се доволни за здрава резерва која допрва очекува да биде побиена низ осведочена способност на европјаните да си ги надминат сопствените традиционални наклонетости за ставање евро-звездички на ревери и греење во национални поткошули. 

Овој традиционален расчекор на ЕУ помеѓу помпезната вревливост и ефективна закржлавеност сосема прикладно се сумира од Џуди Демпси (Карнеги Фондација Европа), која цени дека „потенцијалот е голем, но тие треба да испорачаат нешто” наведувајќи го како предизвик Западниот Балкан "каде НАТО се уште ги врши најтешките работи”. И навистина, токму нашиот регион може да послужи како тест полигон за новата армија и замисла– за наша среќа или неволја, подеднакво. И тоа базирано врз досегашните искуства со западните алијанси и нивните непринципелности и контрадикторности.

Искуства кои неделава сосема прецизно ги детектираше поранешниот претседател на Албанија Бујар Нишани кој во една од реакциите кон Брисел ќе им префрли на западните дипломати дека "ги каните на разговори поранешните стаљинисти, ги бркате оние кои ја срушија диктатурата (на комунизмот)”. Со својата изјава Нишани впери прст во навистина чудниот и ширум-присатен феномен на балканите, соткаен во наклонетоста на ЕУ и НАТО кон фаворизирање на регионално-национални ликови и групации познати по припадност и блиски врски со комунизмот. Површен поглед врз политичките елити низ регионот упатува на заклучок дека не станува збор за национален исклучок, туку за непишано и вкоренето "чудо на демократијата” во која западот преферира соработка со комунистичките елити, на сметка на оние кои се имаат борено против црвената диктатура. Феномен кој отпрва беше карактеристичен за ЕУ, но сега се повидливо акомодиран и во НАТО, институција која со децении важеше како браник на демократијата од едноумието на комунизмот и посебно нивните стари служби. Впечаток кој во регионот се повеќе еродира под наплив на потсмешливите коментари дека НАТО станува засолниште и дестилатор за кадрите и потомците на УДБ, КОС, додека пак оние кои предводеа во борба против комунизмот повторно се присилени да се навратат кон улогата на дисиденти во одбрана од едноумието – сега промовирано од црвените бригади на НАТО.

Пост-идеолошка конфузија

Ништо чудно за ова време на пост-идеолошката конфузија во која прагмата ја има истиснато идејата. Притоа, иако примамливо за разглабање, не станува збор за идеолошко прифаќање или приклонување на западот кон идеологијата на срп и чекан, колку за црпење и користење на искуствата на старо-новите комунистички мрежи, сочувани и експлоатирани токму од страна на западните воено-безбедносни служби во пост-воениот период. И затоа, иронијата лежи во тоа што во реалноста не се случува ништо друго сем замена на улоги за исти цели. Имено, додека националистите, анти-комунистите, клеро-десничарите беа природни сојузници на НАТО и западните служби во борбата против комунизмот за време на студената војна (по примерот на Италија, Белгија, Грција итн), денеска токму екс-комунистите пресоблечени во нео-капиталистички одори се природен над-национален сојузник на НАТО во борбата против подемот на национализмот, клерикализмот и радикалната десница ширум континентот и посебно на Балканите. И тука се крие и синдромот на сомнеж и скепса за успехот на западната политика во воведување мир и стабилност во регионот преку користење и фаворизирање лица и дружби кои ѝ не донесоа во ваква состојба. Скепса која тежи врз нашите плеќи, но не и врз стратезите на ЕУ и НАТО. Иако би требало да ги замисли и нив.

Бидејќи ништо што се создало на Балканот не поминало без да биде реплицирано и во Европа. И затоа сомнежот дали самракот на Меркел ќе биде запаметен само како крај на нејзината кариера или пак и како вовед во слабеењето на демо-христијанството како доминантна политичка сила во Европа?

DW.COM

Реклама