Ципрас: Последните метри се најтешки | Спор за името | DW | 17.05.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Спор за името

Ципрас: Последните метри се најтешки

Грчкиот премиер Алексис Ципрас откри дека доцна синоќа во Софија се одржале тајни преговори со македонскиот премиер Зоран Заев кои траеле до раните утрински часови. Уставот ќе се менува.

Премиерите Ципрас и Заев во текот на минатата ноќ во Софија имале долги разговори кои го отвориле патот до компромисот во спорот за името. Заедно со своите тимови, двајцата премиери преговарале до 3 часот утрово, иако во 10:30 минути беше закажана средба на маргините на самитот во Софија.

„Покривме голем дел од растојанието, но останува уште за покривање. Сѐ уште не сме во позиција да зборуваме за договор“, изјави попладнево Ципрас.

Повеќе: Зоран и Алексис се договориле за името, се чека на Македонија и Грција

Она што е сигурно засега е дека доколку Заев успее да постигне консензус во Македонија за решението кое го договориле со грчкиот премиер, конечниот одговор треба да падне во Преспа на почетокот на јуни.

За тогаш, имено, е закажана следната средба. Потоа би бил отворен патот за Македонија да добие датум за почеток на преговорите на Советот на ЕУ на крајот на јуни.

Ципрас на прес-конференцијата одби да говори за детали од договорот, но кажа дека дел од „реформите" ќе треба да бидат вклучени и во македонскиот Устав, односно тој ќе треба да се менува и за тоа е потребно двотретинско мнозинство.

„Има различни алтернативни идеи на маса за сите критични и отворени прашања. Сѐ уште сме на своите позиции и се обидуваме да најдеме решенија за сите прашања, без да ја минуваме црвената линија".

Повеќе: Меркел се радува на напредокот меѓу Македонија и Грција

За разлика од Заев кој најави широки консултации со политичките чинители во Македонија, Ципрас вели дека нема намера да свикува посебни состаноци на оваа тема. Секој кој е заинтересиран да дознае детали за договорот, треба да се обрати кај него, вели грчкиот премиер.

 

DW.COM