1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Nord-Mazedonien I Coronavirus I Bildung
Фотографија: Petr Stojanovski/DW
Образование

До реформите во образованието со мали чекори

ДТЗ /ДВ
20 јануари 2021

Второто полугодие продолжува со истите мерки и протоколи за заштита од Ковид-19, но и со истите дилеми за реформите коишто беа најавени минатата година

https://p.dw.com/p/3oCH4

По завршувањето на зимскиот распуст, учениците од утре се враќаат на настава во Северна Македонија. Второто полугодие, како што најавија надлежните, продолжува со истите мерки и протоколи за заштита од Ковид-19, но и со истите дилеми со коишто заврши минатата година. А, нив ги предизвика нацрт-концепцијата за основното образование околу која се кршат копјата. Денеска е последниот ден за праќање коментари, предлози и сугестии за оваа нацрт-концепција која е поставена на веб-страницата на Министерството за образование и наука. Најголемиот дел од забелешките досега се однесуваа на тоа дека не треба да се избрзува со реформите, кои можат да имаат далекусежни последици. „Секако дека се движиме полека“, уверува министерката за образовани Мила Царовска, која најавува дека имплементирањето на концептот ќе се  спроведува етапно во наредните 6 години. 

Етапни реформи

Според Царовска, измени ќе се имплементираат само во прво и во четврто одделение во текот на наредната година, по што сукцесивно ќе се додава година по година и тоа е најблагиот пристап којшто ќе биде преземен за воведување на реформите. Царовска денеска имаше средба со директори на основни училишта од секоја општина со што продолжува широкиот консултативен процес за реформите во основно образование. Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образование и членовите на работната група овој тип на дебати ги продолжуваат и наредниот период и со наставниците и со граѓанските организации и со претставници на Академијата на науки и уметности во нашата држава. Дебати ќе бидат организирани и со други засегнати страни и други универзитетски професори коишто можеби имаат сугестии во врска со концепцијата.

Normazedonien | Mila Carovska | Bildungsministerin
Министерката за образование Мила ЦаровскаФотографија: Gov. of the Rep. of North Macedonia

-повеќе на темата: Мила Царовска за ДВ: Најголем патриотизам е да обезбедиш квалитетно образование за следните генерации

Царовска по средбата изјави дека концепцијата има широка поддршка од директорите, но дека како со секоја новина, постои само страв од непознатото којшто треба да се совлада. „Постои потреба и од интензивна обука на наставниците за да може да се прилагодат на новата концепција. Наша цел е темелно да ја подготвиме реформата која првпат се фокусира на најважното, а тоа е знаењето на децата“, вели таа. Министерката оценува дека реформата е започната навреме и со години трае овој процес кој сега мора да финишира, бидејќи секој ден доцнење е на штета на идните генерации.

Сериозна штета

Сенатот на УКИМ, пак, укажа дека на последната вонредна седница донеле одлука дека реформата треба да почне како пилот проект, дополнувајќи дека таа е првична идеја, за чие спроведување треба многу повеќе време. „Реформата на воспитанието и образованието е длабоко стратешко прашање и процес на перманентно преиспитување и валоризација на воспитно-образовната политика. Избрзаните и недоволно обмислени одлуки и решенија донесени од МОН, без јавна и ефективна дебата, можат да предизвикаат сериозна штета со далекусежни последици“, е нивниот став. На вонредната седница, сенаторите упатиле сериозни забелешки на нацрт-концепцијата за основно образование. Сметаат дека промените треба да се креираат и спроведуваат во согласност со карактеристиките на контекстот, односно условите во кои се реализираат воспитно-образовната работа, конкретните образовни потреби и реалните можности за нивно остварување.

-повеќе на темата: Основците ќе учат историја во рамки на општествените науки

Најавената реформа предизвика реакции во јавноста откако беше обелоденета идејата за спојување на дел од предметите во еден, особено спојувањето на историја и географија како еден предмет во основните училишта. Предлогот, според многумина доаѓа во чувствителен момент, кога ескалира спорот со Бугарија, токму околу историските прашања и учебниците. 

Второто полугодие со исти мерки

Министерот за здравство, Венко Филипче и министерката за образование Мила Царовска денеска на состанокот со претставниците на Сојузот на средношколци, разговараа за почетокот на второт полугодие и под какви околности ќе се одвива наставата. Наставата во второто полугодие продолжува со истите мерки и препораки, како и досега. И во второто полугодие наставата во основните и средните училишта продолжува да се одвива онлајн со исклучок на учениците од прво до трето одделение кои посетуваат настава со физичко присуство во училница, согласно капацитетите на училиштата за спроведување на планот и протоколите на Министерството за образование и наука и со одобрување од родителите.

-повеќе на темата: Македонските ученици добија „единица“ по природни науки“ и „двојка“ по математика

„Ја следиме епидемиолошката состојба и доколку следните месеци се покаже стабилизирање ќе донесеме други одлуки, но тоа ќе се случи откако ќе бидеме сигурни дека трендовите со намалување на новозаразени со ковид ќе продолжат“, рече Филипче. 
 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

гробот на Гоце Делчев

Повици за блокади и ноќни стражи, МВР апелира за воздржаност

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница