Фрај: Разговори со посредство на независен медијатор | Македонија | DW | 29.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Фрај: Разговори со посредство на независен медијатор

Најлош начин на решавање на еден конфликт е употреба на насилство, вели пратеникот во Бундестагот Торстен Фрај (ЦДУ). Тој смета дека најдобро би било сега да се разговара со посредство на независен медијатор.

ДВ: Како гледате на актуелните случувања и колкава е опасноста од натамошно влошување на ситуацијата?

Торстен Фрај: Сигурно најлош начин е конфликт да се решава со насилство. На тој начин отворениот јаз станува само подлабок. Затоа, по вчерашниот развој на ситуацијата, мислам дека има голема опасност од натамошно заострување на конфликтот. ВМРО-ДПМНЕ нема да ги толерира постапките на другите партии, како вчера при изборот на нов претседател на парламентот, без да преземе ништо. Таа и натаму е во состојба да мобилизира голем дел од населението, конечно таа и освои најголем број гласови на изборите. Решение кое нема да биде поддржано од страна на ВМРО-ДПМНЕ нема да може да донесе трајно смирување на ситуацијата. Треба да се причека на наредните случувања. 

Можеше ли да се очекува вакво сценарио?

Беше јасно дека една од двете страни ќе се обиде да ја прекине блокадата. ВМРО во последната недела најавуваше дека би била подготвена на компромиси или на голема коалиција. Потегот на СДСМ и неговите партнери за избор на претседател на парламентот заобиколувајќи го протоколот и деловникот на парламентот, откако седницата веќе беше завршена, сепак беше изненадување, иако моментот изгледа како да е сосема испланиран. Севкупно, имам впечаток дека ова било одамна планирано. Интересно, претставниците на ЕУ и на САД реагираа позитивно многу бргу.

Кој, според Вас, е најдобриот начин да се реагира?

Според мое мислење, потребни се разговори. Најдобро би било со посредство на независен медијатор, кој би бил прифатен од двете страни. Едноставно да се премине на дневен ред не е адекватно. Она што ни е потребно е одржливо решение.

Како гледате на последиците по регионот?

Тешко е да се предвиди. Според мене, конфликтот во моментов е од чисто политичка природа меѓу ВМРО и СДСМ. Во моментов не гледам опасност од етнизирање на конфликтот. Но, се разбира, ако се погледне аргументацијата на македонскиот претседател и можното влијание од Тирана, тоа може и да се промени. Во тој поглед, многу бргу на крајот тоа би можело да се одрази и на соседните земји, како Албанија или Косово. Сите страни мора да останат помирливи и да разговараат едни со други.

DW.COM

Реклама