Хрватскиот туризам се самоуништува | Економија | DW | 02.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Хрватскиот туризам се самоуништува

Некритичкиот развој на туристичката индустрија резултира со зачестени еколошки и инфраструктурни инциденти во земјата, која сите свои економско-политички адути безрезервно и долгорочно ги вложи токму во тој сектор.

Во пресрет на новата туристичка сезона пристигнуваат и предупредувачки сигнали за негативните последици од експанзијата на туристичката индустрија.

Прво се прошири веста за одложувањето на традиционалните денови на остригата во Стон заради загаденоста на заливот со фекални бактерии. Како што е утврдено, причината за сето тоа бил зголемениот број на туристички капацитети со септички јами во околината на тоа исклучително чувствително заливче. Прославата подоцна сепак е одржана, со извесни ограничувања околу деловите каде што има остриги, но загрозувањето не е заборавено. Повеќе би можело да се рече дека е се поприсутна свеста за постојаната опасност од тој тип.

Потоа во јавноста се прошири глас од германските медиуми за „лудилото на крузерите" кое ја загрозува комуналната инфраструктура, како и општественото и социјално секојдневие на жителите од погодените хрватски градови. Се забележува и дека пошироката заедница нема ниту приближна корист од масовните посети од туристите на крстарењата во однос на споменатата штета.

Што се однесува до еколошката проблематика, индикативна е една изјава на биологот Ненад Јасприца од Дубровничкиот институт за море и морско крајбрежје. „Или острига, или туризам, едното и другото не одат заедно", рече Јасприца и со тоа го изнесе клучниот парадокс на денешната туристичка индустрија во Хрватска. Туристите би требало да доаѓаат во Хрватска заради остригата и слични ексклузивни туристички понуди како мамци за нивниот интерес. Но, поголемиот дел туристи ја уништуваат токму таа школка, како и други хрватски добра.

Наградно прашање – колку чини заштитата?

Иво Кунст од Институтот за туризам во Загреб е склон комплексот проблеми да го подели на две целини. Остригите и фекалното загадување од една страна, а опсадата со крузери на друга. „Би посочил три правци на можно делување. Прво, стратешкото планирање на секторот и проектирањето на ризикот за која било развојна одлука треба да се препушти на научниците. Тогаш последиците не би можеле да нѐ начекаат неподготвени", рече Кунст.

Повеќе:

-Хрватска: нема персонал во туристичкиот рај

-Профитира ли Хрватска од кризата во Грција?

-Колку се туристите задоволни од одморот во Хрватска?

Второ, тој смета дека потоа би требало да се усогласат и политиките на повеќе нивоа: „Во случај на наплив од бродови крузери вината е и во тоа што Министерството за поморски прашања, промет и инфраструктура, потоа туризмот и на крајот културата не соработуваат. На ниво на градовите има несоработување меѓу туристичката заедница, хотелиерите, заливската управа, градските власти. Крузерите на пример се исплатливи за заливската управа, но приходите не се доволно високи за да ги намалат лошите ефекти."

Третата насока, според Кунст, е политиката на цените, бидејќи лесно би можело да се уреди вкотвување на крузерите да чини на пример 100 илјади евра, а во декември на пример 2 илјади евра. Или, посетата на Плитвичките езера во жижата на сезоната би можела да се наплатува и стотина евра, а вон сезона 10 евра. „Но, што се однесува до загадувањето на морето или на Плитвица со фекалии, мора да има друг пристап. Проблемот би можел да се реши со адекватни инфраструктурни прочистувачи и слично. Наградното прашање е колку тоа ќе чини", резонира Кунст.

Локалната власт во служба на мешетарите

„Тоа може да си го дозволат скандинавските земји“ продолжува тој, „а, ние очигледно не. Па мораме на проблемот да му пристапиме поинаку. Малостонскиот залив е под уште поголем притисок во споредба со Неум отколку во Стона, а со Босна и Херцеговина очигледно немаме разговори околу изнаоѓање решение. Но, да не се лажеме, ние истиот проблем со растечки број на септички јами не успеваме да го решиме ниту на Плитвица. Ако носителите на јавни функции не реагираат, ние не можеме да направиме ништо. Дури и еден Дубровник по силен дожд нема чиста вода за пиење, а да не говориме за поширокиот аспект на овој проблем.“

Иво Кунст го наведува стариот факт за дубровничкиот извор на вода. Околу него се наоѓаат депонии, кои преку подземните водотеци го загадуваат самиот извор Омбле. Но, станува збор за градската жупанија која сѐ повеќе прави отстапки за туризмот, за што зборува и Џуро Капор, координатор на невладината иницијатива „Срџ е наш“, која со години е посветена на одбрана на јавниот интерес во Дубровник. 

Капор нагласува дека се усвоени измени во локалниот урбанистички план со кои се дозволува отворање на нови туристички капацитети. Таму веќе има недостаток на работна сила, се создаваат неподносливи гужви и сообраќаен застој, како и чести хаварии на канализациската и електроенергетската мрежа, што оневозможува нормално живеење на луѓето и нивните семејства. „Просторното планирање и подготвување на урбанистичките акти очигледно им служат на мешетарските апетити за недвижности на клиентите и партнерите од партиите на власт“, заклучува овој активист. 

Нова ризична депонија во Дубровник 

Тој како пример на двоецот власт и мешетари кои работат со недвижности, наведува еден неспорен факт. Во седиштата на сите главни партии во Хрватска и во Дубровник е дадена поддршка за проектот на големиот приватен „голфоград“ на ридот Срџ над градот. Ниту една партија не се спротивстави, притоа толерирајќи ги очигледните незаконските постапки, или предизвикувајќи ги и самата. Тие не се осврнаа ниту на судското поништување на државно-административното решение во полза на голферскиот проект, без разлика на тоа што процесот ја пролонгираше на 13 години борбата за неколку стотици хектари најблиско неизградено земјиште околу Дубровник. 

„Што се однесува на заливот во Мали Стон, притисокот на политичките моќници од општината Стон и Дубровничкото приморје, резултираше во намален степен на негова заштита. Она што остана скриено токму зад интересот на одгледувачите на школки, само декларативно истакнат, е дека беа протнати и содржини како туристичката зона Дуба стонска“, вели Џуро Капор за ДВ. И додава дека во непосредна близина на истиот залив се планира и изградба на жупаниски центар за стопанисување со отпад.

Поточно, се планира нова депонија токму во близина на друго еколошко чувствително подрачје. Сѐ на сѐ, се чини дека Хрватска и во иднина сѐ почесто ќе се соочува со проблеми како што се загадени школки или колапс на градовите кога ќе има инвазија од гости, бидејќи туризмот и натаму им се препушта на најагресивните пазари. Сосем е основано стравувањето дека туризмот би можел фатално да се загрози и самиот себе, па не е тешко да се замисли какви други последици би можело сето ова да има. 

DW.COM

Реклама