Фрчат казни и пријави- загадувачите си тераат по старо | Северна Македонија | DW | 15.12.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Фрчат казни и пријави- загадувачите си тераат по старо

Инспекторите со полни раце работа - фрчат парични казни, пријави, забрани за горење отпад. Фабриките пак загадуваат без филтри, а медицинскиот отпад го разнесуваат кучиња-скитници.

Фабриката за хартија „Пејпер мил“ од Кочани заработи казна од 20 илјади евра, бидејки испуштала ПМ честички над дозволените граници. Активистите, како и градоначалникот на Кочани подолго време алармираа дека таа фабрика го загадува и воздухот и водата. Инспекторатот при увидот на терен утврдил дека се оправдани стравувањата. Сега фабриката ќе треба да плати и казна и да ги отстрани неправилностите во своето работење. Ваквата мерка доаѓа како резултат на зајакнатите инспекциски контроли изминатиов период, каде на повеќе локации во земјава се утврдени црни точки на загадувачи. Инспекторите имаат полни раце работа - се изрекуваат парични казни, се поднесуваат пријави, се издаваат забрани за горење отпад. Но, загадувачите и понатаму продолжуваат со своите нелегални активности - фабриките работат без филтри, а кучиња го разнесуваат медицинскиот отпад кој не е соодветно складиран. 

-повеќе на темата: Сезона на опасно живеење во Скопје: меѓу загаден воздух и Ковид-19

Во изминативе 23 дена се спроведени 124 надзори, од кои 28 вонредни. Издадени се вкупно 47 решенија за отстранување недостатоци, две прекршочни пријави, две забрани за горење отпад и еден записник за порамнување, односно предлози за три казни. Инспекторатот за животна средина бара помош и соработка со другите институции од областа на животната средина со цел справување со најголемите загадувачи. 

ПМ честички и медицински отпад

„Со зачувување на животна средина, го подобруваме и здравјето на граѓаните“, вели директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска чии инспектори влегле во фабриката „Пејпер Мил“ во Кочани. На 20 ноември бил направен првиот вонреден надзор, при што се утврдени емисии на прашина и јаглерод диоксид над дозволените вредности. „По инсталирање на опрема за озонирање и по повторно мерење, резултатите останаа исти, односно беа повторно над дозволените граници. Предложена е казна од 20 илјади евра и е задолжена фабриката да врши мерења еднаш неделно“, вели Петровска. Во рок од два месеци тие ќе треба да вградат филтер што ќе овозможи трајно решавање на проблемот со ПМ честичките.

- повеќе на темата: Скопје се гуши во смог, Шилегов најавува трајно решение

 Инспекторите влегле и во 40 фирми во кругот на скопска Железара. Дел од нив работеле без елаборати за заштита на животната средина. Извршен е и вонреден вечерен надзор во „Макстил“ кадешто се мери нивото на прашина која го испушта и се чекаат резултатите.
Државниот инспекторат за животна средина откри неправилности и во третманот на медицинскиот отпад во просториите на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.  Наредено е местото веднаш да се исчисти, материјалот е предаден на судска медицина и доставени се опомени до сите хируршки клиники.

Каква вода пијат тетовци

Во Тетово, пак, имало координиран надзор кој открил горење на иверка и остатоци од мебел, изречени се две забрани за горење на отпад. За малата хидроцентрала во Лешница е утврдено дека се наоѓа во близина на каптажата за водоснабдување на Тетово, но дека околината е незаштитена. Постои опасност машините да ја загадат водата која ја пијат Тетовци. Ако во рокот којшто и е даден на општината не се преземе ништо, ќе следат казни.  

Europa Luftverschmutzung in Skopje

Ако во рокот којшто и е даден на општината не се преземе ништо, ќе следат казни

Инспекторатот евидентирал и нелегален премин преку река Сатеска. По пријава на граѓани за нелегално градење на насип преку реката за премин на камиони на Викторија инвест, компанија што работи на изведба на автопатот Кичево – Охрид, според Петровска, доставено е барање до инженер за надзор да изврши контрола на движењето на камионите, насипот е веднаш срушен, а реката е вратена во своето корито.
Околу малите хидроцентрали, во МХЕЦ Белица било утврдено дека поради низок водостој, турбините не работат, односно водата кај зафатот целата се испушта преку рибјата патека. ДИЖС доставило барање за проток на водата низ турбините, да се утврди дали се испушта со закон утврдениот биолошки минимум.
„Во МХЕЦ Коселска река не беа констатирани прекршоци, но од аспект на заштита на животната средина, може да има негативно влијание на светското природно и културно наследство во охридскиот регион“, додава таа. По увидот на терен на нелегалното насипување на крајбрежјето на Охридско Езеро во населба Далјан, воспоставена е соработка со МВР и се собира доказен материјал за сторителот, прекршочна и кривична пријава ќе се достават до надлежни органи најдоцна до крајот на месецов.

Еколошки проекти

Квалитетната и здрава животна средина е еден од основните предуслови за квалитетен живот на сите граѓани. Аерозагадувањето е најголемиот причинител на предвремена смртност и зголемен број на заболувања кај луѓето. Според податоците на СЗО околу 400.000 прерано изгубени животи се предизвикани токму од аерозагадувањето. 

Nordmazedonien | Luftverschmutzung in Skopje

Загадувањето на воздухот добива најголемо внимание во јавноста во текот на зимскиот период

Загадувањето на воздухот добива најголемо внимание во јавноста во текот на зимскиот период. Почнува грејната сезона и се зголемува употребата на фосилни горива и бројот на возилата на улиците. Унапредување на квалитетот на воздухот подразбира структурни промени и самата транзиција во областа на заштита на животната средина и здравјето на граѓаните бара заеднички напор на целата заедница.

- повеќе на темата: Аерозагадувањето- заеднички проблем на Балканот

 Премиерот Зоран Заев на денешниот отчет за 100 дена од новата влада нагласи дека претстои голем фокус на еколошки проекти со цел обезбедување на поздрава животна средина – изградба на секундарната гасна мрежа, од брз и еколошки автобуски превоз во Скопје, до започната процедура за прогласување на дел од Водно како заштитена средина, покрај прогласувањето на Осоговските планини. Исто така информира дека се зголемени 20 пати глобите за загадувачите и се зголемува бројот на инспекциските служби.
„Постепено преминуваме кон еколошки извори на енергија и постепено го исфрламе јагленот. Имаме тимови за преговори за наши инвестиции во терминалот за гас во Александропулос, Грција, што ќе обезбеди трајно и стабилно снабдување со гас. Креираме сисатем што ја прави Македонија дистрибутивен центар за горива во регионот“, рече премиерот. Тој спомена повеќе проекти за изградба на ветерници со цел да се обезбедат 400 мегавати обновлива енергија со што Македонија може да стане лидер во обновливи извори на енергија во регионот. 

Гледај видео 05:12

Аерозагадување - Скопје се гуши во отровна магла

DW.COM