Хумор во ерата на коронавирус | Северна Македонија | DW | 08.05.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Хумор во ерата на коронавирус

Хуморот е моќна алатка во кризни времиња за задржување на менталната стабилност. Пропорционално со брановите на пандемијата од Ковид 19, вадењето на хуморот од изолација овозможува ширење на неговото лековито дејство.

Дали хуморот е на респиратор или успева да ги преживее овие неизвесни времиња? Го сретнавме актерот на Кумановскиот театар Горан Илиќ - Гиле, кој секојдневно е присутен на нултата точка на расадникот на хуморот во Куманово, пред „Скопските дуќани“.

„На овој потег овде се сади и се култивира хуморот и се шири низ цел град. Ова е нулта точка на размножување, од каде продолжува и на социјалните мрежи. Лани кога почна Ковидот, знаевме кои жени за 8 март ќе добијат најмногу цвеќе. Тоа беа оние што се вратија од патување од Италија“, се смее Гиле.

Kumanovo Mazedonien

Куманово е центар на хуморот во С. Македонија, велат кумановци

Наспроти црната реалност, „црниот хумор“ е опција како да го совладаме поотпорно ова пандемично секојдневие, вели психологот Ана Фрицханд. 

„Во психологијата хуморот се смета за една од најмоќните алатки како да се зачува менталното здравје и менталната стабилност на луѓето. Препорачлив е кога се соочуваме со ситуација на неизвесност или кога се тешки околности. Здравиот хумор е нешто што многу помага да се одржи што е можно подолго отпорноста на личноста и таа психичка стабилност која на сите ни треба во така едни неизвесни, напнати, предизвикувачки моменти, како што е впрочем и оваа пандемија“.

Гледај видео 04:09

Хуморот е лек кој се зема повеќепати дневно

Таа препорачува, комедии, шеги, вицеви како превентивна терапија за ментално здравје кое ќе треба да ни служи во овој неизвесен период.

Хуморот беше предизвик за Етнографскиот музеј во Словенија кој ја направи физичката изложба „Хумор во корона“, собирајќи вицеви на социјалните мрежи Фејсбук, Твитер и Вибер, а денес веќе ги пренесе и во виртуелниот свет преку оваа изложба. 

„Познато е дека хуморот ги спасува луѓето во вакви кризни ситуации, па затоа одлучивме да собираме вицеви кои почнаа да кружат меѓу нас побрзо од вирусот“, истакнува авторот на изложбата „Хумор во Корона", етнологот Миха Шпичек.

Slowenien Ljubljana | Ausstellung Covid Makes History in der Slowenisches Ethnographisches Museum.

Изложба за хуморот во пандемијата во Словенечкиот етнографски музеј

Поделена на шест теми: тоалет хартија, квасец, работа од дома, учење од дома, забрана за движење и одмор, вицевите на оваа изложба даваат слика на движењето на пандемијата, па тој посочува дека „по првиот бран, по јуни и јули, вицевите како да исчезнаа, од јули до септември, кога епидемијата не беше така силна, немаше ниту вицеви, како да исчезнаа. Кога се појави вториот бран и вицевите почнаа повторно да доаѓаат“.

Кумановските шеги сѐ уште не се дел од нивната збирка иако нивното лековито дејство е далеку познато и затоа тие хуморот го извадија од изолација и за него не важеше полициски час, вели актерот Илиќ.

„Терапијата од три пати дневно доза смеење како лек, бидејќи хуморот чучи во сите нас некаде и треба да се разбуди."