Хонгконг: Демократите слават, Кина се заканува | Свет | DW | 25.11.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Хонгконг: Демократите слават, Кина се заканува

Шефицата на управата на Хонгконг, Кери Лам со „понизност“ ја призна убедливата победа на демократските партии на вчерашните локални избори.

„Владата со понизност го слуша јавното мислење и сериозно ќе размисли околу исходот на локалните избори. Многумина се на мислење дека изборниот резултат го отсликува незадоволството на народот од актуелната ситуација и длабоките проблеми во општеството“, изјави Кери Лам во соопштението објавено утрово на владината интернет страница. По убедливата победа на демократскиот табор, берзата во Хонгконг денеска реагираше со раст на курсот.

Демократските политичари на вчерашните локални избори освоија 344 од 452 места во општинските совети, јавуваат медиумите во Хонгконг. Таборот на прокинескиот естаблишмент освои само 58 мандати, во 17 од 18 општини го загуби своето мнозинство. Излезноста изнесуваше 71,2 проценти, речиси една четвртина повеќе отколку на претходните локални избори во 2015 година.

Hongkong Lokalwahlen (picture-alliance/AP Photo/Kin Cheung)

Граѓаните масовно гласаа на локалните избори

Келвин Лам, кандидатот кој го замени добро познатиот активист Џошуа Вонг, единствената личност на која ѝ беше забрането да се кандидира, изјави дека изборите беа еден еден вид референдум и испратија силен сигнал до владата. 

Според азиските медиуми, Кина на „понижувачката“ изборна победа на опозицијата во специјалната управна зона реагира со воздржани закани. „Секој обид за минирање на стабилноста и благосостојбата во Хонгконг е осуден на пропаст“, изјавил кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји за медиумите во Токио, по средбата со јапонскиот премиер Шинзо Абе.

Јапонскиот премиер во разговорот со кинескиот министер Ванг побарал Кина да го почитува принципот „една земја, два система“ во Хонгконг. Во договорот за предавање на Хонгконг од страна на поранешната колонијална сила Велика Британија на Кина, склучен пред 20 години, стои дека Хонгконг во следните 50 години ќе биде управуван врз основа на владеење на правото и демократијата.

Повеќе: 

Треба ли да очекуваме нов Тјенанмен во Хонгконг?!

САД на курс на конфронтација со Кина поради Хонгконг

Поголем притисок - повеќе насилство во Хонгконг

Од пред шест месеци граѓаните на Хонгконг протестираат поради загрозувањето на принципите предвидени со овој договор. Тие бараат демократија, општо изборно право на парламентарните избори и придржување кон принципот „една земја, два система“. Управата на Хонгконг, предводена од Кери Лам и верна кон Пекинг, се спротивстатува на водење политички дијалог со демократското движење и со демонстрантите се пресметува со полициско насилство. Во деновите непосредно пред одржувањето на локалните избори, во градот дојде до исклучително насилни меѓусебни судири помеѓу демонстрантите и полицијата.

DW.COM

Реклама