Царовска за ДВ: Детскиот и образовен додаток ќе опфати 20 пати повеќе деца | Северна Македонија | DW | 20.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Царовска за ДВ: Детскиот и образовен додаток ќе опфати 20 пати повеќе деца

Работа за социјалните случаи, образовен и детски додаток за семејствата со минимална плата. Социјалната реформа отвора перспективи за најранливите категории граѓани во Македонија.

Mazedonien Skopje - Mila Carovska, Ministerin für soziales Mazedonien im DW Interview (DW/K. Delimitov)

Мила Царовска раководи со Министерството за труд и социјална политика од 1 јуни 2017 година

Македонија да стане подобро место за живеење. Ова е фокусот на политиките на Министерството за труд и социјална политика, кое се подготвува за стартот на новиот концепт на социјална заштита. Главниот фокус ќе биде насочен на најранливите категории граѓани кои живеат во сиромашни услови. Социјалната помош драстично ќе порасне, но драстично ќе се променат и политиките во насока кон подобрување на условите на пазарот на труд. Министерката Мила Царовска во интервју за Дојче веле е оптимист дека социјалната реформа може да ја намали сиромаштијата и да ја направи Македонија подобро место за живеење: 

ДВ: Г-ѓо Царовска, која е главната цел на социјалната реформа која се очекува да стартува наредната година?

Мила Царовска: Целта на оваа реформа е да ги таргетираме најсиромашните и да донесе достоинствен живот за овие лица кои што се во овој систем на социјална заштита. Досега, социјалната заштита беше многу ниска, но исто така системот не се грижеше да ги извади сиромашните од состојбата во којашто се наоѓаа. На ниско ниво, без активација и со тоа - никогаш не се вложи навистина во овие семејства. Сега, ќе ја подигнеме социјалната помош, но паралелно со тоа ќе им обезбедиме и услуги за социјална заштита, за активација. Ќе воведеме дополнителни дневни центри за деца со попреченост, а ќе обезбедиме и можност децата да добијат детски додатоци за да можеме дополнително да инвестираме во целото семејство со цел во еден циклус или во една генерација тоа да излезе од сиромаштијата. А не да имаме трансгенерациски пренос на сиромаштијата, како што денес ни се случува. Дедото прима социјална помош и на крај внукот завршува исто така, како начин на живеење на социјална помош. Тоа не е во ред. Ниту една квалитетна социјална држава не ги држи вечно луѓето на социјална помош, туку тоа е една мрежа во којашто секој од нас може да падне и во една таква ситуација, таа е мрежа која треба да те потфати, да ти помогне и да те извлече повторно на пазарот на труд. Само со вработување можете да работите постојано на намалување на сиромаштијата во една држава.

Колку луѓе се таргетирани со оваа мерка?

Во моментов имаме околу 24.000 корисници на социјална помош. Очекуваме, со подобро таргетирање, тој процент да се зголеми и да имаме околу 30.000 домаќинства. Сите анализи, вклучително и оние на Светска банка и ММФ, покажуваат дека во Македонија социјалните трансфери опфаќаат само 19% од оние што најмногу им се потребни, односно на најсиромашните. Тоа укажува дека по сите индикатори таргетирањето е лошо, и лошо е позициониран системот на социјална заштита. Ние велиме 'Да, социјалната заштита ќе се зголеми, но ќе се зголеми и бројот на децата што се опфатени со детските и образовните додатоци'. Сега станува збор за 3.000, но ќе бидат опфатени 60 до 70.000 деца. Со тоа го зголемувате опфатот, но паралелно создавате механизми кои ги вадат луѓето од системот. Тоа значи вработување, преквалификација, доквалификација, зашто се грижите за секој поединец.

Да, но социјалната помош ќе се приближи до минималната плата..

Минималната плата сега изнесува 12.126 денари, но дополнително децата во тие семејства исто така ќе можат да примаат образовен и детски додаток. Што значи, едно семејство со една минимална плата со 2 деца ќе стигне некаде до над 15.000 денари..

Зборуваме за оние што работат и земаат минимална плата?

Да, што работат и земаат минимална плата и имаат 2 деца. Тие ќе можат да аплицираат за образовен и детски додаток и да добијат 3.300 денари плус и со тоа неговиот приход во семејството ќе биде повисок. Додека пак, истото такво семејство ако не работи ќе зема 10.600 денари месечно социјална помош. Двајца возрасни и две деца. Станува збор за 90.000 семејства со две деца кои ќе имаат право на 3.300 денари месечно додека децата се во системот на образование, односно до 18 годишна возраст.

Како ќе ги натерате социјалните случаи да почнат да работат. Нема ли да ги демотивира ова што ќе земаат социјална помош безмалку во висина на една плата?

Нема да се демотивираат луѓето, затоа што и во семејство кое зема социјална помош најработоспособното лице ќе биде активирано осум часови во денот. Нема да може да одбива работа. Веќе ги поврзавме системите на Агенцијата за вработување и Центарот за социјална работа. Тие имаат индивидуален план за социјално вклучување и индивидуален план за активација. Тие комуницираат меѓу себе за лицето да биде присутно во мерките од оперативниот план за вработување, каде што имаме преквалификација, доквалификација, која ја викаме СИМ програма за советување и менторство, за да може лицето да се насочи кон активација. Дополнително, имате бизнис сектор кој што постојано бара да вработи и квалификува одреден кадар, посебно за нискоквалификувани работни позиции и ќе мора да се вклучува лицето. Имаме и Закон за практиканство, каде во првиот период ќе бидат практиканти, а потоа да можат да се стекнат со вработување.

Зошто досега социјалните случаи не биле активни на пазарот на труд?

Во моментов толку се пасивни корисниците на социјална помош, што кога им нудите работа тие се чувствуваат дека не треба да работат. Тоа е така затоа што системот не се грижел и не ги комуницирал за да ги потсетува дека и тие имаат обврски кон државата. Затоа што кога остварувате одредени права како социјална парична помош, Вие трошите парични средства од даноци, кои ги плаќаат граѓани кои во моментов тоа можат да го прават. Но Вие имате одговорност во моментот кога ќе се стекнете со квалификација и сте во можност повторно да се вратите на пазарот на труд. Тоа е еден систем за којшто сите заедно ќе мораме да се грижиме да има што помалку злоупотреба и сите оние што имаат капацитет да работат, а примаат социјална помош, да ги понудиме на пазарот на труд и да си станат вработени.

Ќе бидат ли тие на некој начин условувани со социјалната помош, да мора да прифатат да работат?

Да, двапати ќе им се нуди и ако одбијат -  ја губат. Освен за работонеспособно лице, за кое има посебен коефициент. Дури и ако семејството ги загуби правата, тоа лице ќе продолжи да зема социјална помош само за себе. 

Колку реално ефектите од ова ќе бидат видливи и имате ли пресметка колку ќе чини годишно оваа реформа?

Очекувам на некој начин револуционерно подобрување на системот за социјална заштита, затоа што вакви трансфери досега Македонија не ни размислувала да ги има, а сега тие ќе ги исплаќаме. Во буџетот за 2019 пресметавме 2,2 милијарди денари повеќе, или околу 36 милиони евра. Како држава сме трошеле повеќе и на понебитни работи. Оваа сума не е многу ако апсолутната сиромаштија која државата уште не ја пресметува ја сведеме на минимум. Ако добро ја таргетираме и се прошири опфатот и сите овие додатоци се даваат на децата, апсолутната сиромаштија ќе ја сведеме на минимум или на нула, додека релативната би требало да падне за 1 до 2%. Очекувам институциите посветено да работат за да покажат дека освен трансферите, се добри и услугите, за полека да излегуваме од сиромаштијата.

Имате ли контакти со бизнис заедницата, како таа би ги апсорбирала овие кадри?

Постојано прашуваат. Од големи супермаркети до текстилна индустрија, сите оние компании кои имаат трудоинтензивна дејност, на кои им треба нискоквалификувана работна сила. Очекуваме дека ова ќе функционира добро и очекувам до крајот на 2019. системот да се забрза, да почне да функционира како што треба. Затоа што во првите три месеци од носењето на законот ќе треба да се изготват индивидуалните планови за активација и за вклучување. Откако тие системи ќе почнат да комуницираат на дневно ниво, ќе почнат да даваат резултати.

Како ќе стартувате, опфатот ќе биде на сите, или на одредена категорија?

Прво, ќе ги извлечеме најработоспособните, оние кои што се најкраток период во системот на социјална заштита, а потоа пополека и долгорочно невработените кои што имаат веќе генерациски преносна матрица дека социјалната помош е единствен извор на приход. Тие ќе ни одат малку подолго, но за сето ова во Македонија си даваме еден период од 5 години, во кој Светска банка и ММФ ќе нѐ следат како ја имплементираме оваа програма. Верувам дека таа навистина може да даде добри ефекти и резултати, затоа што сме мали како држава и ако системот функционира компактно меѓу себе, може бргу да се спроведе.

Дали предлог законот за практиканство е дел од оваа реформа?

Тој е плус закон којшто веќе помина на Влада и е во Собрание. Целта е на бизнис секторот да му овозможи паралелно да подготвува кадар. Не само корисници на социјална помош, туку млади луѓе кои излегуваат од факултет, или од средно образование. Вие знаете дека ние немаме посебни добри работнички универзитети и тренинг центри. Досега имаше програма за практиканство во Агенција за вработување, но парите се мали и не може сите фирми да се исплатат. Вака, се дава можност со закон лицето да биде присутно во фирмата до 6 месеци, да го обучувате, да му исплаќате одредена сума. До 3 месеци една сума, од 3 до 6 месеци е во висина на минимална плата и притоа да го обучите и потоа, ако ви одговара, да го вработите.

Целиот товар паѓа на работодавачот?

Да, на работодавачот и тоа го усогласивме со Стопанската комора, затоа што пак во моментов тие немаат законска основа за такво нешто. Но тие немаат обврска да плаќаат придонеси, туку само да го плаќаат лицето кога доаѓа на работа. Ќе можат да направат и квалификација на оние што ја поминале обуката и да ги вработат доколку сакаат, а и тие што нема да ги одберат, веќе ќе бидат поквалификувани на пазарот на труд, бидејќи научиле нешто практично.

