Куриозитет: Кој е судијата кој ќе дели правда на натпреварот против Украина? | Панорама | DW | 17.06.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Куриозитет: Кој е судијата кој ќе дели правда на натпреварот против Украина?

По неколкуте „првпат“ во првиот натпревар на македонската фудбалска репрезентација на ЕП, и на вториот дуел на ЕУРО 2020 има една премиера - првпат на едно европско првенство ќе суди судија од Јужна Америка.

Аргентинецот Фернандо Рапалини е прв судија од Јужна Америка кој ќе дели правда на фудбалски натпревар на едно Европско првенство и втор неевропеец воопшто кој бил на работна задача на едно ЕП.

Тоа е уште еден факт кој ЕУРО 2020 го прави првенство кое ќе влезе во историјата. Не само што првпат има 11 земји домаќини и еден куп корона-правила, туку кога денеска Рапалини ќе означи почеток на натпреварот на Северна Македонија против Украина, ќе се случи вистинска светска премиера. Никогаш досега еден Јужноамериканец не судел на едно Европско првенство.

Кој е Фернандо Рапалини?

Роден е во Буенос Аирес и покрај својата судиска кариера, работи во семејната фирма за базени. Официјален ФИФА-судија е од 2014 година и вообичаено е ангажиран на натпревари од аргентинската прва фудбалска лига. „Фудбалот во Европа и Јужна Америка има висок квалитет и долга традиција. Тоа важи и за судиите“, ја коментираше претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, номинацијата на Рапалини.

УЕФА и јужноамериканската федерација CONMEBOL разменуваат судии, па во рамките на таа соработка, како партнер за размена на Рапалини, Шпанецот Хезус Гил Манцано ќе суди на Copa America. „Овој договор за соработка ќе ни помогне за подобрување на нашите турнири“, вели Чеферин.

За Рапалини да биде оптимално подготвен за премиерното судење, мораше пред Европското првенство, исто како и неговите колешки и колеги од УЕФА, да помине низ четиридневен курс во Истанбул и експлицитно да се подготви за финесите на ЕУРО 2020.  И тој, како и сите други судии за ЕП, заедно со својот судиски тим е сместен во Истанбул и оттаму патува до стадионите каде што треба да суди.

Повеќе:

ЕУРО 2020: „Мора да се победи“

Фотографија на денот: Македонските навивачи - надмоќни

Во долгата историја на европските фудбалски првенства досега имало само еден неевропеец кој судел на натпреварите - на ЕП 2000 во Белгија и Холандија, Египќанецот Галам Ал-Гандур судеше на два меча и остави многу добар впечаток. Сега, 21 година подоцна, на ред е Рапалини!

Аудио и видео прилози на оваа тема