Херојот и диктаторот на Куба- Фидел Кастро | Свет | DW | 26.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Херојот и диктаторот на Куба- Фидел Кастро

Гласини за неговата смрт често се ширеа во светот. Сега е потврдено: Фидел Кастро, револуционерот и долгогодишен шеф на кубанската држава почина во 90. година од животот во Хавана. Зад себе остави спорно наследство.

Фидел Кастро држеше говори кои можеа да траат повеќе часа. Се случуваше харизматичниот револуционер своите слушатели да ги  „окупира“ со петчасовни, па дури и семумчасовни настапи. Неуморно го критикуваше заколнатиот непријател, САД. „Јеките никогаш нема да се откажат од контрола на земјата, водата, рудниците и природните ресурси на нашата земја“, напиша во 2012. година поранешниот шеф на државата, власта, војската и партијата, единсвена дозволена партија на Куба. Фидел, како што го нарекуваат многу Кубанци, уште во младите денови се посвети на социјализмот и целиот живот се бореше за своите претстави за правда и кубанска независност. Му беа омразени индустриските нации со своите капиталистички уредувања.

Од правник до бунтовнички лидер

Фидел Алехандро Кастро Руз е роден 1926. година во Биран, на истокот на островот. Некои историчари ја наведуваат 1927. како негова година на раѓање. Фидел и неговите 8 браќа и сестри растеле во благосостојба. По правните студии Кастро станал адвокат во Хавана. Неговите клиенти, како што се претспоставува, биле жители од сиромашните населби. Уште како студент Кастро бил политички активен и во 1952. година се кандидира на парламентарни избори. Но изборите не се одржаа, бидејќи Фулхенсио Батиста, кого некое време го поддржуваа и САД, изврши воен удар и ја презеде власта.

Од тој момент Кастро си постави цел- да го симне од власт Батиста. Брзо околу себе собрал истомисленици. Меѓу нив бил и Ернесто Че Гевара. Обидите Батиста да биде соборен од власт од страна на војската бунтовници на Кастро во 1953. и 1955. година не успеја, и „Ел Команданте“ морал да побегне во планините.

Фолкер Скиерка, германски новинар и автор на една биографија на Кастро, за плановите на „Големиот лидер“ за државен удар вели: „Кога Кастро најави оти ќе го истера Батиста, многумина помислија дека не баш многу бистар“. Но потоа уследи неговиот триумф, кој во очите на многу Кубанци и негови симпатизери го направи „ослободител“. На Батиста му преостана единствено бегство. На 1. јануари 1959. година Кастро ја презеде власта во карипската држава и оттогаш континуирано ја прошируваше.

И тогаш Куба стана негова...

Со своите социјалистички планови Кастро сѐповеќе го провоцираше бесот на САД, сојузници пронајде во „Источниот блок“, меѓу нив беше и Германската Демократска Република (ГДР). Според наводите на Министерството за надворешни работи во Берлин, во Германија (првенствено во поранешна ГДР) студирале и работеле, според проценките, 30.000 Кубанци. Советскиот Сојуз,  Куба најпрво ја помагаше финансиски, а во 1962. година Москва на островот стационираше и ракети од среден дострел.

Гледај видео 00:50

Почина Фидел Кастро

САД брзо реагираа, но т.н. „Кубанска криза“ на крајот сепак се заврши без избувнување на нуклеарна војна. Во истата година во сила стапи американското трговско ембарго против Куба и тоа до денес, иако значително ублажено, ги оптоварува односите помеѓу двете земји, но и економијата на карипската држава. По распадот на Советскиот Сојуз економската ситуација на Куба дополнително се влоши поради кубанската зависност од Москва.

Кастро од почетокот континуирано вложуваше во државниот систем за образование и здравство. До денес нив ги бие глас како едни од најдобрите во регионот. Истовремено на Кубанците им ја ускрати слободата на мислење и информирање, политичките противници ги „фрлаше“ во затвор, а со своите непријатели „бескомпромисно се пресметуваше“, како што вели поранешниот германски амбасадор на Куба, Бернд Вулфен.

„Фидел Кастро ќе ни остане во сеќавањата како човек кој испрати во затвор стотици луѓе и тоа само поради нивните мирољубиви политички активности“, вели и Маја Либинг, од Амнести интернешнал. Поради политиката на Кастро островот го напуштија стотици илајдници Кубанци.

За германскиот финансиски советник Ханс-Олаф Хенкел, кој за својот општествен и економски ангажман доби бројни признанија, Фидел Кастро во 60-тите години од минатиот век бил пример, поради неговата бестрашност. „Тој да станеше демократ, ќе му подигаа споменици секаде во светот“, претпоставува Хенкел.

Речиси половина век на власт

Кога тешко се разболе, во јуни 2006. година Кастро се повлече од чело на армијата, а во 2008. година водството на Куба и официјално му го предаде на својот помлад брат Раул. Фидел Кастро на власт беше 49 години, ниту еден монарх во 20. век не владеел толку долго како тој.

Раул Кастро, кого во 2008. година парламентот го избра за нов претседател на државата и Министерскиот совет, а подоцна и за главен секретар на Комунистичката партија на Куба,почна полека да ја „отвора“ Куба. Во декември 2014. година САД и Куба, по 50 години без дипломатски односи, започнаа процес на нормализирање на билатералните односи.

 

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама