Фридом Хаус: Македонија закотвена на дното | Северна Македонија | DW | 12.04.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Фридом Хаус: Македонија закотвена на дното

Македонија го бележи најголемиот пад во демократските стандарди од сите европски земји, соопшти организацијата Фридом Хаус. Груевски ја кочи имплементацијата на реформите.

Во шест од вкупно седум категории со кои се мери демократскиот напредок, Македонија бележи голем пад и се наоѓа на европското дно, се наведува во студијата „Држави во транзиција“ која ја изработува Фридом Хаус.

„И покрај обвинувањата за лажирање на избори, корупција и измами кои доведоа до најголемите протести во Македонија во последните години, поранешниот премиер Никола Груевски ја закочи имплементацијата на реформскиот договор постигнат со посредство на ЕУ и најверојатно ќе се врати на власт преку вонредните избори закажани за јуни годинава“, се наведува во извештајот.

Фридом Хаус бележи назадување во шест категории: демократско владеење, изборен процес, независни медиуми, правна рамка и независност, корупција и демократски рејтинг. Во седмата категорија - граѓанско општество, се бележи мало подобрување.

По напредокот во периодот од 2004 до 2010 година, целиот балкански регион веќе шеста година по ред бележи назадување, а регионалниот демократски рејтинг е на нивото од 2004 година. Со исклучок на Албанија, демократскиот рејтинг на сите кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ е во опаѓање - вознемирувачки индикатор за нивото на нивната посветеност кон стандардите на ЕУ, заклучува Фридом Хаус.

„На Балканот, лидерите на Србија, Македонија и Црна Гора ја искористија конфузијата во ЕУ во нивна корист, играјќи на картата дека желбата за стабилност ќе ги засени јасните докази дека одредени политичари и политички партии ја заробија државата за да ги промовираат сопствените интереси“, се наведува во извештајот.

На ниво на Европа, организацијата заклучува дека нејзината разединетост го отворила патот на „популистите“. „Водечки политичари во Централна и Источна Европа - поддржани од нивни колеги во Западна Европа - ги прегрнаа ксенофобијата и национализмот, позиционирајќи се како заштитници на христијанскиот идентитет на своите земји и против 'инвазијата' на муслиманите. Предизвиците за Европа кои досега беа олицетворени во дрскиот илиберализам на Унгарецот Виктор Орбан не се веќе концентрирани само на една земја; тоа станува посакуваниот пристап меѓу државите кои и се придружија на ЕУ по 2000 година“, заклучува Фридом Хаус.

Реклама