Хроника на еден најавен развод | Северна Македонија | DW | 04.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Хроника на еден најавен развод

Симптомите на несогласувањата во владејачката коалиција се очигледни, и јавноста ги сведочи подолго време. Кои се опциите за расплет на овие тензии? Колумна на Петар Арсовски.

Тензиите во владината коалиција помеѓу СДСМ и ДУИ одамна не се новина.  Веќе подолго време, прагматичните сопружници во овој брак од интерес покажуваат сигнали дека во нивното партнерство нешто не штима. Скриените тензии, понекогаш и јавните несогласувања, а особено заткулисните маневри, покажуваат дека во владината коалиција далеку од тоа да цветаат ружи, и мислам дека тој процес на антагонизација ќе продолжи, што од тактички, што од посуштински, стратешки, причини.  Прашањето сега е како тоа ќе се одвива и кои се опциите за расплет на овие тензии во наредниот период.

Симптомите на несогласувањата во коалицијата се очигледни, и јавноста ги сведочи подолго време. Почнувајќи од маневрите за одземањето на имунитетот на Трајко Вељановски, преку заштитата на Владимир Панчевски и Јово Вангеловски, искрите околу законот за јазиците (каде ДУИ сега се повлекува од ветувањето дека ќе го прифати мислењето на венецијанската комисија), за на крајот овие искри да завршат во веќе јавни контра потези со Уставниот суд и амнестијата на Иванов и поврзаните тензии во собранието околу изборите и седниците за ратификација на протоколот на НАТО, владините партнери покажуваат сериозна доза на нетрпеливост, па ако сакате и суштински антагонизам еден кон друг, со меѓусебни обвинувања и тајни сопки.  Дел од причините за ова однесување се политички прагматизам и тактичко позиционирање.  ДУИ не е сигурен во перформансот на СДСМ на овие избори, и седи на две столчиња, од една страна не ја расипува сегашната коалиција, но од друга страна сеуште испорачува „услуги“ за ВМРО ДПМНЕ, не сакајќи да ги загрози шансите за враќање во старата коалиција доколку изборните резултати тоа го овозможат.  СДСМ не му верува на ДУИ: тие не гледаат причина зошто оваа партија не би му го направила на сегашниот партнер истото што му го направи на претходниот партнер минатиот пат, па оттаму на секој потег одговараат со нетрпение и тензии. 

Petar Arsovski (Petar Arsovski)

Петар Арсовски, автор на колумната

Повеќе:

-На тест и владината коалиција

-Една изборна единица - голем театар

-„Метла 2“ се одлага - ДУИ го кочи планот на Заев?

ДУИ истовремено е во потрага по нов наратив и ново лидерство (во идеолошка смисла): нивниот досегашен столб на политичко делување (правата на Албанците, НАТО, и спорадично ЕУ) е потрошен, и со тоа е под прашање нивната основна матрица за постоење и делување.  Во вакуумот додека тие составуваат нова визија, интерните механизми на политички и материјален клиентелизам преземаат се поголем дел од нивната платформа, па така, во моментов, во недостаток на друга водилка, тие се целосно ориентирани на гол политички прагматизам.  Не дека за тоа имаме право да се лутиме – тоа е легитимна позиција, но таквото делување ќе ги зголеми и онака високите тензии помеѓу владините партнери.

На крајот, наведените примери се симптом, манифестација на друга, посуштинска причина за несогласувањата помеѓу СДСМ и ДУИ.  Во основа, на ДУИ суштински и политички не му одговара коалиција со социјалдемократите.  Во таа коалиција, целата влада испорачува заедничка агенда, за која заслугите се делат подеднакво, па така СДСМ пледира на сериозна бројка албански гласови (таа е во моментов трета партија кај Албанците по рејтинг, на пример), што на ДУИ не му одговара на фундаментална политичко ниво.  Стратешки, за ДУИ е коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ подобра: тие се албанофоби, и ги консолидираат албанските гласови во етничкиот кампус кон „единствениот моќен заштитник“ на националните албански интереси – во овој случај ДУИ.  Таквата позиција е за оваа партија суштински подобра.  И така, сега ДУИ е фатен во „клинч“ помеѓу нивните политички интереси, кои укажуваат дека коалиција со стариот партнер би била сепак подобра за нив, и чувствата на албанскиот електорат, кој е исклучиво против коалиција на било која албанска партија со ВМРО-ДПМНЕ.  Во таква дискрепанција помеѓу желбите и можностите,  нервозата само ќе расте, клиентелизмот ќе метастазира, а цената за тоа ќе ја плаќа коалицијата.

Други колумни од авторот:

-Не е до автомобилот

-Мерси

-Лошото дете Хуго

Истовремено, и за СДСМ, во политичка смисла, коалицијата со ДУИ е проблематична.  За критичката јавност, која е најголемиот сегашен таргет на СДСМ, и е најголемата варијабла која ја носи или ја симнува од власт оваа партија во моментов, ДУИ е сеуште симбол на претходниот систем, репрезент на неказнивост, остаток од минатото време.  Во тој дел политичката цена за ваквата коалиција е висока, бидејќи најважната целна група, по најважното прашање, е најмногу погодена од ова преќутно партнерство.  За СДСМ ова е слично како да се во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, и во смисла на потези, и во смисла на политичка цена.

Оттаму, не треба да се очекува дека овој антагонизам ќе се намалува, напротив.  Бидејќи причините не се транзиторни, туку стратешки, не постои сценарио во кое таквите несогласувања брзо ќе се залечат, имајќи предвид дека ваквите политички поместувања бараат посеопфатна реформа на вкупните односи, за која сега нема ни време, а ни волја од партнерите. 

Кои се опциите?  Како и во секој тензичен брак, опциите може да се сведат на, повеќе или помалку, следните: ако ја одземеме можноста за помирување, или ќе се крши мебел и скандалозно ќе се разведуваат, или едниот мирно ќе си ја „земе шапката“ и тивко ќе замине, или ќе останат во тензичен и дисфункционален брак заради јавноста.  Постои опција, со многу труд и време, да се разрешат внатрешните проблеми, но за тоа сигнали не покажува ни еден од „сопружниците“.  Во таа смисла, интересно ќе биде да се набљудува како овие тензии ќе се развијат во наредниот период.

 

DW.COM

Реклама