Хиперсоничниот проектил на Русија ја забрзува трката во вооружување | Свет | DW | 31.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Хиперсоничниот проектил на Русија ја забрзува трката во вооружување

Русија се подготвува да тестира хиперсоничен проектил кој би бил речиси невозможно да се пресретне. Ракетата „Циркон“ ќе биде способна да се движи со брзина шест пати побрза од брзината на звукот

Хиперсоничната ракета на Русија која може да се движи со 7.400 километри на час е таков „квантен скок во технологијата“, што има потенцијал да покаже дека противвоздушната одбрана на западните сили е „застарена“, вели за ДВ, аналитичарот за одбрана Тим Рипли.

Доколку новата технологија успее, Циркон ќе може да покрие растојание од 250 километри (155 милји) за само 2.5 минути – толку брзо што речиси ќе биде незабележлива и непресретлива за конвенционалната технологија. „Значително ќе го намали времето за реакција кое (западните воени единици) го имаат за да ги применат сопствените одбранбени и анти-мерки“ смета Рипли, кој истражува теми поврзани со одбранбени прашања за магазинот „Џејнс дифенс викли“.

Тестирање порано од планираното

По неколку години развивање, руската агенција Интерфакс минатиот месец цитираше извор кој е поврзан со проектот Циркон, кој изјави дека ракетата од 5 тони најверојатно, за прв пат ќе биде тестирана оваа пролет од „платформа базирана на море“. Тоа е порано од првично планираниот датум во 2018 година. Руските медиуми пренесоа дека ракетата може да биде целосно оперативна до крајот на декадата.

Забрзувањето на тестирањето за Циркон доаѓа во време на кога односите меѓу Западот и Москва се на најниска точка од Студената војна, дополнително подгреано со украинската криза, војната во Сирија и тврдењето за мешање во западната политика – вклучително и во претседателските избори на САД. Неколку британски весници, во последните денови известија за развивањето на Циркон, предупредувајќи дека тоа ќе ги направи дури и најсофистицираните воени бродови на САД и на Британија - вклучително и носачите на авиони - поранливи на напади.

На пример, најновите носачи на авиони HMS Queen Elizabeth и HMS Prince of Wales кои се очекува да ја започнат службата во 2020 година, поседуваат технологија да ги сопрат само ракетите кои патуваат со половина од брзината на Циркон, извести Индепендент.

US Militäroperation gegen IS (picture-alliance/dpa/Mc3 Anderson W. Branch)

Противвоздушната одбрана на САД и Британија ќе биде немоќна против новите руски ракети, велат експерти.

Производството на овие воени бродови, британската влада ја чини 7 милијарди фунти (8.1 милијарди евра), а најновото хиперсонично оружје на Русија може да ги претвори во отпад на дното на морето.

Според руските медиуми, Циркон може да биде програмиран за време на летањето да бара и да нападне мета и дури да достигне растојание од 500 километри. Рипли, кој е автор на неколку книги за воени конфликти и технологија, смета дека друга примена на хиперсоничните способности на Циркон може да биде копнен напад, што би значело ранливост на европските градови од руски удар.

„Со модификација, можни се напади како оние кои Америка ги изведе против Ирак, Авганистан и Србија во минатото“, смета Рипли.

САД повлекува други сили „во јавниот простор“

Иако САД исто така развиваат свое хиперсонично оружје, се смета дека не се ни блиску до негово производство. Минатогодишниот извештај од Националната академија за науки на САД заклучи дека САД заостануваат зад Русија и Кина во трката со хиперсонично оружје. Академијата повика на понатамошни инвестиции во развивањето на ракети кои се движат речиси незабележително, со брзина од мах 5 или побрзо.

„Во јавниот домен, изгледа како Западот да заостанува“, вели Рипли за ДВ. „Но тоа не значи дека нема некој невидлив, супер-скриен проект кој го води Агенцијата за напредни истражувачки проекти на САД или ДАРПА“. На ДАРПА и е доделен буџет кој се проценува на 3 милијарди долари годишно да развива нови технологии за војската на САД.

Russland Missile-Entwürfe (picture-alliance/dpa/RIA Novosti/S. Mamontov)

Руски хиперсонични ракети од типот Москит наменети за поморски единици.

Нова трка со оружје

Рипли верува дека Западот има право да биде загрижен за военото напредување на Русија, предупредувајќи дека нова трка со оружје е неизбежна.

„Ние повторно сме во период на можна воена еднаквост. Скоро ги имавме Украина, Крим и Сирија, каде Русија употрби оружје кое со сигурност беше на ниво на стандардите на американските и британските еквиваленти, вклучително и на ракетите од подморници“, рече тој, додавајќи дека Циркон ќе ја турне Русија напред.

Забележувајќи дека претседателот на САД, Доналд Трамп неодамна го зголеми буџетот на одбраната за 9,4 отсто на 54 милијарди долари, Рипли чека да види дали европските лидери ќе го следат. Во изминатите месеци, Вашингтон го зголеми притисокот врз Германија да издвои поголем дел од буџетските средства за одбранбени трошоци.

На почетокот на овој месец, канцеларката Ангела Меркел му вети на Трамп дека нејзината влада ќе работи кон исполнување на целта на НАТО за издвојување на 2 отсто од БДП за одбрана до 2025.

Но, додека Германија и Франција негодуваат за реториката од Вашингтон за релевантноста на НАТО во 21 век, британската влада не сака да ги зголеми одбранбените трошоци за да ги исполни целите на Алијансата. За да го стори тоа, сега проектираниот буџет од 36 милијарди евра за 2017 година ќе треба да се зголеми за една третина.

„Допрва ќе видиме дали Европа всушност ќе започне да инвестира во оружје и во одбрана за да се спротистави на последните производи кои доаѓаат од Русија, Кина и од Индија“, вели Рипли за ДВ.

Реклама