Ципрас ги исфрли непослушните | Свет | DW | 18.07.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Ципрас ги исфрли непослушните

Грчкиот премиер Алексис Ципрас ги отпушти од Владата припадниците на левото крило на својата партија. Тие го отфрлија новиот пакет за штедење и реформи.

Отпорот во грчката владејачка коалиција против најновата програма за штедење има персонални консеквенции. Премиерот Алексис Ципрас направи реконструкција на Владата. Тој изјави дека се заменети десет членови на политичкото раководство во Атина. Меѓу нив се и министерот за енергија и екологија Панајотис Лафазанис, како и заменикот министер за социјални теми Димитрис Стратулис. Двајцата важеа за предводници на левото крило на партијата на Ципрас. Тие се спротивставија на натамошни мерки за штедење и приватизација и се залагаа за излез на Грција од еврзоната.

Покрај Лафазанис и Стратулис, од функцијата си заминуваат уште неколкумина заменици министри. Отпуштените се заменети со блиски соработници на премиерот. Важното министерство за екологија и енергија, кое мора да спроведе голем број приватизации, го презема Панос Скурлетис. Министерот за финансии Еуклид Цакалотос останува на функцијата. Во кабинетот на Ципрас останува и министерот за надворешни работи Никос Коѕиас.

Триесет и двајца пратеници од левото крило на Сириза, меѓу кои и Лафазанис и Стратулис, во четвртокот рано изутрина во парламентот во Атина гласаа против грчката програма за штедење. Освен тоа, имаше уште шестмина пратеници кои беа воздржани и еден пратеник кој не се појави на гласањето. Ципрас благодарение на гласовите од опозицијата доби согласност од парламентот за реформите од кои зависат преговорите за третиот пакет мерки за помош тежок милијарди евра.

Грчкиот премиер на своите соработници потоа им рече дека сака да ја води земјата и натаму со малцинска влада, која може да се потпира на 123 од вкупно 300 пратеници во парламентот и која би била толерирана од опозицијата. Прв приоритет, според Ципрас, е новата програма за штедење и помош. Откако тоа ќе биде до крај дефинирано, наесен би можеле да се одржат предвремени избори, се вели од владини кругови.

Реклама