Франција и по 60 години ја задушува Африка | Свет | DW | 22.08.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Франција и по 60 години ја задушува Африка

Шест децении откако прогласија независност, франкофонските држави во Африка и понатаму се под контрола на Париз. Франција ги контролира политички и економски и ги користи нивните ресурси. На младите Африканци им е доста.

Слобода, олеснување, надеж- тоа беа чувствата на милиони Африканци кога пред 60 години заврши францускиот колонијален режим. 14 француски колонии ја добија својата независност во 1960 година: Бенин, Буркина Фасо, Гвинеа-Бисау, Брегот слонова коска, Мали, Нигер, Сенегал, Того, Камерун, Чад, Конго-Бразавил, Екваторијална Гвинеја, Габон и Централно Африканската република.

Во 1830 година, Франција нпрво го запоседна Алжир, а потоа следуваше областа на Сахара и големи делови од западна и централна Африка. Беа потребни децении за да се скинат синџирите на ропството. Најпрво во 1946 година Франција ја создаде Француската унија, со што им дозволи на африканските колонии да испраќаат политички претставници во Националното собрание - но без право да говорат. Во многу региони започна да расте отпорот против Франција. Гвинеја беше првенец и ја доби својата независност во 1958. - како прва од земјите од францускиот посед.

Без слобода, нема независност

„60 години подоцна, франкофонските земји во Африка се’ уште немаат вистинска независност и слобода од Франција“, вели Натали Јамб, советник на Партијата за слобода и демократија на република Брегот слонова коска (ЛИДЕР).

Тоа започнува од школските учебници чија содржина и натаму мора да биде одобрена во Франција. Во многу држави и натаму е во сила политичкиот систем наметнат од Франција.

„Непосредно пред независноста од 1960 да стане реалност, Франција одлучи во земјите, како што е Брегот слонова коска, да го укине парламентарниот систем и на негово место да воведе претседателски, со кој сите територии и поседи се ставаат под контрола на шефот на државата“, вели Јамб.

Целта е јасна, вели соговорничката:

„За да се држат земјите и натаму под контрола, полесно е да се манипулира со еден човек кој кај себе ја има сета власт“.

Франсафрик (Françafrique), француското влијание во поранешните колонии, и натаму опстојува, додека кај младите расте бесот кон поранешните колонијални господари. Уште од 1980-те години, бројни претседателски кандидати ветуваат раскин со Франсафрик.

Но, тоа ветување за нов почеток меѓу Франција и франкофонските африкански држави во меѓувреме стана празен ритуал, вели Иан Тејлор, професор по африканска политика на Сент Ендрјус во Шкотска.

Infografik Ehemalige französische Kolonien in Afrika und ihre Unabhängigkeit EN

Поранешни француски колонии во Африка

„Тие најавуваат промени, но кусо по преземањето на функцијата, француските претседатели забележуваат дека економските и политичките интереси во Африка се пресилни и дека нема вистински интерес од обете страни за промени“.

Ресурси, контрола и војска

Но зошто ни африканските, ниту француските елити не сакаат да се ослободат од Франсафрик? Според Пол Мели, советник за африканската програма на британскиот тинк-тенк Четам Хаус, се работи за приватните интереси на елитите. Во 1962 година, францускиот претседател Шарл де Гол му наложи на својот советник Жак Фокар да го реализира Франсафрик.

„Фокар изгради мрежа од лични контакти меѓу француското раководство и елитите во поранешните француски колонии“, вели Мели.

„Честопати, тоа беа многу лични врски, со еден нетранспарентен, многу патерналистички и контролирачки карактер“.

Фокар склучи договори со владетелите на земјите кои се актуелни и ден- денес: Во замена за воена заштита од обиди за пуч, и за милионски провизии, африканските лидери им дадоа пристап на француските компании до стратешките ресурси како дијаманти, рудни богатства, гас и нафта.

Денес Франција ужива солидно присуство на континентот- со 1,100 концерни, повеќе од 2,100 ќерки-фирми и трет најголем инвестициски влог зад Велика Британија и САД.

Игри на зборови наместо промени

Колонијалниот пакт, притоа, и натаму и гарантира на Франција првенствено право на сите природни ресурси и привилегиран пристап до државните договори.
Сето тоа е многу фрустрирачки, вели Јамб.

„Претседателите на овие африкански држави повеќе сакаат и натаму да и’ служат на Франција, одошто да ги заштитат интересите на сопствениот народ. Младите африканци се оние кои се залагаат за вистинска независност и кои сакаат да расчистат со овие наметнати, нездрави врски со Франција“.

Каролин Руси, стручен соработник на Институтот за меѓународни и стратешки односи во Франција, не мисли така.

„Независноста не е целосна, но не може да се споредува со состојбата пред 60 години. Франција и претседателот Емануел Макрон се обидоа да ги сменат состојбите и најавија една нова историја меѓу Франција и Африка. Му ставаме крај на Франсафрик“.

Zeichnung Franzosen in Timbuktu 1894 (picture-alliance/akg-images)

Француски војници во Тимбукту 1894 година

Првиот чекор на тој пат требаше да биде „Африка-Франција“ самит на францускиот и сите африкански влади. Но тој беше одложен поради пандемијата на коронавирус.

Но оваа иницијатива за Јамб е само игра на зборови.

„Франсафрик, Африк-Франс- можете да си играте со зборови, но тоа не го менува системот“.

Според неа, односите меѓу двете страни во времето на Макрон дополнително се влошиле.

„Макрон се однесува како Де Гол и не ја ни крие својата желба насилно да ја одржи таа врска меѓу Африка и Франција“, вели Јамб.

Без Африка, нема Франција

„Доколку Франција ја загуби Африка, нема веќе Франција“, вели Јамб. „Макрон се обидува да и‘ наметне на Африка една врска, која африканците повеќе не ја сакаат“.
Пример за тоа е Еко, новата западноафриканска регионална валута, која треба да ја замени т.н. Франк-ЦФА.

„Се работи за стар проект наречен Ековас, кој Франција сега се обидува да го киднапира. Тие велат дека го менуваат системот, но всушност го менуваат само името. Тоа мора да биде иницијатива на африканските влади, а не Франција да го нуди и планира“, вели Јамб.

Валутата Франк-ЦФА е директно врзана за еврото, што пак ја прави независната монетарна политика невозможна. Притоа, африканските држави ставаат речиси 65 отсто од своите девизни резерви во француската државна каса.

„Звучи неверојатно, но африканските влади не знаат колку пари од државната каса и’ припаѓаат на секоја одделна земја“, вели Тејлор. Тој вели дека Франција ги користи парите на африканските држави како развојна помош и со тоа си го зголемува влијанието во регионот.

Со новото Еко, трансферите на пари од Африка кон Франција ќе запрат, но неговата вредност и натаму ќе биде врзана за еврото.

„Првиот вистински чекор кон вистинска независност за франкофонските земји во Африка е да го закопаат ЦФА франкот. А со тоа и Франсафрика“, вели Тејлор.

Но она што најмногу им треба на франкофонските држави, 60 години по независноста, се африкански елити кои се подготвени да ја стават Африка на прво место.

Реклама