Хрватите не се иселуваат за корка леб, туку заради подобро општество | Информации и анализи за Балкан | DW | 20.09.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Хрватите не се иселуваат за корка леб, туку заради подобро општество

Иселеничкиот бран од Хрватска стивнува, но причината може да биде и сѐ помалиот број на потенцијални иселеници. Проблемот со иселувањето каскадно повлекува низа други проблеми за кои досега не се пронајдени решенија.

Хрватска на последниот ден од 2018 имала 4.076.246 жители. Тоа е проценка на Државниот завод за статистика врз основа на податоците од пописот во 2011 година, природното движење и миграциското салдо. Во однос на основниот документ од пописот, тоа се 208.643 жители помалку. Од влезот на Хрватска во Европската унија се проценува дека бројот на жителите е намален за 170.560. Па така, проценките се дека Хрватска само во 2018 имала 29.247 жители помалку. Причината за тоа е во негативниот природен прираст со -15.761 и негативното миграциско салдо со -13.486 кое претставува разлика меѓу бројот на доселени и иселени лица. Иако е негативно, миграциското салдо минатата година сепак било значително подобро отколку во однос на рекордната 2017 година со -31799. ДЗС информираше дека во таа година хрватските граѓани најмногу се иселувале во Германија (29.053), Босна и Херцеговина (2.758), Австрија (2.706), Ирска (2.676), Србија (2.049) и Шведска (802). Притоа треба да се земе предвид дека движењето на населението во поранешните југословенски републики е големо во двата правци, па треба да се изземе од општата слика за иселувањето.

Паѓа бројот на новоиселените во Германија и Ирска

Во споредба со ДЗС на Хрватска, германскиот завод во Визбаден располага со значително поголем број на хрватски доселеници и објави дека минатата година се доселиле 27.772 лица од Хрватска. Но, една година претходно тој број бил поголем - 35.295, што е за 6.242 повеќе од проценките на хрватските државни статистичари. Заводот објави дека од влезот на Хрватска во ЕУ во Германија се доселиле повеќе од 170.000 хрватски граѓани. Минатата година претставува пресвртница кога бројот на новодоселени почнува да опаѓа.


И ирските статистики покажуваат дека доселеничкиот бран од Хрватска е во пад. Во 2016 година на хрватски државјани им се доделени 5.312 ППС броеви, додека бројката минатата година паднала на 4.346. Во Ирска од влезот на Хрватска во ЕУ се доселиле 22.000 хрватски државјани, објави Центарот за лонгитудални популациски студии кој предупредува дека на секои 12 минути и 47 секунди од Хрватска се иселува по едно лице. Иако најголемиот дел од иселениците го сочинуваат работоспособни неоженети мажи, Центарот преупредува дека од 1999 до 2017 година од Хрватска потенцијално емигрирале 22.030 деца родени во 1999 година и подоцна кои во разгледуваниот период ги исполнуваат условите за упис во прво одделение.

Зошто си одат луѓето?

За разлика од некогашното иселување, разговорите со нови иселеници покажуваат дека овојпат примарна причина за заминувањето не е сиромаштијата, туку разочарувањето од хрватската држава и чувството дека не постои систем кој го наградува образованието и работата, како и презирот спрема политичките елити. Таквите иселеници велат дека немаат намера да се вратат во таковината која не им пружа чувство на материјална, правна или работна сигурност и просперитет, па дури и кога реално во странство живеат под полоши услови отколку што ги имале во Хрватска.

Повеќе на темата:

-Младите трајно го напуштаат Балканот

-Работа во Србија има, ама работниците се во Германија

-Сонот за Запад ја празни Северна Македонија

Немаат намера да бидат како генерациите на нивните дедовци, па и родители, кои ако работеле во странство, заштеденото го вложувале во недвижности во Хрватска. Примарното чувство што го имаат спрема државата е огорченост и тоа често го потенцираат. „Изгубиле верба дека нештата може да се свртат на подобро. Во Германија, каде мнозинството живее потешко отколку во татковината, сепак имаат надеж дека некогаш ќе биде подобро, додека таквата надеж ја немаат за дома“, изјави своевремено за ДВ д-р Тадо Јуриќ, автор на првото големо истражување кое ги разоткри причините за новиот бран иселувања во Германија. Иселениците со кои ние разговаравме имаат само пофалби за малото оптоварување со политика во новата таковина, како и за брзината со која администрацијата работи и тоа дека имаат чувство дека може побрзо да напредуваат службено и во животот.

Dr. Tado Juric, Katholische Universität Zagreb (DW/S. Bogdanic )

Тадо Јуриќ, професор на католичкиот универзитет во Загреб

Црни прогнози

Хрватска забележува помал број на работоспособна сила и покрај добри 113 илјади пријавени формални баратели на работно место, од кои добар дел се во странство. На еден пензионер во Хрватска доаѓаат по 1,27 работници, па не зачудува фактот дека од владата на Хрватска се погласно се бара целосна либерализација на увозот на евтина работна сила. Светла иднина не ветуваат ни најновите предвидувања на демографите од ОН. За 30 години Хрватска ќе има околу 3,4 милиони жители, што е оптимистичко очекување. Дури и сите новоиселени да се вратат дома, тоа само би го забавило, но не и спречило рапидното стареење на населението и дополнителниот пад на пензиите.

Даноци плаќаат во Ирска, но го трошат хрватското здравство

Иселувањето го оптовари и здравствениот систем, што покажува уште една аномалија во општеството и воспитувањето. Хрватското здружение на приватни ординации кои се под договор со хрватскиот Фонд за здравство со месеци предупредуваат дека 33000 иселеници го задржале хрватското здравствено осигурување, иако немаат право на тоа. Пред заминувањето во странство се пријавиле во Агенцијата како невработени и стекнуваат таков статус со што им следува и бесплатно осигурување. Па така, сега кога доаѓаат во Хрватска на сметка на другите работници во земјата користат бесплатни стоматолошки или гинеколошки услуги и зафати, предупредуваат матичните лекари. Дека наводите имаат основа покажува и препораката од Агенцијата за посредување за времени вработувања во Ирска, која нема добро организиран здравствен систем. „Препорачуваме превентивни прегледи да се прават во текот на годишните одмори, особено ако во Ирска немате приватно здравствено осигурување. Така направените прегледи ќе ве чинат помалку, дури и ако за нив треба да платите“, стои на интернет страницата на една таква агенција.

Има и повратници, но во мал број

Од податоците јасно се гледа дека иселувањето за Хрватска претставува краткорочен, но и долгорочен проблем за кој демографите со години зборуваа, а политиката не најде соодветен одговор. Оптимистичките аналитичари велат дека иселеничкиот бран се намалува, но причината за тоа сепак е што сѐ помал е бројот на потенцијални иселеници. Сепак, забележани се и случаи на повратници, па така од Германија минатата година се вратиле 2.973 лица, а од Ирска 124. Очигледно наскоро не треба да се смета со повратнички бран, или како што објаснува Ивица Домисловиќ кој со години живее во Лондон: „Немам некоја претерана желба да се вратам. Политички ништо не е сменето. Кога живееш во земја во која се губи пратеничко место или министерска функција за пребрзо возење, или ако лажеш на суд, или се покаже дека сопругата ти ја користела службената картичка за плаќање на градски превоз, а потоа тргнеш да ги читаш вестите од татковината, сфаќаш дека таму ништо не се сменило. А, нема ни големи шанси дека нешто ќе се смени во иднина."


 

DW.COM

Реклама