Ципрас ја плаќа цената за историското помирување | Македонија | DW | 17.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ципрас ја плаќа цената за историското помирување

Ќе биде огромна грешка доколку договорот во спорот за името пропадне поради противењето на националистите во Грција, оценува влијателниот германски весник „Зиддојче цајтунг“ во коментар за случувањата во Атина.

Една мала балканска земја ќе добие ново име, кое не се разликува многу од претходното, но сепак со овој пробив се отвора една нова епоха - со задоцнување од четврт век, пишува Зиддојче цајтунг во текстот под наслов „Цената за Ципрас за историското помирување“.

Весникот потсетува дека Македонија мирно се одвоила од поранешна Југославија, но имала идентитетски проблем.

„Националистичките агитатори покажуваа карти на кои нивната земја се протегаше дури до Егејот. Тоа ги разгоре стравовите во Грција за сопствениот регион Македонија. Наместо да се бара компромис, националистите од обете страни го користеа конфликтот за внатрешнополитички добивки - сѐ додека двајца премиери од новата генерација, социјалдемократот Зоран Заев во Скопје и левичарот Алексис Ципрас во Атина, се охрабрија да го пресечат Гордиевиот јазол.

Македонија во иднина ќе се вика Северна Македонија. По долга битка, уставните измени добија зелено светло во парламентот во Скопје. Школските учебници треба да се прочистат од националистичките изблици, а добрососедските односи ќе се подобруваат. Тоа треба да ѝ ги отвори вратите на НАТО и ЕУ на земјата со новото име, со што договорот ја покажува својата целосна димензија. Притоа, во последно време на Балканот, стариот конфликт помеѓу Истокот и Западот воскресна со нова маска. Македонија им припаѓа на земјите во кои рускиот претседател Владимир Путин се обидува да го зголеми своето влијание, како и во Србија и Црна Гора. Токму затоа и промената на името беше толку тешка.

Историјата треба да биде 'училиште, а не затвор', велеше сега веќе поранешниот грчки министер за надворешни работи и архитект на договорот за името, Никос Коѕијас. Мудар став. Коѕијас плати за своите заложби со министерската функција. Во Грција, договорот е толку оспоруван што Ципрас мораше да го жртвува својот министер, за да го заузда својот десничарски коалициски партнер. Тоа беше залуден напор.

Бракот, надвор од сиот разум, помеѓу левичарската Сириза и деснопопулистичките Независни Грци, по четири години заврши. Министерот за одбрана Панос Каменос тоа го најави уште во неделата.

Поради тоа, Ципрас би можел да плати висока цена за својата храброст да му стави крај на долготрајниот спор со соседот. На предвремени избори, според актуелната состојба, Ципрас не може да победи. По гласањето доверба на владата, Ципрас пред парламентот ќе го стави на гласање и Преспанскиот договор. За обете, грчкиот премиер зад кулисите си обезбеди тесно мнозинство. Во спротивно, како што веќе предупреди Ципрас, неговата земја во светот ќе стане предмет на потсмев. За тоа е во право.

Доколку пропадне договорот, пропаѓа еден голем напор за помирување, а тоа ќе биде грандиозна грешка. Овој товар потоа ќе мора да го носи и најголемата конзервативна опозициска партија Нова Демократија, која повеќе би сакала да победи на следните избори отколку да му подаде рака на Ципрас за историски компромис.“

.

DW.COM

Реклама