Фронтален напад врз германската економија | Економија | DW | 30.05.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Фронтален напад врз германската економија

По челикот и алуминиумот и автомобилите од ЕУ и Германија извезени во САД би можеле да потпаднат под новите одредби на Вашингтон за заштитни царини. Ако ЕУ одговори во иста мерка ќе почне трговска војна

Доналд Трамп и неговото семејство приватно сакаат европски и германски автомобили. Претседателот на САД, наводно, има еден Мерцедес СЛР Мекларен како и еден Мерцедес Мајбах, ќерката Тифани вози Ауди С5, сопругата Меланија седнува зад воланот на еден Ролс Ројс Фантом, а ќерката Иванка е фотографирана со еден стар Мерцедес кабриолет.

Во јавност Трамп, меѓутоа, за германските автомобили зборува со непочитување. „Германија ја трупа нашата земја со своите автомобили на Мерцедес и на БМВ“. И додава оти, од друга страна, на американските производители на автомобили им е многу тешко да ги продаваат своите возила во ЕУ. За тоа, како што вели, се виновни нееднакви аршини. Еден американски автомобил при увоз во ЕУ се царини со 10 отсто, додека за еден европски автомобил во САД се плаќа царина од 3 насто.

Трамп сака да го промени тоа. Набрзо откако стапи на должност, тој најави посебен данок од 35 отсто за увезени возила, но потоа се откажа од таа идеја. Сега овој, веројотно, најмоќен човек на светот планира нов залет: на министерството за трговија на САД веќе му наложи да провери дали увозот на автомобили ја загрозува националната безбедност на САД. Ако ја загрозува, за европските и со тоа и  за германските автомобили би можела да биде воведена царина од 25 насто. Со истата аргументација Трамп ги образложи и заштитните царини на увоз на челик и на алуминиум.

Германија тоа би ја чинело милијарди

Казнените царини тешко би ја погодиле германската автомобилска индустрија. Институтот ИФО зборува за трошоци од околу 5 милијарди евра. Тоа би го намалило германскиот Бруто-општествен производ за 0,16 отсто. „Нема земја која може да стравува од поголеми апсолутни загуби поради таквите царини од Германија“, вели Габриел Фелбемајер, шеф на центарот ИФО за надворешна трговија.

Германските производители на автомобили кои произведуваат во САД би морале да сметаат на поголеми трошоци за производство. Но, би можеле и да воведат и повисоки цени. А, дали Американците тогаш уште ќе купуваат странски автомобили како досега, тоа, дури треба да се покаже.

Според наводите на фирмата за истражување на пазарот Аутодата, европските производители на автомобили само 30 насто од возилата кои ги продале во САД во 2017 година навистина и ги произвеле во таа земја.

Ауди би бил најтешко погоден

Казнените царини најтешко би го погодиле Ауди. Фабриката од Инголштад, за разлика од Фолксваген, Мерцедес и БМВ нема производни погони во САД. И затоа би ја осетила целата сила од новите царини.

Германските производители на автомобили сметаат дека Трамп неправедно ги ставил на столбот на срамот. Тие укажуваат оти ја поддржуваат американската индустрија со 36.500 работни места во САД. Покрај тоа околу 60 насто од автомобилите кои германските производители ги склопуваат во САД одат за извоз- што е во полза на САД.

На 1 јуни истекува рокот кој Доналд Трамп го постави до воведувањето на казнени царини на увозен челик и алуминиум и за земјите од Европската унија. Тешко е да се верува оти САД ќе ја прифати компромисната понуда од ЕУ. Европејците им предложија на Американците трговски олеснувања доколку за нив Вашингтон воведе олеснувања.

На повидок е трговска војна

Стручњаците за економија сметаат оти на тој план нема да има големи последици- делот на алуминиум и челик во вкупната трговија меѓу ЕУ и САД изнесува само 0,9 отсто.

Стручњаците сметаат дека спорот околу челикот и алуминиумот би можел да биде само вовед во сеопфатен напад на Доналд Трамп врз Германија. Бидејќи, тој веќе подолго време го критикува високиот трговски дефицит на САД со ЕУ,а посебно со Германија.

Ако Трамп го оствари својот план за царините на челик, алуминиум и за автомобили, набрзо би можело да дојде до создавање на опасна спирала на трговска војна, ако ЕУ како противмерка воведе свои царини на производите од САД како што се виски, мотори или тексас платно. Трамп веројатно ќе реагира со натамошни мерки.

 

DW.COM

Реклама