Колку сте задоволни од ефектите со минималната плата? Синдикатите реагираат дека таа донесе повисоки минимални приходи и еден вид изедначување со останатите плати кои воопшто, или пак минимално се корегирале. Какви се Вашите анализи?

Минималната плата ги даде ефектите и во делот на просечната плата и таа опфаќа 90.000 граѓани во најниско платените сектори, во дел каде се доделуваа и плати под законскиот минимум. На почетокот имаше проблеми со усогласување на платите со минималната плата, но по барање и консултации со работодавачите и со Стопанските комори, донесовме друга програма, којашто се однесуваше на субвенционирање на раст на платите. Ние финансираме до 30% од исплатената плата и таа мерка сѐ уште тече и ќе продолжи до крајот на 2019 година. Но искористеноста на таа програма е мала, изнесува некаде околу илјада. Односно, досега само мал дел од фирмите побараа помош. Така што, таквата мерка го задоволи тоа барање и сега мислам дека платите полека растат не само во трудоинтензивните дејности, туку воопшто во сите дејности што го покажува и статистиката. 

Дел од пакетот реформи е и социјалната пензија. Колку лица таа треба да опфати?

Социјалната или државна пензија за стари лица ќе се однесува на лица со навршени 65 години коишто имаат барем еден ден стаж или помалку од 15 години, независно дали во јавен или приватен сектор. Дополнителен услов е примателите да немаат други приходи со кои се издржуваат. Нема да прашуваме дали нивните деца имаат или немаат, туку само бабата и дедото од кои приходи живеат. Таа ќе изнесува 6.000 денари месечно и ќе се исплаќа преку Центрите за социјална заштита. Очекуваме да опфати 4 до 5.000 лица, но конечната бројка ќе се утврди согласно регистрите на надлежните институции.

Силно Ве критикуваат за најавите дека веќе нема да се доделува додаток за трето дете. Зошто се укинува оваа мерка?

Додатокот за трето дете не е укината, туку таа се трансформира. За прво, второ и трето дете ќе даваме еднократни финансиски средства во висина од 5, 20, и 60.000 денари. Вака како што досега беше поставено,  додатокот за трето дете беше погрешен. И за тоа нѐ укоруваа и УНИЦЕФ и Светска банка и ММФ. Сега тие го поздравија новото законско решение и ја известија Владата дека очекуваат тоа да се усвои и да се имплементира.

Што беше проблемот досега, зошто сметате дека оваа мерка не е соодветна?

За додаток за трето дете Македонија троши две милијарди и 600 милиони денари, а додатокот не се однесува за најсиромашните. Целава оваа реформа што ја правиме нѐ чини 2,2 милијарди денари, а само за трето дете изнесува 2,6 милијарди. Но ние ќе продолжиме да ја исплаќаме уште десет години и плус ако некој зачнал денес или ќе зачне кога ќе го донесеме законот. Не го дискриминираме, туку велиме - кога ќе се породиш уште десет месеци даваме за да можат да го искористат правото уште десет години. Но од 2020 година тој додаток веќе не е потребен, затоа што наталитетот во Македонија не расте. Тоа не е социјална мерка, туку е мерка којашто е демографска, која треба да влијае на раст на наталитетот. Имала 10 години да даде ефект, но не го дала. Напротив, од 13,3 сме се спуштиле на 11.1%. Не само што не ја задржала Македонија на линијата на наталитет, туку таа паѓала, како што е впрочем и во целиот регион. Единствено расте во Словенија и нешто во Црна Гора, затоа што таму економиите растат бидејќи тие се дел од НАТО, дел од ЕУ. Семејства каде што се чувствуваат безбедно економски, каде што образованието е добро, здравствениот, социјалниот, образовниот систем е добар, таму наталитетот расте. Не расте заради 8 илјади денари, кој е тој што раѓа дете за оваа сума. Имаше голема дебата и таа трае и затоа нема да стартуваме од 1 Јануари. Но очекувам дебатата да се затвори затоа што од другата страна нема аргументација, единствено, дека мерката треба да остане. Очекувам многу бргу решението да се усвои на Влада, а потоа и во Собрание.

Колку Македонија ќе добие од отворањето на НАТО и ЕУ перспективите во Вашиот сегмент?

Сите земји кои што пристапиле во ЕУ и НАТО во периодот на подготовките добиваат многу, не само финансиска помош, туку и техничка помош. Затоа што понекогаш институциите и не знаат нешто како да сработат. Освен техничката помош, дополнително и европските финансиски фондови ќе ѝ помогнат на  Македонија да ги спроведе и да ги заврши реформите и да се прилагоди на ЕУ стандардите. Затоа сум сигурна дека со тоа ние ќе бидеме многу поквалитетна држава, системот ќе одговара на потребите на граѓаните затоа што кај нив нема политики што се паушални. Сигурна сум дека Македонија ќе биде подобро место за живеење кога ќе ги имплементираме меѓународните стандарди коишто Македонија секако треба да ги има.

Реклама