Ципрас: „Грција се бореше до крај“ | Свет | DW | 13.07.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Ципрас: „Грција се бореше до крај“

Грчкиот премиер Алексис Ципрас тврди дека на самитот на Еврогрупата е постигнато најдоброто можно решение за неговата земја. „Сега стоиме пред тешки одлуки“, изјави грчкиот премиер по маратонската седница во Брисел.

„Водевме правична борба до самиот крај“, изјави грчкиот премиер, според кого во преговорите со Германија и останатите држави од еврозоната околу нова програма за финансиска помош, Грција успеала да пробие редица свои барања. Конечно, прашањето за „грекзит“ припаѓа на минатотo, убеден е премиерот.

Грција во Брисел ја врати „својата загубена национална сувереност и може да стои на сопствени нозе“, рече Ципрас. Истовремено, неговата влада зад себе оставила „важно наследство за неопходните промени во Европа“.

17-часовните преговори беа тешки, стоев пред тешки одлуки, истакна Ципрас. Во спорот околу бараниот приватизациски фонд, на што инсистираше Германија, грчкиот премиер успеал да спречи „јавното богатство да биде пренесено во странство“- така, седиштето на Фондот сега ќе биде во Грција, а не во Луксембург, како што првично предложи Берлин. Грција успеа да го спречи планот за „финансиско задавување“ и за колапс на банкарскиот систем, и ја доби битката околу реструктуирањето на долговите, тврди Алексис Ципрас.

Тој е уверен оти „големо мнозинство од народот ќе ги поддржи овие напори“, најавувајќи: „Грција ќе продолжи да се бори, потребни се радикални реформи за справување со старите олигарси “.

Во наредните денови, односно до среда, грчкиот парламент мора да усвои редица реформи, пред да почнат фактичките преговори околу програмата за финансиска помош на Грција.

Атина од 2010 година се одржува со помошта на меѓународните кредитори. И покрај тоа на земјата и‘ се заканува повторно економски и финансиски колапс и излез од еврозоната. Грција минатата недела достави барање за трет пакет финансиска помош од Еврогрупата, кои за возврат поставија строги услови.

Реклама