1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Хеленик Петролеум“ се „крсти“ во нова македонска влада

Костадин Делимитов
7 април 2017

Кочницата за нафтоводот Солун-Скопје го кочи енергетскиот развој на регионот. Грчката страна притиска за решение, македонската - тактизира. Кој губи, а кој добива во нафтените игри и политичкото надмудрување околу Окта?

https://p.dw.com/p/2ao5T
Österreich Öl Raffinerie
Фотографија: Reuters/H.P. Bader

Македонија има шанса да стане стратегиски центар за дистрибуција на нафта и нафтени деривати ако профункционира нафтоводот Скопје-Солун. Грчката групација „Хеленик Петролеум“ го засилува притисокот за решение на проблемот кој треба да им донесе бенефит на двете држави:

„Сакам да ја изразам нашата силна волја да седнеме со вашата нова администрација и да разговараме за сите детали. Новата влада е повеќе од добредојдена, очекуваме покана да седнеме на маса и да ги решиме проблемите како што тоа го прават добри соседи. Имаме бизнис план и подготвени сме реално да преговараме со вистинските луѓе за доброто на нашите земји. Ќе се обидуваме и нема да се откажеме од процесот“, изјави Григорис Стериулис, главен извршен директор на групацијата „Хеленик Петролеум“.

Брзото решение на проблемот со нафтоводот е едно од клучните прашања во стратегијата на „Хеленик Петролеум“ околу енергетската иднина на регионот. Идејата е капацитетите на рафинеријата Окта да се стават во функција на дистрибутивен центар, од каде поширокиот регион би се снабдувал со нафта и нафтени деривати. Ова, според грчката компанија, е единствената ефикасна алтернатива за ревитализација на работењето на Окта, која поради застарената технологија подолг период не функциоира:

Grigoris Stergioulis, CEO vom Hellenic Petroleum
Григорис Стериулис, „Хеленик Петролеум“Фотографија: DW/K. Delimitov

„Единствен начин да се рестартира рафинеријата е да се потроши огромна сума пари за нејзина модернизација, но има подобар начин, а тоа е таа да се претвори во голем резервоар, оперативна станица за претовар на цистерни. Треба да знаете дека имаме дијамант во вашата земја. Да го ставиме во функција нафтоводот и резервоарите на Окта, па ќе видите, нема да ја препознаете рафинеријата по 2 или 3 години. Но сето тоа е поврзано со проработувањето на продуктоводот. Досега имавме средби со неколку министри, сите беа ентузијастички расположени за идејата, но немаше конкретна реализација. Ова решение е подобро и од еколошки причини, а ќе отвори и работни места и ќе влијае врз брутодомашниот производ на државата“, уверен е првиот човек на „Хеленик Петролеум“. 

Во услови на сериозна политичка криза, во македонската влада засега не сакаат да конкретизираат ништо околу идните чекори за надминување на овој проблем. Последниот коментар беше дека  постојат одредени технички проблеми, но и разлики околу кои ќе се разговара откако ќе се формира нова политичка влада:

„Оваа тема е дел од поширока тема која содржи поголем број на прашања од кои дел се сѐ уште отворени. Имаме разлики во поглед на функционирање на нафтоводот, но и за други прашања поврзани со него. При решенијата водиме сметка за интересите на државата. По формирањето на политичка влада треба да се продолжат разговорите во работни групи, во позитивен дух и со добра намера со цел - квалитетни решенија“, велат од Владата.

Се чека дозвола од Владата

Од Окта веќе информираа дека цевките во нафтоводот веќе подолго време се подготвени за транспорт на дизел гориво и очекуваат дозвола од Владата. Во вакви услови виси и дилемата, дали проблемот е резултат на одредени технички прашања или сепак има и политика. Јавноста и во двете земји веќе подолг период шпекулира дека се прават обиди за одредени пазарења околу надминување на обврските на Македонија кои произлегоа од купопродажниот договор за Окта. Една од нив е и обврската за годишно купување на по половина милион тони мазут во период од 20 години, која истекува во 2019 година. Ова беше и директен повод за судскиот процес пред арбитражниот суд во Париз, каде Македонија заработи пенали поради непочитување на обврската. Истата практика останува и денес:

„Обврските според договорот за откупување на 500.000 тони мазут годишно важат до 2019 година. Владата гарантираше дека на пазарот ќе му треба ова количество, бидејќи рафинеријата, поради старата технологија, произведуваше големи количества мазут од преработката на нафтата. Но мазутот е платен само до 2006 година, а оттогаш не е платено ништо за неискористените количества, но не е ниту укината обврската“, коментираат од Окта.

Колкави се обврските кои тежат врз Македонија доволно покажува фактот дека земјата годишно има потреби од околу 90.000 тони. На овој факт предупредуваше и експертската јавност која алармираше дека Македонија нема потреба од преземање обврски за купување толкави количества мазут кои реално никогаш не ги потрошила. Дури ниту кога беше во функција ТЕЦ Неготино.

Оттука и сомнежите дека договорот за купопродажба на Окта можеби е голема коруптивна зделка која носи голем минус на Македонија, но веројатно и добар бенефит за одредени структури кои доминираа во политиката во периодот на потпишување на договорот - март 1999 година. Нафтовод Солун-Скопје во должина од 213 километри беше во функција до 2013 година, кога се стопира неговата употреба поради застој на работењето на рафинеријата. Сопственик на нафтоводот е компанијата „Вардакс С.А.“, во кој Македонија поседува 20% од капиталот.