Франција неспособна да се реформира | Економија | DW | 23.07.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Франција неспособна да се реформира

Француската влада конечно протурка во парламентот реформа на пазарот на работна сила – оти воопшто не се гласаше за неа. Но, новиот закон е штрбав и не го заслужи толку големиот ангажман, смета Барбара Везел.

Месеци на улични протести, внатрепартиски спор во владината социјалистичка партија, блокада од страна на опозицијата – и на крајот од толкавото тресење на законодавната гора се роди глувче. Дури и ова е претерано: она што произлезе од хаотичните обиди за реформирање на закоравниот француски пазар на работна сила, во најдобар случај е болва – една сосем мала законска промена, која не може да создаде ни нови работни места, ниту поголема флексибилност.

Што всушност содржи реформата?

Со штрајкови и делум насилни протести, француските синдикати од пролетта сторија сѐ за да го закочат претседателот на државата Франсоа Оланд. Но, нивниот придонес беше само остатокот во тој тегав реформски обид; главното уште пред тоа го стори самата владеачка партија. Нејзиното лево крило толку долго опстојуваше врз разводнување на реформскиот закон, што на крајот на законот не му остана ниту еден заб.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*

Барбара Везел

Дури и потоа претседателот сметаше дека е принуден да ја изнуди таквата беззаба реформа без гласање во парламентот. Според француското право тоа е можно, но претставува драматичен знак за слабост на владата. А на крајот всушност уште никој и не знае што точно стои во законот. Сосем малку е проширена досегашната 35-часовна работна недела, малку е ублажена заштитата од отказ, овозможени се спогодби внатре во претпријатијата во одредени пригоди. Работодавачите не ја сакаат реформата, оти таа ги прави уште понепрегледни веќе и онака компликуваните правила.

Болеста на француската левица

Зад промашената реформа на пазарот на работна сила се крие еден подлабок проблем. Левичарските француски синдикати не знаат за социјално партнерство, туку само за борба во интерес на нивните членови. Тие навистина одамна застапуваат само едно малцинство, но уште се способни да ја заплашат и одвратат владата. Нивната борбена реторика звучи како во 20-те години на минатиот век. Но, тие и натаму имаат поддржувачи од левото крило на социјалистите.

Синдикатите и нивните поддржувачи си го олеснуваат животот: наместо да размислат како може притисокот од глобализацијата и од конкуренцијата да се усогласи со добри социјални стандарди, тие се борат за неменување на состојбата. Ако нема доволно работни места, државата мора да ги создаде. Ако веќе не е можно да се плаќаат предимензионираните јавни служби, треба да се прават нови долгови. И потоа? На ова прашање догматичарите никогаш е одговорија.

Социјалистите самите си се демонтираат

Традиционалната левица во Франција деновиве самата си се демонтира. Таа ќе пропадне на наредните избори, оти владата на Оланд имаше налог да ја промени земјата, а не успеа. Меѓу причините е и раскараноста на партијата и нејзините поддржувачи, кои до крв се борат едни против други. Оние во редовите на Социјалистичката партија, кои одбиваат да ја согледаат реалноста, како би се рекло, ја тераат партијата на самоубиство во страв од смрт. Слична работа токму може да се види и кај британските лабуристи.

Франсоа Оланд е слаб претседател оти не успеа да ја обедини својата партија. На наредните избори десничарите ќе го преземат кормилото, а Французите ќе бидат среќни ако тоа бидат конзервативните републиканци, а не Националниот фронт (десно-популистичката партија на Мари Ле Пен – н.з.). Тогаш француската левица можеби ќе добие последна шанса да се модернизира – или ќе потоне. Притоа не можат да помогнат ни Британецот Џереми Корбин, ниту Берни Сандерс во САД, Вчерашните, кои ги прегазило времето, за жал, немаат одговори на прашањата на денешницата.

Реклама