Фридом Хаус: Македонија на чекор до авторитарен режим | Македонија | DW | 04.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Фридом Хаус: Македонија на чекор до авторитарен режим

Македонија во најновиот извештај на Фридом Хаус за „Нации во транзиција“ е сместена во групата земји со транзициски-хибриден режим на граница кон автократија. Во 2016 година Македонија забележала натамошен пад.

Според параметрите на американската невладина организација Фридом Хаус, Македонија е транзициски-хибриден режим кој опасно се приближува кон полуконсолидиран автократски режим. Во денеска објавениот извештај „Нации во транзиција“, кој опфаќа 29 поранешни комунистички држави од Европа и Азија, во Македонија е нотирано ново назадување во 2016 година. Степенот на демократизација на земјите се мери на скала од 1 до 7, а се оценуваат: демократското владеење на национално ниво, демократското владеење на локално ниво, независноста на медиумите, граѓанското општество, правната рамка и независноста на судството и корупцијата. Оценката 1 на скалата значи највисок степен на демократија. Македонија годинава има просечна оценка од 4.43, а зад неа во регионот се само БиХ и Косово. Минатата година, просечната оценка за македонската демократија во 2015 била 4.29. Севкупно, во периодот од 2005 до 2016 година, Македонија е земја со најголемо назадување од земјите во регионот на Балканот.

Доколку во наредниот период земјата ја „достигне“ оценката 5, веќе ќе влезе во групата авторитарни режими заедно со Киргистан, Белорусија, Русија, Азербејџан и други поранешни советски републики.

По одделни ставки, Македонија веќе се смета за авторитарен режим во однос на демократското владеење на национално ниво (оценка 5) и слободата на медиумите (5.25), а многу блиску до таков статус е и во однос на независноста на судството и корупцијата - за кои заедничката оценка е 4.75.  Највисока оценка во Македонија има граѓанското општество (3.25), додека изборниот процес и владеењето на локално ниво се оценети со 4.

Како примери од земјата, во извештајот на „Нации во транзиција“ се наведуваат изречените закани од поранешниот премиер Никола Груевски и загрозувањето на мултиетничкиот карактер на државата кое ѝ се припишува на истата адреса.

„Во Македонија, поранешниот премиер Никола Груевски сугерираше дека треба да се изврши атентат врз опозицискиот лидер Зоран Заев“, пишува Фридом Хаус. „Во меѓувреме, заканите кон невладините организации достигнаа ново ниво со иницијативата наречена 'Стоп операција Сорос', основана од уредници во државната агенција МИА и два провладини информативни портали“.

Дополнително, се наведува во извештајот, „Груевски го става во опасност мултиетничкиот карактер на неговата држава со поттикнување националистички сентимент против Албанците“. 

Годинешниот извештај „Нации во транзиција“ особено се осврнува на опасноста од популизмот во Европа и во земјите кои се предмет на анализа. 

„Во својата основа, популизмот спротивставува мистично обединета 'нација' против корумпирани 'елити' и надворешни непријатели, а на харизматичниот лидер му ја доделува моќта да ја искажува волјата на нацијата. Оттука, тој е фундаментално илиберален, одбивајќи ја различноста на идентитети и мислења во општеството и отфрлајќи ги основните принципи на модерното уставно размислување: дека демократијата бара ограничувања на волјата на мнозинството и контрола на одлуките на егзекутивата“, гласи дел од дефиницијата за популизмот во извештајот „Нации во транзиција“. 

DW.COM

Реклама