Хобс, Катарза и Канаста | Северна Македонија | DW | 20.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Хобс, Катарза и Канаста

Судбината на Заев е во негови раце. Колумна на Арсим Зеколи.

Дали вестите од ЕУ се драматично лоши за Македонија? Можеби се, но не помалку отколку што се и за самата ЕУ. Дали истата вест од ЕУ е поразителна за Владата на Македонија? Немаше да биде доколку самата Влада не си го приреди сопствениот пораз преку ширење лажни датуми, а потоа со подгревање тензична атмосфера на исчекувања. Дали е ова крај на проширувањето на ЕУ кон и со нас? Не верувам, под услов да го смениме приодот.

Бесполезно е повторно да навлегуваме во вртлогот на фактичките причини и шпекулативни мотиви во позадината на непријатните вести кои ја депримираа власта и разгалија опозицијата. Сѐ што може да се каже е дека власта на суров начин ја дозна цената за манипулирање на јавноста. Опозицијата си доби пет минути и чат-пат поени, а притоа го одмолче и сопствениот - не мал - минат придонес за ваквата денешница и идната несолена каша која ќе си ја наследи за сркање во Илинденска.

Фајдето од саможртвувањето

Би сакал месеците пред нас да го демантираат мојот впечаток дека клучната поента од последните одлуки на ЕУ кон нас е оти политичкиот пристап во добивање подршка е веќе завршен и отфрлен. Како кај нас, така и во Албанија. Надворешнополитичкиот ас во ракавите на Скопје – Договорот од Преспа – не беше доволен за надминување на пречките во Брисел и дефицитот од поддршка во Македонија. Надворешнополитичкиот успех на Дитмир Бушати во одбивање на барањата на Грција за промена на границата со Албанија не беше доволен за патриотско цементирање на популарноста на Еди Рама. Се плашам дека и заедничките апели на Заев и Рама дека ако двете земји не добијат препораки ќе уследи реставрација на национализмот, се сепак недоволни за да бидат разбрани како аларм на итност. Не дека не содејствуваат со реалноста, туку поради изместеноста на приоритетите – борбата против криминалот и корупцијата е најефикасниот инструмент на спојување на општествените интереси. И обратно, формалниот или селективниот пристап кон крим-корупцијата неминовно води кон осиромашување на општеството и создавање простор за демагошки манипулации со чувствата на граѓаните. Така да, приоретизирајте драги премиери, што е причина, а што е последица.

Ставовите на европските центри кон нас се неповолни денес и стравувам дека нема да претрпат големи промени во следните месеци. Првата инстинктивна реакција на домашната јавност е да се побараат оставки како чин на одговорност за промашените ветувања. Но, тоа секако треба да му се остави на Премиерот и низ неговиот однос се процени сериозноста на натамошните потези на неговата влада. За почеток, доволно е да разбере дека - во очите на јавноста - арогантната поставеност на неговите советници и министри предизвикува повеќе негативен набој отколку самото потфрлање во испорачување на ветеното. Определбата на Заев да не го менува тимот кој победува е секако пофално за неговата подготвеност за саможртвување во име на неподлегнување на притисоците од јавноста. За фајдето од таквата поставеност ќе зборуваме по изборите.

Спас на големите риби

Обидите за купување време преку дефокусирање на јавноста со владини реконструкции одамна не потресуваат никого во општеството, освен директно засегнатите администратори. Но таквото купување евтино време ќе се покаже ем скапо, ем на одложено плаќање во натомошните дијалози со критичните центри. Кои во реконструкцијата и онака веќе го препознаваат синдромот на перпетуална шминка на површината, но без намера за чепкање во длабочината и суштината на проблемите. Судејќи според изборот на секторите и имињата кои ќе подлежат на реконструкција, неминовен е впечатокот дека Премиерот нема вистинска намера да чепка во центрите на паралелна моќ. Не велам дека именуваните не заслужуваат да добијат „фала и чао“, но секако велам дека реконструкцијата сѐ повеќе личи на изговор пред јавноста за спас на големите риби од кои зависи и самиот Заев.

