Хелмут Кол: едноставен Германец и голем Европеец | Свет | DW | 16.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Хелмут Кол: едноставен Германец и голем Европеец

На почетокот беше модерен конзервативец. На крајот- жив споменик. Хелмут Кол почина на 87-годишна возраст. Имаше долг политички живот. Она по што ќе го паметиме се германското обединување и европската политика.

Кога во една пригода го прашале што мисли за спомениците кои би можеле да бидат подигнати во негова чест, Хелмут Кол дури покажа дека има и смисла за хумор. Прво, рече, споменикот свечено се открива, потоа гостите си заминуваат, па доаѓаат гулабите и на крајот кучињата. „А познато е што прават тие“.

Најдоцна со падот на Ѕидот и со вештата организација на обединувањето Хелмут Кол стана човек за историските учебници. Жив споменик. Самиот тој факт го издигнува над моќниците од тоа време. Притоа, тој политички беше практично на работ во таа 1989 година, а неговите внатрепартиски критичари застанаа во фронт против својот шеф. Вистински пуч. Едвај со тешка мака ги задржа уздите на демохристијанската кола. Кол покажа витална сила дури и кога здравјето му беше сериозно нарушено. И секогаш беше вешт. Ја имаше способноста да ги спои непогрешливиот инстинкт со ефикасна стратегија. На тоа се надоврза и духот на времето, судбината, историјата, колапсот на ГДР, падот на Ѕидот. Кол ја препозна единствената можност. И делуваше.

Vertragsunterzeichnung zur Deutschen Einheit in Moskau 1990

На потпишувањето на договорот за германското обединување во Москва 1990.

Патот до обединувањето

Само три недели откако народот тргна кон источногерманските гранични премини, Кол пред пратениците на Бундестагот излезе со план во 10 точки на чиј крај беше повторното обединување. Мајсторско решение! Во тој момент планот за германското обединување сѐ уште наидува на поделени реакции во странство. Но Кол настапува одлучно пред скептиците. Одлучен е и на 19 декември 1989 година кога во Дрезден говори пред десетици илјади еуфорични Германци од истокот. Внимателно ги бира зборовите пред овој, всушност, спонтан собир. Воспоставува доверба. Реакциите се подобри од очекуваното.

Освен управувањето со германското обединување во неверојатниот успех на Кол тие години може да се вброи и неговата надворешна политика. Пријателството со Франција, продолжувањето на помирувањето со Полска, разбирањето и чувствителноста во односите со опаѓачкиот Советски сојуз беа јасни сигнали за една обмислена политика кон европското соседство.

Kohl und Gorbatschow im Kaukasus

Хелмут Кол со Михаил Горбачов

Европа како одговор

Искуството од Втората светска војна игра огромна улога во биографијата на Кол. Низ целиот живот е во траума од смртта на постариот брат Валтер, кој загинал како војник. Поделбата на Европа на Исток и Запад одлучувачки влијаат врз младиот Кол, кој на крајот на војната имал 15 години. Така млад не можел на било кој начин да биде соодговорен за злосторствата на нацистичка Германија. Тоа подоцна го нарекува „милост на доцното раѓање“ и поради тоа долго и жестоко е критикуван.

Детството во војната и младоста во урнатините создаваат од Кол класичен припадник на генерацијата која повторува „никогаш повеќе војна!“ Во согласност со тоа, како втора црвена нишка низ неговата кариера се провлекува вметнувањето на Германија во Европа- а посебно по обединувањето на Германија по 1990 година. Со знаењето да ја спои политиката со историската симболика, германскиот конзервативец му пружи рака на францускиот социјалист Митеран и тоа преку воениот ров од Првата светска војна. Кол на Европа гледа како на германска обврска. Со сета сила се бори за еврото за да го претвори европското обединување во неповратен процес. И го форсира проширувањето на ЕУ на исток- дури и по цена тоа да ја оптовари самата Унија.

Bildergalerie Gipfeltreffen G6 G8 G7 Bonn 1985

Со Маргарет Тачер и Роналд Реган во Бон во 1985 година

Едноставно германски

Ќе остане во сеќавање и личноста на Хелмут Кол, надвор од неговите историски политички успеси. За разлика од визионерот Вили Брант или експертот за економија Хелмут Шмит, Кол долго години е потценуван и исмеван како човек и политичар. Никогаш не се обидува да прикрие дека потекнува од зафрлена провинција во Фалц, а поради својата несмасна моторика долго време важи и за политичар кој не треба да биде сфатен сериозно. И сето тоа, иако токму во тие декади им носи на демохристијаните изборни резултати за какви денес можат само да сонуваат. Неговиот успех од периодот пред обединувањето почива тоа што - во најдобра смисла на зборот- се однесува како просечен Германец. Тој го симболизира германскиот маж од втората, подобрата половина на 20. век. „Хелмут Кол е видлив дел од нас“, убаво заклучи еден негов близок соработник. Беше едноставен германски тип. И голем Европеец.

Реклама