Хан во Скопје: Малку енергетика, повеќе политика | Македонија | DW | 09.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Хан во Скопје: Малку енергетика, повеќе политика

Вниманието ќе биде насочено кон сугестиите кои комесарот Јоханес Хан ќе им ги пренесе на партиските раководства. Брисел веќе соопшти дека очекува да се формира влада, бидејќи Македонија повеќе нема време за губење.

Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, кој ноќеска пред полноќ пристигна во Скопје, денеска ќе има фреквентен ден. Ова е прва негова посета на Македонија по изборите на 11-ти декември. Иако во политичките кругови се проценува дека посетата нема да има пресудно значење во однос на преговорите за влада бидејќи тој доаѓа на министерски состанок за енергетика од процесот „Шест западнобалкански држави“, сепак, се очекува разговорите за политиката да ги засенат темите од енергетиката.

Вниманието денеска ќе биде насочено исклучиво кон сугестиите што комесарот Хан ќе им ги пренесе на партиските раководства, во духот на последната порака од официјален Брисел: дека „треба да се формира влада која ќе се потпре врз уставно мнозинство, со што е можно поширока поддршка“ и оти „земјата нема веќе време за губење“.

За овие позиции се очекува Хан да разговара попладне на средбите со партиските раководства на парламентарните партии. Претходно во текот на денот тој ќе има средби и со техничкиот премиер Емил Димитриев и со министрите Никола Попоски и Владимир Пешевски, чија партија ВМРО-ДПМНЕ поддржува став дека состојбата во Македонија „е зрела за нови избори“ и предупредува на идни проблеми доколку сега се прекрши принципот „победникот да коалицира со победникот“, односно ако СДСМ и ДУИ формираат влада.

Притисокот ќе расте

И партиите и аналитичарите очекуваат денеска попрецизно да се дефинира што значи сугестијата за обезбедување „уставно мнозинство“ и „влада со што е можно поширока поддршка“, односно дали тоа значи политичка влада поддржана од најмалку 61 пратеник или широка концентрациска влада во кој би влегле сите. Аналитичарот Башким Бакиу смета дека во моментов сите патишта водат кон втората варијанта и дека во наредниот период ќе се интензивират посетите на претставници на меѓународната зедница, со цел да предупредат дека на Македонија повеќе и штети непроменетата ситуација во однос на политичката криза.

„Нема да се разликува 'притисокот' и форматот од разговорите за време на кризата, освен што кај нас сега се сменети силите на политичките партии и политичката конфигурација. Се соочуваме со датуми за составување на влада и од таа причина сметам дека притисокот ќе расте. Од друга страна, се приближуваат локалните избори кои треба да се спроведат од која било нова влада. Во таа насока притисокот ќе биде до повеќе страни, имајќи предвид дека во периодот се реализираат контакти помеѓу ДУИ и СДСМ за можно соствување на влада, но има и притисок од ВМРО-ДПМНЕ дека со исклучувањето на 'победникот' (или како што се интерпретира - исклучување на волјата на поголемиот дел од гласачите) можно е да се продлабочи кризата. Ова практично е тема на дебатата, бидејќи ако се земат предвид гласовите на албанските партии кои сега се приближени преку платформата, плус на СДСМ, тоа практично значи едно мнозинство. Но од друга страна, досегашната соработка помеѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ дава сомнеж дека тешко може да се распушти тој 'политички брак'“, вели Бакиу.

Според него, различните струи во ДУИ тешко можат да доведат до евентуална коалиција со СДСМ, и покрај волјата на поголемиот дел од симпатизирите на ДУИ и на албанските гласачи.

„Имајќи ги предвид ваквите околности, сите патишта водат кон некаква широка коалиција (концентрациска влада) која ќе ги спроведе локалните избори и наредните предвремени парламентарни избори“, оценува Бакиу.

Потребна е политичка влада

Токму широка концентрациска влада е едно од најмалку посакуваните решенија во определбата за темелни реформи и промени, бидејќи се смета дека тоа ќе ги задуши напорите за правна разрешница на индициите за криминал кои сега ги истражува Специјалното јавно обвинителство, но и ќе ја замагли сликата за одговорноста за одлуките што ќе се носат. 

„Лично преферирам да имаме политичка влада“, вели поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска. 

„На граѓаните на Република Македонија им е 'преку глава' од влади во кои не се знаеше кој пред кого одговара, и кој е тој што ги носи одлуките. Сметам дека широка коалиција нема да биде среќно решение, бидејќи на крајот повторно ќе завршиме со предвремени избори. Она што повеќето граѓани го преферираат е да има политичка влада, со поголем број пратеници што ќе ја поддржуваат, и влада која што ќе има договорен мандат во однос на она што ќе го понуди како програма“, децидна е Марковска. 

Хан доаѓа токму во време кога течат внатрепартиски консултации меѓу ДУИ и СДСМ, но и пред одлуката на партијата на Ахмети дали потписите за неопходното мнозинство да ги даде претходно па потоа да се преговара, или кога ќе се постигне договор за влада. По тоа прашање засега стигнуваат дисонантни изјави од Мала Речица. Според потпретседателот на ДУИ, Невзат Бејта, кој учествува во преговорите, партијата интензивно работи да се формира Влада „во најкус можен рок“. Од друга страна, од партиската струја која се противи на коалиција со СДСМ велат дека секоја одлука мора да добие зелено светло од Централно претседателство, а преговарачката тројка ќе треба цврсто да ги убеди членовите во аргументите за евентуален договор со СДСМ.

Во ваква ситуација, во политичките кулоари се проценува дека посетата на Хан ќе го даде главниот импулс за насоката во која треба да се движат работите, со цел земјата побрзо да се излезе од кризата. Но, се надеваат дека ќе биде внимателен тие сугестии да не завршат со перцепција за заземање страна, со оглед дека комесарот досега многу пати потоа дообјаснуваше што сакал да каже. 

 

DW.COM

Реклама