Ципрас и Заев изградија цврсти темели, ќе го издржат ли Мицотакис? | Северна Македонија | DW | 08.07.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ципрас и Заев изградија цврсти темели, ќе го издржат ли Мицотакис?

Скопје и Атина во ерата на Ципрас изградија пријателски односи и го решија деценискиот проблем со името. Ќе продолжи ли овој тренд и со власта на Мицотакис? Аналитичарите со различни ставови.

Griechenland Kyriakos Mitsotakis in Athen (picture-alliance/dpa/T. Stavrakis)

Киријакос Мицотакис го презема кормилото во Грција

Алексис Ципрас заминува, на сцена стапува Киријакос Мицотакис. Владиното кормило во Атина го презема лидерот на Нова Демократија. Десничарската партија се враќа на сцената со убедлива победа на предвремените парламентарни избори и, според освоените резултати, ќе може самостојно да формира влада. Ваквиот епилог по изборите во Грција не е изненадување, напротив - беше и очекуван по поразот кој Ципрас го претрпе на изборите за Европскиот парламент.

Но она што е неизвесно е каква ќе биде политиката на новиот грчки премиер, посебно кон северниот сосед, со кого неговиот опонент Ципрас постигна историски договор со кој е надминат деценискиот спор за името. Односот на Мицотакис кон Договорот од Преспа е добро познат во јавноста и е доминантно критички. Оттука и дилемите, дали неговото стапување на владината сцена во Атина, значи и проблем за властите во Скопје? За дел од упатените, ваквото сценарио е малку веројатно:

„Новата десничарска влада потекнува од едно традиционално политичко семејство и покрај големите заложби и разни форми на ветувања дека ќе се обидат да го смалат значењето на Договорот и евентуално поништат, во суштина сметам дека тоа нема да се случи. Пред неколку дена тој и самиот рече дека тоа е неизводливо во овој контекст, односно изводливо е доколку и другата страна реагира на сличен начин. Во политиката сѐ е можно, но засега сметам дека и новиот состав на грчкиот парламент на чело со Нова Демократија, но и нашата опозиција, која го оспорува Договорот од Преспа, ќе покажат задоволство односно еден вид скриено задоволство дека сепак проблемот е решен без жртви и без поголеми политички цени особено од страна на Атина.

Delegierte der FON-Universität in Mazedonien bei dem griechischen Ministerpräsidenten anlässlich der Nobelpreis Nominierung (Nano Ruzin)

Нано Ружин со Алексис Ципрас во Атина, 19.12.2018

Мислам дека не треба да се очекува никаква радикална промена во односите на двете држави“, коментира поранешниот амбасадор и актуелен ректор на универзитетот ФОН, Нано Ружин

Да се задржи конструктивноста

Во услови кога од кормилото на Грција заминува, според Ружин, атипичен политичар којшто се одликувал со огромна скромност визионерство и космполитизам, клучно е да се направат напори за да продолжат конструктивните односи на релација Скопје-Атина. Посебно во наредниот период кој ќе биде од клучна важност за евроинтеграцискиот процес на Македонија. а во кој Германија и Франција го имаат главниот збор:

„Во тој контекст освен ситни препукувања не верувам дека Мицотакис ќе оди на радикална варијанта. Напротив, уверен сум дека и со оваа влада премиерот Зоран Заев ќе може да одржува коректни односи и да продолжи добрососедството, особено кога геополитичкиот контекст на Грција не е баш поволен, пред сѐ заради Турција. И Грција секако е среќна што од својата северна страна има држава која сепак има позитивни односи со Атина и која може во иднина да стане членка на европското семејство. Мислам дека треба да бидеме оптимисти да се насочиме кон добрососедството и да ги подобруваме нашите билатерални односи“, смета Нано Ружин. 

Сѐ нема да оди така лесно!?

