Ципрас игра политички покер со името на Македонија | Свет | DW | 07.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Ципрас игра политички покер со името на Македонија

Грчкиот премиер се обидува да постигне компромис со Скопје, но отпорот во неговата земја е голем, пишува весникот Ди Велт. Доколку не успее, се заканува нова нестабилност на Балканот

Опасноста, доколку преговорите околу спорот за името не завршат со успех, е голема и за Македонија и за Грција, а на Балканот во таков случај ќе му се заканува нова нестабилност, анализира во денешниот број германскиот весник Ди Велт. Ципрас речиси сигурно ќе ги загуби следните парламентарни избори во Грција, а во Македонија најголема опасност демне од враќањето на националистичките сили на власт.

„(...)Тоа што Ципрас токму во овој момент одлучи да се впушти во, за него, од внатрешно-политички аспект, високо ризичните преговори е поврзано со меѓународниот притисок кој се врши врз него. Спорот за името блокира геостратешки важни планови за Западот: членството на Македонија во НАТО и ЕУ.

(...) Алексис Ципрас, пак, има добри причини да се бори за наклонетоста на меѓународните партнери. Тој се надева дека во август, по осум години конечно ќе биде ослободен од контролата на меѓународните кредитори- и, доколку се оди како што треба, да добие и отпис на долгови. Но планот наликува на партија покер: не е воопшто сигурно дека во парламентот Ципрас ќе најде доволно сојузници за компромис за името. Дали Ципрас се пресмета?“, се прашува Ди Велт

Весникот натаму пишува за големиот отпор во грчката јавност и масовните протести во Солун и Атинaпротив компромис околу името.
„Клучното прашање сега е уште колку длабоко ќе се ангажира Ципрас за компромис или поради големиот отпор на Грците ќе одлучи дека власта му е сепак поважна, а ќе ја одложи жешката тема.

(...) Дури и да најде доволно сојузници во парламентот, на изборите во 2019 година компромисот ќе го чини многу гласови“.

„Во Брисел владее голема загриженост околу спорот за името. Таму се стравува дека и националистичките сили во Македонија повторно ќе добијат поттик и ќе ги стават под притисок демократските промени во Скопје, доколку владата во Атина не успее да протурка решение кое ќе го содржи името Македонија. 'Немирите во Македонија би можеле да се прошират и да имаат последици и за соседните држави', вели еден дипломат на ЕУ“.

BG Griechenland Mazedonien Namensstreit (Getty Images/AFP/V. Gache)

Протести во Атина на 4 февруари 2018 година

Ди Велт наведува дека целта на планираното проширување на ЕУ во следната деценија со земјите од регионот е токму желбата на Брисел да ги одржи овие земји демократски и стабилни.
„Доколку Македонија, која има кандидатски статус од 2005 година, поради спорот за името повторно не успее да започне преговори со ЕУ, тоа може да доведе до немири во Македонија. Притоа, постојат стравувања дека тоа ќе го блокира почетокот на преговорите и со другите земји од Западниот Балкан“.

„И НАТО интензивно го следи развојот околу спорот за името. Македонија по секоја цена сака да стане членка на НАТО, но Грција го спречува тоа. Од воен аспект, Македонија нема големо значење за Алијансата, но има големо симболичко значење. Затоа што Москва сака да го спречи влезот по секоја цена.

Алексис Ципрас го минимизираше значењето на протестите од викендот. Големото мнозинство Грци сфатија дека 'големите надворешно-политички проблеми не можат да се решаваат со фанатизам и нетолеранција'. Дали ќе успее да победи во партијата покер, останува да видиме“, пишува Ди Велт.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама