„Целосна вработеност“ во Чешка | Економија | DW | 19.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

„Целосна вработеност“ во Чешка

Економистите ја фалат политиката со која Германија излезе посилна од глобалната финансиска криза, особено во насока на вработувањата. Но, всушност Чесите се оние кои со години имаат најмала стапка на невработеност во ЕУ.

Сосем обичен ден во Млада Болеслав, чешко гратче на некои 50 километри североисточно од главниот град Прага. Секој случаен минувач личи зафатен. Овде се наоѓа локалниот индустриски лидер „Шкода АУТО", кој дава свој печат на градот. Чешкиот производител на автомобили, кој стана составен дел од германската Фолксваген групација во 1991 година, секако е меѓу најголемите работодавци во земјата и најважната компанија во смисла на брутодомашниот производ и волуменот на извоз.

Ако сакате да дознаете за чешкото чудо, не може да ја одминете компанијата „Шкода АУТО". Во седиштето на производителот на автомобили се сретнав со Бохдан Војнар, член на Бордот за човечки ресурси. Ми раскажува дека бројот на работници е пораснат за 40 проценти во изминатите осум години.

Во моментов во чешкиот автомобилски гигант има околу 35 илјади вработени, вклучително и работниците на определено време во трите фабрики во Млада Болеслав, Квасини и Врчлаби и во логистичкиот центар близу Млада Болеслав.

Национален феномен

Но, нештата не се само во „Шкода АУТО" толку сјајни, вели Војнар.

Pressefotos von Skoda (SKODA AUTO)

Бохдан Војнар

„Практично имаме целосна вработеност во земјата, не постои друг начин да се опише ситуацијата. Со месеци бројот на луѓе на одмори го надминува бројот на невработени лица."

Тоа може да е така и во други европски земји, но во Чешка најниската стапка на невработеност се одржува од 2016 година наваму - есента 2018 изнесуваше само 2,3 проценти. Податоците се во согласност со хармонизираниот начин на мерење на ЕУ, според кој за невработени лица се сметаат оние кои се работоспособни, немаат работа, а се достапни за работа и имаат преземено конкретни мерки за да дојдат до вработување.

Индустрија со здрави корени

Војнар вели дека робустниот пазар на работна сила е пред сѐ благодарение на силната индустриска основа на неговата земја и здравото јадро на добро обучени работници. Неговото мислење го дели и Хавиер Колато, експерт на Фокус Економикс за анализа и економски прогнози за Чешката Република. Тој експлицитно ја споменува силата на чешкиот производствен сектор. „Зад тој сектор и здравите резултати што ги испорачува стои автомобилската индустрија која е главен мотор на чешкиот економски раст и помогна да се стегне пазарот на трудот“, оцени Колато за ДВ.

Нема дилеми дека и странски капитал ѝ помогна на чешката економија со оглед на тоа дека пониските чешки плати им се привлечни на многу инвеститори од странство.

„Просечниот хонорар за еден час работа во земјата во 2017 беше €11.30 ($12.81), многу под нивото на ЕУ каде просекот изнесува €26.80“, вели Колато.

Infografik Tschechien EU Arbeitslosigkeit EN

Невработеност во земјите од ЕУ (во проценти)

Ниски плати не се клучни за инвеститорите

Сепак, релативно ниските плати не се главниот фактор за успехот на земјата. Платите се пониски во Бугарија, Унгарија и Полска, додека во Чешка во последно време се во пораст.

Без оглед на сѐ, чешкиот производствен сектор е поголем од кој било во ЕУ споредено со домашната економија – тука се повеќе од една третина од сите работни места на десетмилионската нација.

Но, дали работите ќе останат така розови на чешкиот пазар на работа? Традиционалната предност полека исчезнува и таа ќе биде клучна за да се пронајдат нови силни страни со цел да се осигура иден раст. Според последната студија на ОЕЦД, Чешка се соочува со голем ризик на губење работни места од автоматизацијата во ЕУ, заедно со Словачка, која исто така има тешка фабрички ориентирана економија.

Идни предизвици

Напредна роботизација и автоматизација не може да биде стопирана ни кај производителот на автомобили „Шкода АУТО", што значи дека компанијата ќе мора бргу да се адаптира на променетите околности. Бохдан Војнар вели дека производителот на автомобили во моментов е во процес на преквалификување на работниците за да ги подготви да бидат спремни за идните предизвици.

Зборувајќи за компанискиот дуален пристап за едукација, тој вели дека „Шкода АУТО" има долга традиција на ова поле. „Нашиот центар за стручна обука постои над 90 години. Ние исто така основавме и сопствен универзитет и имаме проекти за соработка со неколку странски универзитети."

„Да го применевме овој пристап на национално ниво по Кадифената револуција (мирна транзиција на моќ од еднопартискиот систем во декември 1989 година), сега ќе бевме уште повеќе ориентирани кон технолошки развој со уште поголема вредност“, вели тој.

Останува да се види до кој степен работниците ќе бидат способни да се справат со новите предизвици, вклучително и порастот на примена на роботика и вештачка интелегенција (ВИ). И дали образовниот систем може да ги обучи вистинските луѓе во вистинско време. Некои економисти имаат сомнежи во флексибилноста на националниот образовен систем. Меѓу нив е економистот Даниел Мунич од тинк-тенкот ЦЕРГЕ.

„Неразвиениот приватен сектор во земјата веројатно ќе ги преземе отпуштените работници од фабриките“, вели тој за ДВ. „И додека големата концентрација на автомобилската индустрија претставува ризик, таа исто така е и линк до модерните технологии, кои инаку тешко се усвојуваат во земјите кои немаат индустриска традиција."

Повеќе: 

Германското чудо не запира: Рекордна вработеност

Ренесанса на пазарот на труд во Европа?

Тестирање на нови полиња

Бохдан Војнар, кој исто така е дел од бордот на Конфедерација на индустријата во Чешката Република, вели дека луѓето во неговата земја секогаш биле флексибилни и отворени кон нови технологии и трендови. Компании во различни сектори покажаа извонредна способност да се соочат и адаптираат кон новите предизвици. Меѓу другите, Војнар ја спомнува чешката ИТ-компанија „Аваст“ која започнала само со двајца вработени, а сега има милиони корисници низ целиот свет. Тој додава дека е воодушевен и од ренесансата на познатата индустрија за кристални произоди, која по долгиот застој сега повторно цути, откако научи како да ја комбинира вековната традиција со модерен дизајн, побарувачка и вкусови. Компаниите во овие и други сектори имаат огромен придонес кон националното чудо со работни места или кажано со слоганот на „Шкода АУТО“ – начинот на кој тие успеаја во изминативе години е „едноставно паметно".

DW.COM

Реклама