Хотел мама: Ќе се отселам кога ќе се омажам! | Свет | DW | 21.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Хотел мама: Ќе се отселам кога ќе се омажам!

Многу хрватски девојки и момчиња живеат со родителите. Своите детски соби ги напуштаат со околу триесетина години. Тоа значи и подоцнежно засновање семејство, па и долгорочна штета за демографски урнисаното општество.

Symbolbild Hotel Mama Junge Frau im elterlichen Wohnzimmer (Colourbox)

Ивана не размислува засега да го напушти родителскиот дом

Да се дели станбениот простор со родителите за хрватската младина е сосема нормална работа. Не чуди што Хрватска во тој поглед е неславен рекордер во ЕУ, зашто 70% од нејзините полнолетни граѓани, помлади од 34 години, уште не „полетале“ од родителското гнездо. Слично е и во Србија, а ситуацијата во Македонија е уште полоша, со 73%. Едни ја обвинуваат кризата, која од младите прави зависници од родителските приходи, па дури и од пензиите на бабите и дедовците. Други грешка бараат во разгаленоста на новите генерации или неускладеноста на традиционалниот начин на живеење со продолженото детство и подоцнежното влегување во брак. За илустрација, европскиот просек за неосамостени млади луѓе до 34 години изнесува 47,9 %.

Продавачката Ивана има 22 години и живее во Лика. Да беше во некој случај родена во Финска, веројатно по работата ќе доаѓаше во социјален стан, а родителите ќе ги гледаше дури на неделниот ручек. Вака, со мајката, исто така продавачка, двајца помлади браќа и пензионер татко, дели стан од 70 квадратни метри, во кој некогаш живееле нејзините баба и дедо. Дедо ѝ го добил станот кога се нашол на врвот на приоритетната листа во фабриката каде работел, а подоцна, по распадот на Југославија, евтино го откупил. „Не размислував да се отселам. Всушност, размислував, но не сериозно. Би се иселила ако родителите можеа да ме пратат на факултет“, вели таа. Признава, во ова животно доба сака само да се забавува, да излегува и во слободно време да се занимава со некое хоби. Во станот поминува малку време, а најголем дел од куќните работи ги врши мајката. Но, и таа сѐ повеќе помага. Среќна е што, за разлика од многу другарки, има работа и не бара пари за џепарлак од родителите. „Еве, напиши дека ќе се отселам еден ден, кога ќе се омажам“, вели со насмевка која сугерира дека мажачката е во некоја далечна иднина. Семејството на Ивана има и една стара наследена куќа, но бидејќи таа е во зафрлен кварт, далеку од градските содржини, не размислува за неа како за можен стан.

Од друга страна, една деценија постариот загрепчанец Лука долго размислува како да го напушти родителскиот дом во кој израснал заедно со брат му. Уште од факултетски денови им завидувал малку на колегите од други места и градови, кои во Загреб живееле без родителски надзор. Тоа накратко му успеало кога од статус на хонорарец преминал во постојан работен однос и примал редовна плата. Изнајмил мал стан во кој се вселил со долгогодишната девојка. Идилата траела само една година. Работодавачот пропаднал, Лука останал без приходи. Девојката не можела самостојно да го финансира заедничкиот живот, па двајцата решиле да го откажат станот и пред две години да се вратат секој кај своите родители. „Немаш претстава колку е фрустрирачки да се вратиш кај старците и да делиш соба со десет години постар неоженет брат. Кога го гледам него, како да се гледам себеси во иднина“, раскажува тој. На прашањето дали се чувствува како „лузер“, одговара потврдно. Иако повторно нашол нова работа, не се одлучува повторно да влета во потстанарство, а и се разделил од девојката. 

Wohnraum für Studenten (picture-alliance/dpa/S. Prautsch)

Повеќе генерации под ист покрив

Непостоечко социјално домување

Дали на младите луѓе им е добро со родителите или е заедничкото живеење нужност, го прашавме Јосип Панџиќ од катедрата за социјална политика на Правниот факултет во Загреб. Показателите се уште полоши во старосната група од  25 до 29 години, вели тој. Дури 83 % од таа група уште живеат заедно со родителите. „Од 2000 до 2013 година трендот бележи раст“, вели Панџиќ за  Дојче веле. Причините се многустрани, некогаш се индивидуални и неможни за  генерализирање, како селидба поради љубовна врска, вработување или семејни проблеми. Но, од друга страна, има и структурни причини. „Тие се поврзани со финансиите на поединецот. Во северна и западна Европа младите многу побрзо го напуштат родителскиот дом. Јужните и источните земји, посебно транзициските, имаат поинаква култура на домување.  Станува збор за повеќегенерациско заедничко живеење, каде во еден станбен објект се наоѓаат и по три генерации. Во западна и северна Европа тоа е незамисливо.“

Според Панџиќ, за Хрватска и земјите во регионот пресудни за доцното напуштање на родителското гнездо се финансиските проблеми, високата невработеност на младите, како и самиот сектор на домување. „Конкретно, дали во една земја постои традиција на социјално домување, за евентуален премин од живеење во родителски дом и сопствеништво над станот во подоцнежно доба? Ако не постои тој социјален сектор на домување, се случува рез меѓу родителскиот дом и сопствеништвото, а тоа се манифестира во високи кредитни задолжувања“. Бројни млади луѓе се имаат изгорено на кредити кои не можат да ги враќаат, па остануваат со блокирани сметки и без недвижности во кои планирале да го поминат животот.

Дали сите во Југославија имаа стан? 

Во бившата држава, ќе речат постарите, општествениот стан значеше трајно решение на станбеното прашање, становите беа релативно квалитетни, а висината на станарините симболична. Потстанарството најчесто беше преодна фаза од родителски дом кон општествен стан. Денес, би се заклучило, младите имаат значително полош старт од своите родители. Панџиќ вели дека тој дискурс за општествените станови сепак би требало да се релативизира.

„Постоеја добростоечки и полоши претпријатија. Согласно со вложувањето на нивниот профит во станбениот фонд, работниците имаа подобри или полоши решенија на станбеното прашање. Освен тоа, важни беа и односите во претпријатијата. Становите беа распределувани според политичката подобност и односите во фирмата и доаѓаше до злоупотреби.“

Има ли решение за проблемите со домувањето? Не постои еден рецепт, вели Панџиќ. „Но, ако го имаме во вид досегот на социјалното домување во скандинавските и во западноевропските земји, кон кој би требало барем да се тежнее, ако веќе не можеме да ги достигнеме во некои стандарди, потребно е развивање на секторот на социјално домување. Тој во Хрватска де факто не постои. Не зборувам младите цел живот да го поминат во социјални станови, туку тие да служат како развоен императив на напредувањето на целата земја“, заклучува Панџиќ.

 

Реклама