Истото важи и за односот кон нашето СЈО и нејзината замислена улога како обвинителство од сеопшта доверба. Можеби е време некој од странските пријатели на Заев да си земе за задача да направи паралела помеѓу стилот на нашите обвинителки со, на пример, оној на медиумски молчаливиот, но затоа темелен и бескомпромисен во извршување на зададената задача Роберт Малер. Повеќе порано отколку подоцна, факторите на решавање ќе треба да пресечат дали на Македонија сѐ уште ѝ се потребни популистичко-медиумски „кул“ обвинителки, или херметично ефикасно СЈО од кое сите подеднакво ќе стравуваат. Нормално е што власта која сѐ уште сака да живее во 2017-та посакува да има популистички популарни обвинителки, за разлика од општеството кое е веќе отрезнето од мамурлакот на прославите и вратено во нормалноста на сивото секојдневие. Таквата јавност, разочарана и депримирана, тешко ќе се мотивира за повторно давање доверба без гаранција – на сегашното или идно СЈО. 

Други колумни на авторот:

Danke Deutschland! Aber …

За ветингот. И ветеринарите.

Нека биде тоа некој нов Прибе!

Овојпат, таа искра на враќање на самодовербата во себе и довербата во нашите партнери треба да дојде однадвор. Нека биде тоа некој нов Прибе, некој кој на скелетот на неговиот воопштен извештај ќе придодаде мускули, нерви, кожа и лик. Некој надвор од вообичаените и компромитирани дипломатски претставништва и домашни институции. Нека биде тоа некој увезен Роберт Малер, тивок професионалец, без приватни амбиции, затворен за јавноста, систематичен и независен, темелен и беспоштеден во исцртувањето на севкупната слика за Македонија, за комплексниот нервен систем на исповрзани садови на власта, опозицијата, медиумите, стопанството со криминалот и корупцијата. Со јасно идентификувани ликови, кланови, цитати, сведоштва за вистината која ја живееме. Нека биде објавувањето на тоа истражување следниот датум кој ќе го очекуваме со немир и надеж, па кој како заслужил. Убеден сум дека општеството ќе има поголема подготвеност, повеќе разбирање и трпение да почека една година до објавувањето на тоа истражување отколку што има трпение за уште една вештачка ЕУ-драма во октомври, ноември ... Нека биде тоа огледало за нас и критерииум за нашите партнери, доколку навистина заслужуваат да се сметаат такви.     

Во овој час, Заев наликува на премиер на земја со пет, шест, седум престолнини – и без сопствен главен град. Трчањата од Берлин до Брисел, Париз и Копенхаген за добивање датум на крај завршуваат со слетување во Софија, Атина, Тирана. Со едно око загледан кон Анкара и друго кон Вашингтон, тешко е да се сконцентрира и ја согледа непријатноста дека дури и судбината на сигурното членство во НАТО може да заталка во непредвидени насоки и на наша штета. Разбирлива е неговата потреба во секоја можност да укажува дека има многу пријатели, но сетики дека и тој самиот веќе се прашува кој од нив искрено го смета него за пријател.

Од зенитот кон сивилото

На домашен терен, пак, не е ништо ново доколку кажам дека СДСМ и ДУИ одамна ја имаат минато точката на зенит и се во слободен пад кон сивата реалност во која преживува ВМРО-ДПМНЕ. Но самиот факт што сѐ уште има доволно голем број граѓани кои од Заев очекуваат некаков катарзичен пресврт укажува дека Премиерот е блиску до зенитот, од надолната страна. Надежните очекувања на поддржувачите се повеќе диктирани од стравот од неизвесноста, отколку од реалното согледување на моќта на Заев да направи пресврт кој ќе ја протресе јавноста и ќе го врати оптимизмот.

Секој понатамошен обид за балансирање помеѓу неспоивите нешта уште повеќе ќе го шири расчекорот на Заев и ќе оневозможи тој да излезе од стегите од кои зависи. И со тоа ќе ја зајакне убеденоста на јавноста дека е повторно вратена на нулта точка, приморана да решава според т. н. Хобсов избор на слободна бирање помеѓу едно те исто. Парадоксот на таквата ситуација е што Хобсовиот избор е поволен за трите големи партии и нераскинливите „капиџик“-врски помеѓу нив. Но е крајно неповолна за Премиерот и неговиот избор помеѓу оние кои го чуваат на власт и оние кои се жртвуваа за да дојде до неа. Со реконструкција и без неа, со сегашните обвинителки или ново СЈО, со трите партии или без нив, на Заев му претстојат три месеци во кое ќе мора да пресече и барем се обиде престолнината да ја врати во Скопје и испорача сѐ што се користи како изговор за спречување на преговорите. Неговата судбина е во негови раце: катарза или канаста?  

DW.COM

Реклама