Фридом Хаус: Медиумите во Македонија не се слободни | Северна Македонија | DW | 27.04.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Фридом Хаус: Медиумите во Македонија не се слободни

Македонија е прва земја во регионот и меѓу ретките во Европа која го доби статусот на неслободна во однос на состојбата медиумите. За жал, дојдовме до дното, но тоа не е незаслужено“, вели за ДВ, Жанета Трајкоска.

Статусот на Македонија од „делумно слободна“ во „неслободна“ земја за медиумите е спуштен поради откритијата за широко распространето и илегално прислушкување на новинари, коруптивните врски меѓу функционери и сопственици на медиуми, и зголемувањето на заканите и нападите врз медиумските работници.

„За жал, дојдовме до дното, но тоа не е незаслужено“, вели за ДВ, Жанета Трајкоска, директор на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста од Скопје. „Сега прашањето е што може да направиме да се одлепиме од дното и да го почнеме одново кругот на освојување на медиумските слободи и новинарски права“, дополнува Трајковска.

Фридом Хаус констатира дека македонскиот медиумски пазар е длабоко поларизиран долж политички линии.

„Автоцензурата меѓу новинарите е вообичаена, во најголем дел поради притисокот од сопствениците на медиумите со одредени бизнис и политички интереси, и од неодамна, загриженост од прислушкување. Новинарите се слабо платени и се соочуваат со закани и малтретирање доколку се впуштат во истражувачко или критичко известување“.

Севкупниот скор на Македонија е 62 поени, со тоа што на врвот се оние земји кои имаат најмалку поени и кои се сметаат за слободни. На европскиот континент полоша медиумска состојба е евидентирана само во Русија, Белорусија и Турција. Овие три земји заедно со Македонија се единствените кои влегуваат во кругот на „неслободни“.

Во регионот на Југоисточна Европа сите останати земји се водат како „делумно слободни“ во однос на слободата на медиумите.

„Не можам да се сетам дали Македонија во минатите 25 години била во друштво на неслободни држави, односно држави во кои не само што е ограничена слободата на изразувањето, туку самите медиуми придонесуваат да си ја намалат сопствената слободата и да ја зголемат цензурата“, вели Трајкоска.

„Не е убаво да си ја видиш државата во друштво со Русија и Турција и со најлош статус речиси во цела Европа. Но, за нас тоа не е ништо ново“.

Proteste der Journalisten 23.10.2013 in Skopje

Новинарски протести во Скопје во 2013 година

Медиумите како политичко-партиски памфлети

Фридом Хаус наведува две клучни поенти кои влијаат на крајната оценка, покрај веќе познатиот скандал со прислушкување. Во првата група влегуваат тесните врски на сопствениците на медиумите со бизнисот и политиката, и „несоодветното политичко влијание на владата врз содржините на јавниот сервис и контрола на врз надзорните тела.

„Како што се зголемуваше извесноста за предвремени избори во 2016 година, најпроминентните приватни телевизии го ескалираа провладиното известување и критиките кон опозицијата“, се наведува во извештајот.

Во втората група, во која се анализираат економските околности на медиумскиот пазар, се забележува дека „транспарентноста на сопственичката структура се нарушува преку користење на посредници (прокси) и тивки партнери“. „Странските инвестиции во медиумите се ограничени на српски компании. Српска медиумска група фактички има монопол врз печатените медиуми и дистрибуцијата, а нејзиниот сопственик има врски со високи безбедносни функционери“.

„Не може да очекуваме мерењата на фундаменталните слободи, меѓу кои и слободата на печатот да покаже поинаков резултат кога медиумите во Македонија станаа политичко-партиски памфлети, и билтени на МВР, а новинарството се сведе на средство преку кое се оцрнуваат политичките противници и било кој што има различно мислење од врхушката на власта“, вели Жанета Трајкоска.

Во студијата „Држави во транзиција“ која Фридом Хаус ја објави на 12 април, Македонија исто така забележа голем пад и се најде на европското дно. Назадување е констатирано во шест категории: демократско владеење, изборен процес, независни медиуми, правна рамка и независност, корупција и демократски рејтинг. Во седмата категорија - граѓанско општество, се бележи мало подобрување.

Поврзана содржина

Реклама