Хрватска: Од надежно до „проблематично дете“ | Свет | DW | 21.09.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Хрватска: Од надежно до „проблематично дете“

Кога Хрватска влезе во ЕУ беше предводник и адвокат на кандидатите во чекалницата на Унијата. Но, четири години подоцна, некогашниот гласник на Западот за Брисел полека станува проблематичен случај.

Култивираната омраза против сите неистомисленици во поделената Хрватска ја преживува дури и нивната смрт. Заминувањето на Славко Голдштајн го „израдува“ - така реагираше свештеникот Мили Пленковиќ минатата недела на веста за смртта на реномираниот публицист. Тој е среќен што „мразачот на Хрватска исчезна од сцената“, напиша свештеникот на островот Хвар во порака на Фејсбук. Со оглед на „морето на лаги“ што, како што тврди Пленковиќ, Голдштајн намерно ги ширел за Хрватска под „превезот на научната работа", тој му посака на починатиот благ суд: „Зашто од Библијата знаеме дека Господ го мрази лажниот јазик.“

Пораката на свештеникот е најблагата форма во морето од навреди кои ги доби Голдштајн постхумно. Бранот на говор на омраза против починатиот антифашист е најостро радикализирање кон десно што го има доживеано Хрватска по нејзиниот влез во ЕУ во 2013 година: се чини дека хоризонтите во оваа крајбрежна држава како националистички да се стеснуваат наместо да се шират.

Притоа, земјата има доволно економски проблеми. Според економските статистики, поранешните социјалистички партнери на ЕУ во Централна и Источна Европа одамна ја надминаа Хрватска, која некогаш беше многу просперитетна. Дури и Романија сега има повисок БДП од Хрватска која падна на претпоследното место на табелата на ЕУ. Но, додека се случува новиот егзодус на гастарбајтери и академици, особено од осиромашениот регион Славонија, хрватската политичка каста се губи во бесмислени битки со демони од минатото.

По крајот на Втората светска војна, настана длабок јаз меѓу самопрогласените наследници на партизаните и на фашистичките усташи: говор на омраза, националистички настроени свештеници кои зборуваат против српското малцинство, палење српски весници и повеќемесечна дебата за тоа дали се дозволени или не надгробни плочи со усташкиот поздрав „За дом спремни“. Хрватите немаат време за Европското првенство во кошарка, бидејќи постојано мора да си играат Втората светска војна, критикуваше неодамна еден тамошен блогер.

Всушност, Колинда Грабар-Китаровиќ го тривијализираше усташкиот слоган како „стар хрватски поздрав“ кој, за жал, бил злоупотребен. Премиерот Андреј Пленковиќ, кој првенствено беше загрижен за зачувување на неговото ултратенко мнозинство, изгледа дека ја загуби контролата над националистичкото крило на конзервативната ХДЗ.

Andrej Plenkovic PK Kroatien (picture alliance/dpa/P. Macek)

Андреј Пленковиќ: Загубена е контролата над десното крило во партијата

Длабоките превирања на домашната политичка сцена ја зајакнуваат сликата на една земја која не е спречкана само со соседите, туку и сама со себе.

Долго време по нејзината независност во 1991 година, Хрватска беше омиленото дете на Западот. Пред сѐ Берлин, но и Виена, уште за време на војната од 1991 до 1995 година му ја дадоа на Загреб сета дипломатска поддршка, особено при основањето на државата и нејзината западна интеграција. Потоа долгогодишниот премиер Иво Санадер (2003-2009) одлучно ја водеше земјата кон ЕУ. Тој успеа да ги смири националистичките сили во неговата партија, но безбројните корупциски скандали, сепак, доведоа до тоа да се сопне - и да заврши зад решетки.

Зголемениот замор од проширување во старата ЕУ, особено по искуството со проширувањето на Унијата во 2007 година и приемот на Бугарија и Романија, влијаеше и на маратонскиот процес за прием на Хрватска. Поради нерешени проблеми со морската граница кај Пиран, Словенија со месеци ги блокираше преговорите за членство. Последиците од глобалната економска криза, која започна во 2007 година, ја погоди земјата со сета сила. Од 2009 до 2014 година Хрватска имаше негативен раст.

Како тешко погодена земја од кризата Хрватска ѝ се приклучи на кризната ЕУ во 2013 година на најлош можен начин: несреќно и лошо подготвена новодојдената држава се сопна под водство на социјалдемократскиот премиер Зоран Милановиќ во новата ера на ЕУ. Со цел да се спречи екстрадицијата во Германија на поранешниот шеф на тајната служба Јосип Перковиќ, кој беше осомничен за убиство, Загреб кратко пред тоа усвои специјален закон со кој се ограничуваат европските потерници за апсење. Партнерите го принудија Загреб со закана со санкции да ја анулира одлуката.

Хрватска сѐ уштене е успешна приказна во ЕУ. Напротив, самопрогласениот адвокат при проширувањето на ЕУ во Брисел подолго време се смета за назадувачки фактор за регионот. Хрватска два пати мораше да биде опомената поради недозволени трговски активности против Србија.

Kroatien Brückenbau Halbinsel Peljesac (picture-alliance/dpa/T. Brey)

Мостот на Пелешец треба да им стави крај на кавгите со Босна и Херцеговина

Без оглед на тоа дали на чело на државата се конзервативците или социјалдемократите, враќањето кон националистичките чувствителни теми во земјата прави Загреб потешко да најде компромиси и на меѓународната сцена. Дали се работи за конфликт околу границата со Словенија, долгорочното натегање со Унгарија околу нафтената компанија Ина или несогласувањата со Босна за изградбата на мостот во Пелешец: видлива е неможноста на Загреб да ги реши конфликтите со своите соседи во кооперативна атмосфера.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама