1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цензура или спречување на антидемократско подбуцнување

Карла Блајкер
15 јануари 2021

Блокирањето на Твитер профилот на Доналд Трамп предизвика дискусија ширум светот за слободата на изразување и за регулирањето на социјалните мрежи. Настаните внимателно се следат и во Кина и во Русија.

https://p.dw.com/p/3nxy7
Kritik an Twitter Sperre für Donald Trump
Фотографија: Stephan Schulz/dpa/picture alliance

За многумина можеби звучеше изненадувачки тоа што канцеларката Ангела Меркел го коментираше блокирањето на налогот американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер. Таа рече оти смета дека трајната суспензија на налогот на Трамп е проблематична. Социјалните мрежи, додуша, се одговорни за тоа на нивните платформи да не се шири омраза или да се поттикнува насилство, но приватните компании не смеат да ја ограничуваат слободата на изразување на поединецот, изјави владиниот портпарол Шефен Зајберт. „Правилно е рамките за тоа да ги поставуваат државата и законодавното тело“, изјави Зајберт за новинарите.Трамп имаше речиси 90 милиони следбеници на Твитер и го користеше како своја главна комуникациска платформа.

Тешко дека постои ден кога американскиот претседател не твитна - и тоа неколку пати.Твитер го суспендираше неговиот налог откако се слушнаа гласини за обвинувања дека изјавите на Трамп ја поттикнале толпата која на 6 јануари влезе во Капитол. За време и непосредно по оваа насилна побуна, тој во своите твитови ја намалуваше сериозноста на насилството. Откако ги загуби претседателските избори во ноември, Трамп континуирано тврди, во живо и на социјалните мрежи, оти демократите се обидуваат да ја преземат власта со изборна измама - и дека патириотите Американци тоа не би требало да го дозволат.

Борба против дезинформации или политичка цензура?

За тоа што сѐ спаѓа под слобода на говор и во која мерка социјалните медиуми би требало да интервенираат - мислењата многу се разликуваат. „Мислам оти социјалните мрежи морале да се активираат“, вели Пинар Јулдирим, професор по маркетинг во бизнис училиштето Вартон на универзитетот во Пенсилвенија, за суспендирањето на налозите на Трамп и на Твитер и на Фејсбук. „Тие не можеле да седат со скрстени раце и да дозволат на нивните платформи да се врши размена на пораки која би можела да доведе до насилство.“

Повеќе:

-И Јутјуб го блокираше Трамп

-Само исклучување на Трамп од социјалните мрежи- нема да е доволно

-Конгресот го потврди изборот на Бајден, Трамп вети уредно предавање на власта

Одлуката сигурно била тешка за одговорните, вели Јилдирим, кој ја истражува политичката употреба на социјалните медиуми, во интервју за ДВ. „Тие сакаат на своите корисници да им дадат можност да се изразат.

Но, истовремено мораат да се осигураат дека комуникацијата никому не му нанесува штета и да не се оштети демократијата.“

MeWe APP
Фотографија: Jaap Arriens/NurPhoto/picture-alliance

Марк Вајнстин, основач на социјалната мрежа МиВи (MeWe), е критичен кон Твитер и Фејсбук. „Нивната цензура е сомнителна“, вели тој за ДВ. Откако за сѐ повеќе објави на претседателот Трамп на Твитер имаше предупредувања за лажни информации, на мрежата МиВи порасна бројот - токму на конзервативни корисници. На оваа платформа лажните вести или постови не се регулираат.Големите социјални мрежи „понекогаш цензурираат една работа, но и некоја друга која е многу слична и само се занимава со друга тема“. „Оваа шема фрустра милијарди луѓе ширум светот. Делува како политички мотивирана и тоа едноставно не е во ред“, вели Вајнстин.

Бурно се расправа и во Кина и во Русија

Протерувањето на Трамп од Твитер предизвика расправа во целиот свет. Во Кина, земја во која владата официјално го блокираше Твитер, веста кај некои предизвика задоволство - не затоа што американскиот претседател веќе не може да ги поттикнува своите симпатизери, туку затоа што социјалната мрежа се меша во изразувањето на мислењата на своите корисници. „Изгледа дека слободата на изразување ниту во едно општество не е на вистина неограничена. Жално е, но тоа е реалност“, напшиа Ху Ксиџин, главен уредник на кинескиот Глобал Тајмс, издание на весникот Ремним Рибао, или Кинеските народни весници, партиска гранка на Кинеската комунистичка партија. Во Русија, исто така, се води дискусија дали блокирањето на налогот на Трамп на Твитер е прашање на цензура на цензура.

Опозицискиот политичар Алексеј Навални беше еден од првите кои го коментираше ова. Суспендирањето го смета за „неприфатлив“ чин на цензура заснован на „лични политички преференци“. „Непријателите на слободата ширум светот, вклучувајќи ја и Русија, ќе го искористат овој преседан“, вели Навални. „Секој пат кога нешто треба да се блокира, тие ќе се повикаат на тоа: Ова е вообичаено во целиот свет, а и Трамп беше блокиран на Твитер.“

Но, постојат и заговорници за суспендирањето на налогот наТрамп на Твитер во Русија. Поранешниот светски шампион во шах и руски опозициски активист Гари Каспаров му противречи на Навални. Каспаров смета дека одлуката на Твитер била целосно оправдана. Изјавите на Навални за цензура се премногу едноставни и имаат врска со „недостаток на познавање на специфични карактеристики на американската политика“, смета Каспаров.