Хајндл: избори без исполнети услови немаат смисла | Македонија | DW | 07.07.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Хајндл: избори без исполнети услови немаат смисла

Во интервју за емисијата „360-степени“ на Алсат-М, германскиот посредник Јоханес Хајндл вели дека најпрво мора да се исполнат условите па потоа да се размислува за одржување избори во Македонија.

Нема логика да се организираат избори во Македонија без да се исполнат условите за тоа, порачува во интервју за Алсат-М телевизија, специјалниот пратеник на шефот на германската дипломатија во Македонија, Јоханес Хајндл.

„Парламентарните избори треба да се одржат пред 2018 година, но претходно мора да се создадат услови за процесот да биде фер и демократски“, вели Хандл.

Германскиот дипломат во изминативе два дена, по четврти пат ги обиколи клучните политички фигури во Скопје, со цел да добие увид во состојбата и да понуди излезни решенија за длабоката политичка криза во земјата. Овојпат, единствено не успеа да се сретне со експремиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски кој бил на свадба во Италија.

Според Хајндл поважно од датумот на изборите е постигнување консензус во наредните неколку седмици, пред летните одмори, за двете клучни прашања, избирачкиот список и медиумите.

„Мојот впечаток по разговорите е дека барем за избирачкиот список би било можно скорешно решение. Во однос на медиумите се уште се водат разговори, но проблемот, а тоа е комплексна тема, е дека се надевам дека партиите ќе дојдат до решение пред летните одмори. Ако партиите самите не постигнат решение тогаш би можеле да се повикате на совет и експертиза на меѓународни експерти“, вели амбасадорот Хајндл за Алсат-М.

Хајндл последен пат ја посети Македонија пред еден месец, но во меѓувреме, политичките партии во земјата не успеаја да остварат ништо од она што беше предвидено.

Политичките лидери во меѓувреме требаше да седнат на иста маса за да разговараат за имплементација на договорот од Пржино, а техничкиот премиер Емил Димитриев уверуваше дека „ќе следат реформи за да се стигне до надоградување на стандардите во правосудството, јавната администрација, безбедносниот сектор, медиумите и меѓуетничките односи“.

Ништо од тоа досега не е реализирано.

DW.COM

Реклама