Харадинај на пат кон премиерската фотелја? | Свет | DW | 12.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Харадинај на пат кон премиерската фотелја?

„Воената коалиција“ која ја предводи Рамуш Харадинај освои најмногу гласови на изборите во Косово, но ќе мора да бара коалициски партнери. Српската листа е доминантна во српските средини. Излезноста е само 41,4 проценти.

Организацијата Демократија на дело соопшти дека врз основа на 87 проценти од пребројаните гласови, т.н. „Воена коалиција“ убедливо води со 33,2 проценти од гласовите. Оваа коалиција претходно го истакна Рамуш Харадинај како кандидат за премиер и тој се чини е на најдобар пат да ја заземе таа функција. Освен Алијансата за иднина на Косово на Рамуш Харадинај, во оваа коалиција се и Демократската партија на Косово предводена од Кадри Весељи (а претходен шеф на партијата беше Хашим Тачи), како и движењето Нисма, уште еден бивш командант на ОВК- Фатмир Љимај.

Радикалното движење Самоопределување на Аљбин Курти освои 26,6 проценти од гласовите, но коалицискиот потенцијал му е мал, зашто одбива дијалог со Србија и демаркација на границата со Црна Гора, што се централни барања на меѓународата заедница. На трето место со 25,3 насто гласови е коалицијата околу Демократскиот сојуз на Косово на премиерот во заминување, Иса Мустафа и Алијансата за ново Косово на мултимилионерот Беџет Пацоли.

Српската листа, која уживаше безрезервна поддршка од Белград, освои 4,8 проценти од гласовите. Според зборовите на Марко Ѓуриќ, директор на Канцеларијата за КиМ, таа листа во српските средини добила преку 90 проценти од гласовите, па е можно да ги освои сите десет пратеничи места загарантирани за српското малцинство. Косовскиот парламент брои 120 места, од кои десет се загарантирани за српското малцинство, а десет за останатите малцинства.

Без оглед што изборите во Косово беа водени во референдумска атмосфера, проследени со тешки обвинувања во албанската и српската заедница, на крајот излезноста беше само 41,4 проценти.

Рамуш Харадинај прогласи победа, а синоќа во центарот на Приштина неговите приврзеници славеа. Излезните анкети на косовската телевизија Клан покажаа дека „Воената коалиција“ освоила околу 37 проценти од гласовите. Каков и да биде конечниот резултат, на Харадинај ќе му треба дополнителен коалициски партнер за стабилно мнозинство. Тоа секако нема да биде движењето Самоопределување, додека и односот на Демократската партија на Косово и Демократскиот сојуз на Косово е жестоко нарушен, што и ги предизвика предвремените парламентарни избори.

Харадинај во кампањата ветуваше ревизија на сите договори со Србија и визна либерализација за Косово во рок од три месеци.

 

DW.COM

Реклама