Хавана и карипската нафта
25 декември 2014Сообраќајот се тркала по улиците на Хавана. Американските лимузини од педесеттите години на минатиот век, во кои веќе одамна во најголем дел работи мотор од некој руски или јапонски автомобил, паѓаат во очи. Но, во споредба со останатите милионски метрополи, на улиците во Хавана е невообичаено мирно.
Крај на енергетската идила
На бензинската пумпа Алехандро (името е променето) точи бензин. Автомобилот не е негов, туку на една такси компанија. За падот на цената на нафтата на светскиот пазар, Алехандро слуша за првпат. На Куба, што се однесува на цените, ништо не е променето. Веќе со недели, литар бензин е официјално едно евро, но под рака може да се добие за околу 40 до 50 центи за девизи.
Пазарот е веќе стабилен некое време. Обезбедувањето со електрична енергија и нафтени деривати е редовно. Но, на бензинската идила наскоро би можел да и’ дојде крајот. Главниот обезбедувач на Куба со нафта, Венецуела трпи од последиците на наглото паѓање на цените на нафтата на светскиот пазар.
Пред три месеци, барел нафта (159 литри) чинеше околу 100 долари. Во меѓувреме, се движи околу 60. За економии како што е венецуелската, која 90 проценти од девизите ги стекнува со продажбата на нафтата, тоа значи огромни загуби. На состанокот со ОПЕК, на главните произведувачи на нафта, на крајот на ноември, Венецуела залудно апелираше на намалување на производството, за цената на нафтата повторно да порасне. Според проценките на водечките банки, на јужноамериканската држава и’ се потребни цени меѓу 100 и 150 долари по барел, со цел да го стабилизира својот буџет. Но, во меѓувреме девизните резерви се потрошени, а Венецуела се наоѓа на работ на банкрот.
Проблемот со евтината нафта
Последица од овој драматичен развој на случувања би можело да биде затворање на славините за карипските земји, кои во рамките на договорот „Петрокарибе“, профитираат од ниските цени на нафтата од Венецуела. Тоа посебно се однесува на Куба. Венецуела објасни дека „и покрај околностите“ ќе се придржува до договорот за поевтино испорачување на нафта.
Поранешниот министер за енергетика, а сега за надворешни работи на Венецуела, Рафаел Рамирез потсети дека неговата земја, веќе во текот на периодот на евтината нафта во 2009. исто така, ги одржала своите ветувања кон карипските соседи. Но, тогаш девизните резерви на Венецуела беа значително поголеми отколку денес. Некои земји веќе покажаа сомнеж во постојаноста на обезбедувањето со нафта од Венецуела, како на пример Јамајка, Хаити или Белизе, кои веќе, како што јавува Меѓународниот монетарен фонд, почнаа да го подготвуваат теренот за намалување на зависноста од нафта од Венецуела.
Хавана (уште) профитира
Проблемите со кои се соочува Венецуела, се следат со големо внимание и на Куба. 40 проценти од своите потреби за нафта Куба ги покрива сама, остатокот го увезува и тоа најголем дел од Венецуела, според некои проценки 100.000 барели дневно.
Исто така се проценува дека Куба дел од таа нафта тајно ја продава понатаму на светскио пазар. Но, фактот дека Куба, како и останатите земји на „Петрокарибе групата“, купуваат по поволни цени и тоа, најголем дел преку долгорочни нискокаматни кредити, не ја прави по поволна ситуацијата во Венецуела.
Но, независно од моменталната состојба на пазарот, Куба веќе со години се обидува да ги намали своите потреби за нафта. Откако пропаднаа соништата за неизмерните наоѓалишта на нафта во Мексиканскиот залив (во што некое време се веруваше), властите се обидуваат засилено да се свртат кон обновливите извори на енергија, при што, најчесто се работи за био-гориво добиено од шеќерна трска. Неодамна е донесен и закон кој дозволува странски инвестиции во обновливи извори на енергија. Затоплувањето на односите на релација Хавана-Вашингтон би можело да ги забрза овие инвестиции.
Алехандро од почетокот на приказната не го интересираат сите тие приказни. Се надеваа дека бензинот сепак, во иднина ќе поевтини. Така би можел наскоро во својот резервоар да наполни повеќе од три литри колку што сега најмногу може да си дозволи.