Подобрувањето на билатералните односи немаат алтернатива, но во наредниот период тие нема да зависат само од официјално Скопје. Дел од упатените предупредуваат дека со Мицотакис, работите нема да одат така лесно, пред сѐ во делот на евроинтеграциите:

„Уверливата победа на Мицотакис потврдува дека Македонија се соочува со нова реалност на јужната граница и дека сите закани кои лично лидерот на Нова Демократија ги најавуваше, дека ќе ја попречува нашата земја во сите поглавја при евентуалните преговори со ЕУ стануваат реалност. Нема сомневање дека проблемите при почетокот на преговорите со Унијата ќе следат и од Грција и од Бугарија. Со други зборови, колку да е неизвесно дека Македонија ќе добие датум за преговори во октомври, што е речиси неверојатно да се случи, меѓутоа и да дојде до тоа, ќе биде соочена со нови предизвици, нови пречки, кои ќе водат во понатамошно разбивање на националното македонско ткиво во државата“, коментира поранешниот дипломат Ристо Никовски.

Nord-Mazedonien Besuch griechische Premierminister Alexis Tsipras mit Zoran Zaev (Reuters/O. Teofilovski)

Ципрас изгради исклучително блиски односи со македонскиот премиер Заев

Поволни аспекти

Во целата констелација, за него сепак е поволно што Мицотакис е во позиција самиот да формира Влада, без во неа да вклучи партнер кој можеби би бил уште поригорозен кон македонските интереси:

„Очигледно дека Мицотакис ќе формира сам Влада, ќе може да се потпира на своите сопствени сили без да зависи од некаков коалиционен партнер што може и да биде подобро за нас, бидејќи евентуално некоја подесна и поекстремна партија може да биде уште поригорозна кон Македонија, ама во секој случај, иднината која ја навестуваат изборите за нашата земја нема да биде многу сјајна“, смета Никовски.

Затоа, смета тој, во наредниот период македонските власти не би требало да преземаат какви било чекори, посебно не во насока на конфронтација со Грција:

„Отстапките кои досега се дадени беа неверојатни, историски погрешни и повеќе од тоа нема ни теоретска можност да се оди. Според тоа, треба да се прифати новата ситуација, да се обидуваме и понатаму некои односи и можности за соработка да се развиваат побрзо што мислам дека е траен интерес и за двете земји. Меѓутоа, мислам дека во целина климата ќе биде многу позаострена, односите меѓу двете влади ќе бидат во сериозна криза и тоа ќе генерира последици кои де факто ќе нѐ одалечуваат од некакви придобивки кои беа во принцип добиени во Договорот од Преспа, кој беше капитулантски“, смета Никовски.

Повеќе:

Македонија веќе не ги возбудува Грците

Договорот со Северна Македонија „сламка за спас“ за налутените избирачи

Ципрас на македонско тло

Татко, син и ќерка политичари

Кирјакос Мицотакис доаѓа од фамилија чии ставови кон македонското прашање важат за исклучително цврсти. Тој е син на Константин Мицотакис, поранешен премиер на Грција, но и брат на Дора Бакојани, која беше министер за надворешни работи за време на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008., кога Грција стави вето на членството на Македонија. Во првото обраќање по изборната победа Кирјакос Мицотакис зборуваше за повеќе теми, но не и за Договорот од Преспа. Во јануари, кога документот се усвојуваше во грчкиот парламент, Мицотакис изјави дека тој не е никаква гаранција за европските интеграции на Македонија. Тој побара од пратениците да не гласаат за Договорот, бидејќи како што кажа, тој бил како минско поле, полн со аномалии: „Еднаш кога ќе се ратификува нема да може да се измени и затоа имате историска одговорност“, изјави Мицотакис.

Пријателите Ципрас и Заев

Во мандатот на Алексис Ципрас, македонско-грчките односи достигнаа ниво како никогаш досега. Тој изгради исклучително блиски односи со македонскиот премиер Зоран Заев, кој го покани, а овој прифати, да биде прв грчки премиер кој ја посетил Македонија. Овој настан, кој веднаш доби епитет на историски, се случи на 2 април кога Ципрас допатува во Скопје придружуван од голема владина и бизнис делегација. Двајцата премиери добија јавно признание на меѓународна сцена за храброста и визијата да го решат тридеценискиот спор за името. Беа предложени и за Нобеловата награда за мир.

DW.COM

Реклама